Убава Македонија

ГОПЕШ - СМИЛЕВО

Александар Матески

Околу петнаесетина километри пешачење по патеката, почнувајќи од планинскиот превој Ѓавато (помеѓу Битола и Ресен), преку Гопеш до Смилево, на околу илјада метри надморска височина, е идеалната прошетка за овој период од годината. Патеката е шумска, а дел, што е сè уште одржан во добра состојба, се совпаѓа со патот направен за потребите на фронтот од Првата светска војна. Патот бил изграден од страна на германската војска која свој штаб имала во селото Гопеш. Некогаш ова живо, динамично место по кое се движеле трговци и селани, но и бројни странски војски, денес се посетува само од ловџиите во потрага по дивечот кој го има во голем број во тој предел. Останата и зачувана е неговата недопреност, чистота и мир.

Гопеш е првото село до кое се доаѓа по околу двочасовно движење. Големото влашко село основано од доселеници од околината на градот Москополе во денешна Албанија, што денес е речиси целосно раселено, својот најголем развој го достигнува во периодот од почетокот на XVIII век, па сè до крајот на XIX век. Посебно интересни податоци за ова населено место, во кое во 1900 година живеат околу 2450 луѓе, се дека било место со силно изразен градски дух и култура од каде што излегле голем број интелектуалци, но и место со свое корзо, калдрма, па дури и улично осветление. Во Гопеш во 1750 година е формиран и театар во кој бил изведувани и дела од Молиер на што посебно се горди денешните потомци. Централно место во селото има црквата „Св. Преображение“, прекрасно архитектонско дело од 1871 година со убав двор и конаци, чие реновирање е во тек. Но, за жал, пред околу една година повеќе од четириесетина вредни икони од црквата, дела на учениците на познатиот Дичо Зограф, беа украдени со што Македонија повторно, и по којзнае кој пат, загуби значаен дел од своето културно наследство.
Речиси за цело време додека се движите, од десната страна на шумската патека која води кон Смилево, се гледа вештачкото езеро „Стрежево“. Само од тоа место може да се види во целата своја големина и убавина. Придобивките не се само во убавината и во посебната микроклима, туку езерските води се користат и како вода за пиење во Битола.


До Смилево знаете дека сте блиску кога ќе го почувствувате мирисот на чадот од ќумурот кој овде сè уште се произведува на традиционален начин. Дури потоа низ густата шума ќе го забележите селото. Самиот начин на производство на ќумур е атракција што ретко каде на друго место може да се забележи. Дрвата се местат во дупка која потоа се покрива со земја, се палат и огнот тлее околу две седмици. Иако звучи едноставно и лесно, производството бара постојано надгледување и внимавање и е многу комплицирано и тешко, но не и за таму каде што знаењето и искуството се пренесува од колено на колено и каде што процесот на производство се учи уште од детството. Смилево, мијачкото село во Демирхисарско, пред сè е познато по големите настани што го поврзуваат со илинденскиот период. Тоа е местото каде што е роден Дам­јан Груев, но и местото каде што се одржува Смилевскиот конгрес од 2 до 7 мај 1903 година, конгресот на кој е донесена одлуката за кревање на Илинденското востание. Во селото е изграден и спомен-дом на Смилевскиот конгрес во кој е изложен дел од оружјето од тој период, како и вредни фотографии од едно славно херојско минато на селото. Покрај ќумурот и пензиите, ѕидарството и собирањето на шумски плодови се основните начини на обезбедување егзистенција на населението. Изолираноста на селото и економската изнемоштеност стануваат небитни по првите контакти со локалното население и нивното гостопримство. Смилево не заслужува да биде село што ќе се споменува и посетува само за илинденските празници. Смилево е многу повеќе од тоа.


Есента е прекрасно време, а најголемиот доказ за тоа е токму патеката Ѓавато–Гопеш–Смилево. Прекрасно е патувањето низ времето без посебен физички напор, чист воздух, недопрена природа, убава шума и сите видови на бои.

 

ПРЕПОРАЧАНО