Финансии / Банкарство

Јапонскиот јен со најниска вредност во однос на доларот

Јапонскиот јен ја достигна најниската вредност во однос на доларот во последните 34 години. Јапонската валута се разменува за повеќе од 160 јени за еден долар, по објавата на податоците за  инфлацијата во САД, кои се подобри во однос на претходните проекции, со што се намалија очекувањата дека каматните стапки во САД ќе бидат намалени оваа година.

Доларот на денешното тргување вредеше 160,17 јени, што е најниско ниво од 1990 година, а тоа ги поттикна шпекулациите дека јапонската влада ќе интевренира за да ја зачува вредноста на националната валута, пренесува „Јапан тудеј“.

Минатиот петок беше објавен податокот за зголемувањето на индексот на лична потрошувачка (ПЦЕ) во САД, а Банката на Јапонија (БоЈ) се откажа од натамошното затегнување на монетарната политика. Официјалните лица изјавија дека се подготвени да интервернираат доколку се случат поголеми промени на девизниот курс на јапонскиот јен.

Растот на индексот на лична потрошувачка во САД дојде по третиот последователен раст на индексот на потрошувачките цени. Ова предизвика воздржаност кај раководството на Федералните резерви на САД кои предупредија дека нема предвреме да се намалуваат каматните стапки, а тоа ги поттикна инвеститорите да ги ревидираат своите очекувања за тоа колку намалувања ќе има оваа година. Засега, е најавено само едно намалување на каматните стапки во САД. Јапонската национална банка минатиот месец за прв пат ги зголеми каматните стапки,  во последните 17 години, бидејќи инфлацијата достигна околу два проценти по деценискиот период на дефлација и стагнација, пренесува „Бизнис.рс“.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО