Интервјуа

Технологијата е менлива материја, а ние константно создаваме иновации кои ги водат трендовите во дигиталниот свет

Интервју со Филип Силјановски, генерален менаџер на „Инграм Микро“ за Северна Македонија, за Албанија и за Косово

Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2024г.

Од самото основање, групацијата „Инграм Микро“ е позиционирана како лидер за технологија и за логистика, а нашиот успех се темели на постојаните иновации, врвниот кадар и желбата за постојан напредок. Ние секогаш гледаме „еден чекор понапред“ и токму затоа денес не постои компанија во светот која обезбедува толку широк и сеопфатен спектар на технички и на логистички услуги, истакна Филип Силјановски, генералниот менаџер на „Инграм Микро“ за Северна Македонија, за Албанија и за Косово. 


Како „Инграм Микро“ се позиционираше како технолошки глобален лидер?

Силјановски: Нашата компанија е основана во 1979 година и е еден од најголемите светски дистрибутери во областа на ИТ-опремата. Нашата групација има претставништва во 45 земји и 154 дистрибутивни центри во светот и брои околу 27 000 вработени лица. „Инграм Микро“ работи со над 1 700 доставувачи и клиенти и работи со над 200 000 партнери во 160 земји. Она што е навистина значајно е тоа што од самото основање сме позиционирани како глобален технолошки лидер, а нашиот успех се должи на постојаното следење на менливоста на пазарот, на иновациите кои ги создаваме врз основа на потребите, како и на константното надградување на нашите експерти.

Која е вашата примарна дејност?

Силјановски: Групацијата „Инграм Микро“ е најголемиот светски дистрибутер и денес не постои компанија во светот која обезбедува толку широк и сеопфатен спектар на технички и на логистички услуги. Ние на нашите клиенти им обезбедуваме широк спектар на услуги и на решенија од „крај до крај“, како и поддршка во сите фази од деловниот циклус. Нашата главна цел е технолошка и логистичка поддршка за оптимизирање на бизнисите. „Инграм Микро“ им помага на своите партнери во пракса да го искористат целосниот потенцијал на напредните технологии, односно ние им помагаме да се адаптираат на промените и да ги применат комплексните технички решенија ефикасно.

Кои се вашите гледишта за моменталната состојба во ИТ-индустријата?

Силјановски: ИТ-секторот е во постојан раст и напредок бидејќи тесно работи со напредокот на бизнисите. Светот станува сè „подигитален“ и нашето дејствување е клучно на тој пат. Нашата индустрија, всушност, го креира тој дигитален свет. Она што можам да го истакнам за тековниот период е дека динамиката на промените на технологиите е сè поинтензивна, односно трендовите во технологијата се менуваат многу брзо, додека од друга страна се забележува дека малите и средните претпријатија − партнерите имаат сè поголем проблем да ја следат динамиката на овие промени не само на нашиот пазар туку и на другите пазари и тука настапува нашата улога, да им помагаме технички на нашите партнери и да им обезбедиме поддршка за полесно да ги воведуваат комплексните технички решенија.

Да се осврнеме на сајбер-безбедноста. Како што рековте, светот станува сè подигитален и тоа само по себе носи одредени ризици. Колку сте посветени на таа област?

Силјановски: Сајбер-ризиците се постојани и навистина е тешко да се следат во чекор бидејќи како што се менуваат технологиите така се менуваат и опасностите, но ние како „Инграм Микро“ и нашите експерти од тој домен интензивно работиме на надградување на знаењето со цел да можеме да создаваме безбедни решенија врз кои е тешко да се извршат сајбер-напади. За жал, во последно време, на светско ниво, сведочиме на зачестената појава на тие напади, но од друга страна морам да нагласам дека сè повеќе експерти од ИТ-индустријата се насочуваат токму на оваа сфера со што се смета дека во иднина можноста за вакви напади ќе се минимизира.
Во неколку наврати го споменавте надградувањето на знаењето. Дали е тоа клучно за напредокот во ИТ-индустријата?
Силјановски: Суштински гледано, како што кажав претходно, динамиката на промената на технологиите станува сè побрза и побрза и тоа само по себе покажува дека инженерите од оваа област мора постојано да ги следат тие модерни текови и да имаат знаење да работат со нив. Морам да напоменам дека информатичката технологија и вистинските решенија денес се менуваат толку брзо што е многу тешко да се следи оваа динамика дури и за квалификуваните инженери. Технолошката експертиза станува подвижна цел наместо статична и предефинирана крива на учење како што беше пред неколку години. За ИТ-професионалците денес е задолжително да инвестираат во својата експертиза и во своите вештини со цел да останат конкурентни на ИТ-пазарот.

По што се издвојуваат вашите тренинг-центри од останатите?

Силјановски: Секојдневно бележиме огромни успеси во нашите тренинг-центри во Белград, во Љубљана и во Загреб и убедени сме дека истиот успех ќе го постигнеме и во новиот центар во Скопје. Во овие центри се спроведени обуки на голем број ИТ-инженери со што целокупно е напредната експертизата од оваа област во Југоисточна Европа. За разликите на нашите тренинг-центри со останатите, морам да нагласам дека тука постојат повеќе нешта. Ако го погледнеме пазарот, сите тренинг-центри имаат некакви добри карактеристики, но можеме да кажеме дека „Инграм Микро“ опфаќа сè, дистрибутер на ИТ-опрема е, така што го познава целосно пазарот. Друго, лицата кои ги вршат обуките се постојано вработени, во целост ја разбираат проблематиката и во континуитет разменуваат искуства со своите колеги од целиот свет. Ние имаме авторизирани и персонализирани тренинзи и тие се сертифицирани. Нашата мисија е да се премости јазот меѓу луѓето и технологијата, односно, како што напоменав, неопходно е да одговориме на барањата на пазарот со постојаниот раст на технологијата, односно да обучиме кадри кои се стручни да се справат со комплексноста.

Какви обуки нудите во тренинг-центрите?

Силјановски: Ние овозможуваме цела палета на авторизирани и на прилагодени тренинзи кои ги зафаќаат клучните области на технологијата како: Check Point, Veeam, Veritas, VMWare, Kaspersky, Radware и IBM. Она што е специфично е тоа што тренинг-центрите обезбедуваат соодветна и персонализирана услуга, односно имате можност да добиете целосна поддршка во однос на изборот на адекватен курс, како и во однос на вашите потреби за надградување на знаењето. Обуките ги спроведуваат врвни професионалци кои се вработени во „Инграм Микро“ и имаат долгогодишно искуство во своето работење. Овие курсеви се дизајнирани да го надградат знаењето на поединците со цел тие успешно да функционираат и да напредуваат во дигиталниот свет. Би сакал да потенцирам дека Центарот е официјален и ексклузивен партнер во мрежата на Pearson VUE, нудејќи им на ИТ-професионалците пат до сертификација и напредување во кариерата.

Отворивте тренинг-центар и во Македонија. Кои се бенефитите кои ќе ги добијат оние кои ќе го посетат?

Силјановски: Морам да напоменам дека навистина ме воодушевува фактот што во земјава има сè повеќе експерти од оваа област и ме фасцинира нивната желба за конкурентност на светските пазари. Токму затоа морам да истакнам дека ние нудиме можности за нивно надградување. Технологијата е менлива материја, а ние константно создаваме иновации кои ги водат трендовите во дигиталниот свет, токму затоа нашите сертифицирани курсеви се издвојуваат во ИТ-светот. Даваме знаење за решавање на сите системски предизвици, како и за надградување на бизнисите согласно индивидуалните потреби. Главните бенефити од нашите обуки се токму насоките за следење на постојаните промени „во чекор“. Тие добиваат комплексен спектар на знаење во однос на вмрежување, сајбер-безбедност, дата центри, машинско учење, вештачка интелигенција и технологиите што сега се развиваат.

Споменавте дека имате авторизирани и прилагодени тренинзи. Која е нивната намена и разлика?

Силјановски: Авторизираните тренинзи, всушност, имаат цел за што е можно пократок период инженерите да ја добијат потребната експертиза, односно според однапред утврдена агенда се спроведува интензивна обука во неколку денови со што тие се опремуваат со знаење за потребната област, додека целта на прилагодените тренинзи е да се идентификуваат насоките со кои конкретниот корисник има проблем и врз основа на тоа да се создаде прилагодена агенда со што тој ќе се стекне со знаење за решавање на тие проблеми. Она што е исто така многу важно е тоа што нашите тренинзи се сертифицирани.

Што значи отворањето на овој центар за ИТ-индустријата во Северна Македонија?

Силјановски: Напредок, зголемување на конкурентноста на глобално ниво и создавање на кадар што е обучен да одговори на сите предизвици и да се справува со постојаните технолошки промени.

Кон што цели „Инграм Микро“ во иднина?

Силјановски: Кога ќе го земам предвид нашето минато дејствување, односно постојаниот напредок во изминативе 45 години, со сигурност можам да кажам дека „Инграм Микро“ со начинот на своето работење ќе си ја задржи заслужената титула. Ние остануваме „чекор пред другите“ бидејќи ја имаме потребната експертиза за тоа, а дополнително во континуитет создаваме кадри кои чекорат на истиот начин. Да заклучам, ние се водиме од една девиза – во ерата на бескрајни трансформации не се истакнуваат најмоќните или најпаметните, туку оние кои се прилагодуваат на тековните промени. Ние сме жив доказ за тоа бидејќи непрекинато се стремиме кон иновации и адаптација.


 

Разговараше: Ќирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО