Финансии / Банкарство
Безготовинското плаќање во пораст, но граѓаните ги преферираат банкарските шалтери!
04.06.2024
Дигитализацијата на банкарските услуги носат многу предности за корисниците, но постојат и ризици кои се однесуваат на поголемата заштита за финансиските сметки. Во Македонија 70 отсто од платните налози на граѓаните се извршуваат на шалтерите на домашните банки, но последните години има значајни промени во навиките кај граѓаните, кои се повеќе пристапуваат на дигиталните платформи на плаќање, беше истакнато на денешната работилница за „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“, што се одржа во Народната банка на Македонија
Во 2016 година секој петти граѓанин го користел електронскиот начин на плаќање, а во 2023 година секој трет граѓанин извршил безготовинско плаќање со користење на платежна картичка или со мобилен телефон. Минатата година во просек на еден жител биле извршени 68 трансакции со безготовинските картички, а пред седум години просечно биле 16 трансакции. Според Европската централна банка, 73 отсто од малопродажните плаќања во рамки на ЕУ се уште се во готово.
- Примената на новите технологиии нудат нови можности за начинот на плаќање и за извршување на другите трансакции, но и за начинот на управување на нашите финансии. Според податоците на Светската банка во развиените земји има висока стапка на раст на безготовинските плаќања. Во 2022 година во просек на еден жител се извршени 468 трансакции. Во другите понеразвиени земји има раст од 16 отсто или просекот е околу 290 плаќања. Во Македонија безготовинските плаќања бележат раст од 16 отсто или во просек има 87 трансакции по жител. Лани е забележан раст на плаќањата со мобилен телефон за 22 отсто или зголемување од 33 отсто на вредноста на изврешните плаќања, изјави Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на Народната банка,
Директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка Игор Величковски, нагласи дека со новите измени во регулативата, кои се усогласени со Европската Унија, се отвора простор за подобрување на квалитетот на платежните услуги во земјата и со отворање на пазарот за пет нови платежни институции.
- Во наредниот период очекуваме да се вклучат и други субјекти од Македонија и од земји во Европската Унија, од кои имаме најави дека ќе отворат свои фирми за извршување на платежни услуги. Работиме и на примената на прописи за подобра и безбедна дигитализација на платежните услуги, за што до октомври годинава ќе мораат да се усогласат сите банки во земјата, изјави Величковски.
Кристина Трпезановска, заменик претседавач на Комисијата за информативна сигурност и член на Комисија за ризици при МБА и директор на Оддел за управување со ризици во ПроКредит Банка АД Скопје, се осврна на зголемената безбедност на финансиските средства на корисниците на дигитални услуги, преку воведување на нови стандарди и регулативи.
Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка АД Скопје, рече дека, мора да се посвети големо внимание на подобра финансиска едукација на граѓаните.
-Дигиталните услуги ќе се зголемуваат, но потребен е баланс меѓу инфраструктурата, примената на нови дигитални апликации и знаењето на граѓаните. Кај нас, на пример, 15 отсто од граѓаните ја вадат цела плата веднаш од банкоматите, а пензионерите веднаш штом добијат пензија ги „напаѓаат“ шалтерите, рече Чадиковски.
фото МИА