Интервјуа

Шпаркасе банка – силен партнер на македонската економија и конкурентен двигател на домашниот пазар

Мега интервју: Санел Кустурица | Златица Цивкароски | Александар Џорџевиќ | Нина Неданоска
Членови на УО на Шпаркасе Банка АД Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | 01 јуни 2024г.

Шпаркасе Банка го прошири менаџерскиот тим. Покрај Санел Кустурица како претседател на УО и Нина Неданоска како заменик-претседател на УО, Златица Цивкароски и Александар Џорџевиќ се новото засилување на Управниот одбор на Шпаркасе. Банката ја потврди својата позиција на пазарот, испишувајќи историски најуспешна година, со рекордно висок резултат кој гарантира сигурност, стабилност и иднина за сите свои клиенти и за вработените. Во ексклузивно интервју за „Економија и бизнис“, членовите на Управниот одбор зборуваат за остварените резултати, за довербата од клиентите и за идните планови кои се дел од 5-годишната стратегија на Шпаркасе Банка.


Шпаркасе Банка АД Скопје 16 години е дел од банкарската индустрија во земјава. Важите за голема системска банка која остварува континуиран раст. Ако треба да направите ретроспектива на 2023 година, како би ја оцениле?

Санел Кустурица: Токму така, ние сме банка која 16 години постои на македонскиот пазар, но всушност ние сме дел од австриската банкарска групација Ерсте и Штермеркише Шпаркасе која следнава година прославува 200 години, која брои 17 милиони клиенти и која во 2023 година оствари 3 милијарди евра профит. Гледано низ призма на стабилност, на искуство, на експертиза и на европски трендови, на македонскиот пазар Шпаркасе Банка е значаен двигател на македонската економија и силен партнер на корпоративниот сегмент и на сегментот население. Во тој контекст би сакал да истакнам дека 2023 година, историски гледано, беше најдобра година за Шпаркасе Банка во Македонија. Годината ја завршивме со вкупна актива од 1,5 милијарди евра или 13% раст во однос на 2022 година и пазарен удел од 13,5 %. Банката оствари раст на кредитното портфолио од 11,3 %, што е многу над просечното остварување на ниво на банкарскиот сектор. Во текот на годината опслужувавме 155 000 активни клиенти, што е раст од 35 % во однос на 2022 година. Посебно сме горди што 30 000 млади студенти се дел од нашата Шпаркасе заедница и движечка сила на банката.
Круна на сите овие постигнати резултати е остварената нето-добивка од 25 милиони евра, што значи 47 % раст во споредба со 2022 година. Би рекол дека со сето она што успеавме да го постигнеме минатата година, Шпаркасе Банка испрати јасна порака дека на нашите клиенти им гарантираме сигурност, стабилност, искуство и иднина во која веруваме.
Посебно би сакал да ја истакнам нашата платформа за општествена одговорност, позната како „Шпаркасе лајф“ (Sparkasse Life), која е гордост на сите вработени во банката. Само минатата година преку оваа платформа беа поддржани над 20 проекти и иницијативи од области на културата, на спортот, на образованието, на уметноста во износ од 12 милиони денари. За поздрав се иницијативите како „Прв до врв“, „Вевчанска колонија“, „Генералка викенд“, поддршка на Златно славејче и на Охридско лето, „Џуниор ачивмент“ (Junior Achievement) – програма наменета за едукација на средношколци, Академијата за студенти „Млад банкар“, „Климатон“ (Climathon) – хакатон за решенија за климатски промени итн.
Сакаме да служиме како пример во општествово и пример во бизнис-заедницата со цел да мотивираме вклучување на различни субјекти кои ќе работат заедно со нас во насока на градење на здраво и на свесно општество.

Санел Кустурица, претседател на УО на Шпаркасе Банка

Велите дека 2023 година е историски најуспешна година за Шпаркасе Банка. Што е она што ве донесе до овој резултат?

Нина Неданоска: Точно е дека ова беше историски најуспешна година за Шпаркасе Банка. Но, кога зборуваме за успех јас не би се осврнала само на бројките кои, несомнено, го потврдуваат овој заклучок. Успехот се должи и на нашата посветеност, на секој еден вработен кој гледа на нашите клиенти низ призмата на уникатност и на непоколебливост. За нас, како банка, секој од овие 155 000 клиенти е важен, навистина настојуваме постојано да го слушаме гласот на нашите клиенти и секоја нивна препорака да ја гледаме како можност за постојано унапредување на услугите кои им ги нудиме.
Гледано во целина, банкарскиот сектор во земјава изминатава година покажа подинамичен раст во кредитирањето на населението, додека кај правните лица динамиката на кредитниот раст забави и во 2023 година изнесуваше 3,3 %. Но, на страната на Шпаркасе Банка резултатите изминатава година се движеа во нагорна линија. Банката ја потврди својата позиција на пазарот како пазарен лидер за корпоративни клиенти, остварувајќи раст на кредитното портфолио за правни лица од 12%, што е многу над просечното остварување на ниво на банкарскиот сектор и пазарно учество од 17,3 %. Истовремено Шпаркасе Банка својата водечка позиција ја покажа и во стимулирање на зелена економија, поддржувајќи околу 60 проекти во вкупен износ од 100 милиони евра и инвестиции во обновливи извори на енергија во вкупен износ од 92 милиони евра. Кај правните лица би додала и дека во 2023 година остваривме раст од 7,5 % и пазарно учество од 17,1 % во делот на депозити кај правни лица.
Во сегментот население, пак, 2023 година ја завршивме со раст на кредитното портфолио од 9,5 % и вкупно учество на пазарот од 13,5 %. Значителен раст од 14,8 % и пазарно учество од 8,5 % имаме кај депозитите за физички лица. Годината ја завршивме со мрежа од 37 експозитури во кои плански инвестираме во насока на унапредување на корисничкото искуство на нашите клиенти преку уредување на модерен и урбан простор во кој свое место имаат нови 24/7 АТМ зони и агли за финансиско советување со нашите вработени. Инвестиравме во фотоволтаични централи на двете деловни згради во Скопје и во Охрид, а веќе две експозитури се целосно енергетски независни.
Навистина сме горди на постигнатите резултати во 2023 година. Ние како Управен одбор, заедно со сите наши 700 вработени, испишавме историски најуспешна година за Шпаркасе Банка. Нашите заеднички заложби придонесоа за рекордно висок резултат, но и нови амбиции за годините пред нас.

Нина Неданоска, заменик претседател на УО на Шпаркасе Банка

Како го оценувате економскиот амбиент во земјава?

Нина Неданоска: Економскиот амбиент секогаш е под влијание на низа фактори, домашни и надворешни, кои, несомнено, го диктираат темпото на економската активност.
Последните податоци за реализираниот раст упатуваат на забавување на економската активност од онаа која е иницијално проектирана. Сите сме свесни дека неодамна завршениот изборен процес имаше влијание врз активностите на економските субјекти и беше забележана одредена воздржаност и претпазливост во преземањето на иницијативи, што е тесно поврзано со самиот економски раст.
Инфлацијата забавува како резултат на надолни движења на цените на светските пазари, но и под дејство на мерките на монетарната политика кои се преземаа во изминатиов период, иако ризици, сепак, постојат и во голема мера зависат од глобалното опкружување и неизвесноста од воените конфликти. Токму тоа е и главната причина за претпазливоста на монетарните власти во поглед на водењето на монетарната политика и задржувањето на нивото на каматните стапки. Во тој поглед, некое надолно движење на каматните стапки е поизвесно да се очекува од втората половина на годинава.

Стабилноста на банкарскиот сектор е постојана тема на дискусија од страна на стручната јавност. Како Шпаркасе Банка ја оценува стабилноста на банкарскиот сектор и кои се очекувањата за движењата на каматните стапки во иднина?

Златица Цивкароски: Банкарскиот сектор во земјава е во солидна кондиција, ликвиден и добро капитализиран, што се докажа и преку имуноста да остане отпорен на сите предизвици со кои се соочивме во последниве кризни периоди. Перспективните ризици се тесно поврзани и со политичките локални трендови, со макроекономското опкружување, како и со новите трендови на дигитализација кои пенетрираат на сите пазари.
Во изминатиов период евидентно беше зголемувањето на каматните стапки како резултат на рестриктивната монетарна политика што, од една страна, доведе до раст на депозитите и ликвидност во банките, а од друга страна се одрази на успорување на кредитната побарувачка и одложување на инвестициите. И покрај очекувањата, зголемените инфлаторни притисоци и зголемувањето на каматните стапки не се материјализираше на страната на кредитниот ризик, што се гледа и преку контролирано ниво на прилив на нови нефункционални пласмани. Очекувањата до некаде се компензираа со зголемувањето на платите што се случуваше во државниот, но и во приватниот сектор.
На ниво на Шпаркасе Банка би сакала да истакнам дека за 2023 година имаме значајно намалување на нефункционалните кредити, односно стапката на нефункционални кредити од 3,6 % за 2022 година се намали на 2,5 % во 2023 година. Овој тренд на успешно менаџирање на нефункционални кредити, од една страна, и поддршка на здравиот раст на кредитното портфолио, од друга страна, очекувам да се задржи и во тековната 2024 година, а и во годините потоа, потенцирајќи ја во овој поглед целосната усогласеност на банката покрај локалната и со европската регулатива.
Она што ќе биде предизвик во блиска иднина за банките е да го задржат овој стабилен тренд во оваа изборна година, но и во постоечкото макроекономско опкружување кое покажува одредено успорување на растот на инфлацијата со сè уште присутни предизвици. Геополитичките тензии сè уште покажуваат неизвесност со потенцијално глобално влијание.
Од друга страна, извесни се и очекувањата за почеток на трендот на намалување на каматните стапки во втората половина од годинава како што е веќе најавено за референтните каматни стапки во еврозоната. Се разбира, очекувањата за последователни ефекти се присутни, но повторно со извесно задоцнување и на локалниот пазар. Намалувањето на каматните стапки очекувано би довело и до забрзување на инвестицискиот циклус и зголемена кредитна побарувачка.
Она што ќе биде од особена важност за банките во наредниов период е усогласувањето со прудентните барања на регулативите од аспект на усогласување со капиталните барања, од една страна, што може да има влијание на кредитниот раст. Но, од друга страна, да не ги заборавиме бараните усогласувања на скоро донесениот Закон за решавање на банки, кои, на среден рок, ќе постават дополнителни капитални инструменти кои ќе ги оптоварат трошоците за нивно обезбедување, влијаејќи повторно на страната на активните каматни стапки. Во поглед на оваа тематика не помалку важно е и барањето за усогласување со најсвежите измени во задолжителната резерва, која ќе се одрази кај банките со дополнителни трошоци за ликвидност.

 

Златица Цивкароски, член на УО на Шпаркасе Банка

Какви се очекувањата од новиот закон за платен промет и што може да очекуваат компаниите од него?

Златица Цивкароски: Законот за платежни услуги и платни системи е на сила веќе од почетокот на 2023 година и значаен дел од измените кои ги побарува се веќе имплементирани во текот на 2023 година. Законските измени се во насока на усогласување со ЕУ-директивата за платежни услуги (PSD 2 Директива) и останатите актуелни ЕУ-директиви за електронски пари и услуги во платен промет.
Најзначајна новина од Законот е либерализација на пазарот за платежни услуги, односно можноста за влез на платежни институции кои, согласно Законот, може да бидат лиценцирани за извршување на сите постоечки и нови платежни услуги заедно со банките. За нас, банките, ова значи пазар со поголема конкуренција, но и мотив за воведување на подобри и на иновативни услуги за клиентите. За клиентите, секако, значи побогата понуда со нови иновативни услуги, но и интензивирање на употребата на електронските плаќања.
Шпаркасе Банка веќе ја стави во функција платформата „Отворено банкарство“ која е целосно усогласена со барањата од Законот за платежни услуги и платни системи и со постојната регулатива на ЕУ. „Oтвореното банкарство“ е новитет во платежниот сектор и претставува иднина на банкарството каде што финансиската слобода и врвната технологија се спојуваат за да го редефинираат начинот на кој клиентите ги користат финансиските услуги. Потенцијалот што го нуди „Отвореното банкарство“ за бизнисот и за корисниците е огромен, почнувајќи од обезбедување на нови, иновативни финансиски продукти, персонализизирани понуди, па сè до директни плаќања од корисничките сметки и консолидирани информации за крајните корисници притоа обезбедувајќи целосна безбедност и заштита на корисничките податоци.
Со усогласување на услугите со стандардите применливи на ниво на ЕУ се овозможува стандардизирана рамка за процесирање на плаќања, која ќе биде блиска и лесноприменлива за компаниите кои работат на повеќе пазари во рамките на ЕУ. Законот иницира измени и во делот на законската регулатива која ги уредува меѓународните плаќања за кои се очекува да има одредени ослободувања на побарувањата за документирана поткрепа на плаќањата, што сигурно ќе значи побрзо и поедноставено процесирање.
Клиентите, физичките лица, на овој начин добиваат целосна информираност за услугите кои ги користат, можност за споредување на надоместоците за репрезентативни услуги меѓу банките, како и надоместоци кои се засновани на вистински направени трошоци за голем дел од услугите кои ги користат.
Сите предвидени измени претставуваат значаен предизвик за нивна имплементација од аспект на потребни измени во системите не само од страна на банките туку и од страна на клиентите, пред сè компаниите кои ги користат услугите, но ќе биде задоволство да се совлада тој предизвик имајќи ги предвид предностите кои ги добиваме со усвојување на ЕУ-регулативата во платежните услуги.

Актуелна тема е дигиталната трансформација на банките. Согласно вашето искуство, со каква динамика се трансформираат банките и кои се придобивките за клиентите?

Александар Џорџевиќ: Дигиталната трансформација на банкарската индустрија доаѓа како одговор на очекувањата на клиентите од многу поедноставна, побрза и унапредена услуга, од една страна, и потребите на самите компании од системи, од процеси и од техничко-технолошки решенија кои ќе ја поддржат потребата за реструктурирање и за забрзување на голем број процеси.
Имајќи го ова предвид, би рекол дека Шпаркасе Банка е целосно фокусирана на развивање и на имплементирање на дигитални и на инфраструктурни решенија кои имаат цел зголемување на достапноста на нашите производи на клиентите, како и унапредување на корисничкото искуство и на квалитетот на услуги. Банката интензивно работи на напредни проекти кои ќе овозможат целосно дигитално патување при користење на широк спектар на сервиси преку дигитални канали. По успешното имплементирање на процесот на дигитално потпишување, него ќе го прошириме и во интеракцијата со клиентите преку воведување на можност за онлајн ажурирање на податоците, како и целосен „онбординг“ на клиентите преку дигитални канали. Во Шпаркасе Банка секогаш се стремиме кон воведување иновации за кои имаме поддршка и од клиентите кои го заменуваат шалтерското работење сè повеќе со новитетите и со дигиталните продукти кои ги нудиме. Тимот на банката веќе има план за подигнување на банкарските услуги на повисоко дигитално ниво и за поедноставување на работењето преку значителни инвестиции во автоматизација и во роботизација на интерните процеси.
Целата дигитална транформација за која ние зборуваме има цел да ги опслужи нашите клиенти денес, но и да им служи и на генерациите кои допрва доаѓаат, а чии очекувања од дигитализацијата и од вештачката интелегенција ќе бидат сè поголеми и сè поспецифични.
Младите се во фокусот на нашето внимание. Минатата година кон нашата банка се приклучија 30 000 клиенти кои се денес студенти, но во многу блиска иднина ќе бидат финансиски независни и ќе имаат потреба од софистицирани банкарски решенија. Токму тие се нашиот мотив за иновации и за развој на нови производи и услуги.
Морам да потенцирам дека на нас, како банка, ветерот во грб ни доаѓа од нашата групација која инвестира значајни износи на финансиски средства во развој на дигитални производи и услуги. Ваквата припадност, од една страна ни овозможува да ги следиме европските дигитални трендови, а од друга страна пак е извор на „ноу-хау“ што ние паметно го црпиме и го ставаме на располагање на нашите вработени и на клиентите.

Александар Џорџевиќ, член на УО на Шпаркасе Банка

Велите дека младите се во фокусот на Шпаркасе Банка. Колку денешната младина е финансиски едуцирана и каква е улогата на банката во оваа насока?

Александар Џорџевиќ: Финансиското здравје започнува со отворањето на првата банкарска сметка. Шпаркасе Банка е во постојана интеракција со младите во земјава. Посебно сме горди на проектот за поддршка на младите и на студентите „Субвенциониран студентски оброк“, кој е инициран од страна на Министерството за образование и наука, а се спроведува со поддршка на Шпаркасе Банка. Станува збор за огромен проект кој опслужува нешто повеќе од 30 000 млади студенти кои ги споменав претходно, а кои се дел од нашата Шпаркасе заедница. Со овој проект се воведе едно ново ниво на финансиска едукација кај оваа популација која најмногу ќе ги ужива придобивките од дигиталните решенија кои се развиваат денес. Со користењето на нашите производи и услуги, во оваа дигитална ера, студентите самостојно управуваат со буџетот и ги развиваат своите вештини во доменот на плаќањата во трговијата и во доменот на електронски плаќања.

Неодамна го проширивте Управниот одбор со двајца нови членови. Кои се целите и плановите на УО на Шпаркасе Банка за следниов период?

Санел Кустурица: Имајќи предвид дека Шпаркасе Банка е една од петте водечки банки во земјава, нескромно ќе кажам дека нашите стратешки планови за раст во сите сегменти се големи и нашата амбиција е овој тренд на раст на пазарен удел и раст во сите останати клучни сегменти да продолжи и оваа година.
Неодамна ја објавивме нашата 5-годишна стратегија за која би рекол дека е храбра, визионерска, но истовремено реална и базирана на трендот на раст кој го покажуваме низ годините. Остануваме посветени на растот и на развојот на нашата банка, на унапредување на корисничкото искуство на нашите клиенти преку инвестиции, иновации, одржливост и извонредност во сите аспекти од нашето работење.
Нашите клиенти остануваат во центарот на нашето внимание со цел да им понудиме прилагодени финансиски решенија и персонализирани искуства кои ќе ѝ овозможат на банката 10 % раст на бројот на клиенти, 11 % раст на кредитното портфолио и 15 % раст на страна на депозитното портфолио.
Планирани се инвестициски циклуси во нашата инфраструктура и дигитална трансформација во износ од 60 милиони евра. Прифаќајќи ја врвната технологија, ќе ги унапредиме нашите дигитални платформи и ќе воведеме нови дигитални решенија со кои ќе понудиме беспрекорни, безбедни и практични банкарски услуги во секое време и каде било. А дополнително, преку инвестициите во нашата инфраструктура, ќе ја збогатиме деловната мрежа на банката со еден поинаков банкарски концепт кој, сам по себе, ќе понуди поинакви банкарски и советодавни услуги кои ќе им ги понудиме на нашите клиенти.
Ние остануваме посветени на позитивното влијание врз општествово и животната средина. Преку нашата платформа за општествена одговорност „Шпаркасе лајф“ ќе продолжиме да поддржуваме иницијативи и проекти за промовирање на одржливост, на инклузивност, обезбедувајќи подобра иднина за генерациите кои доаѓаат. Во таа насока, предвидени се вложувања во заедницата во износ од 500 илјади евра.
Нашите вработени се движечката сила и клучот за континуиран раст и успех. Нивниот професионален развој и благосостојбата остануваат во центарот на вниманието на банката. Заедно и понатаму ќе градиме опкружување во кое мотивацијата и продуктивноста ќе бидат на навистина високо ниво. Продолжуваме да вложуваме во нашите вработени и да се грижиме за нивното задоволство и за вклученоста во сите наши иницијативи. Како Управен одбор сме едногласни во ставот дека треба и понатаму да продолжиме да работиме во насока на градење на култура на меѓусебна почит, на поддршка и на инклузивност во организацијата. Заедно да ја зајакнуваме тимската работа и да ги прославуваме достигнувањата. Сигурен сум дека со заеднички труд можеме да ја градиме иднината во која веруваме.


Разговараше: Ќирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО