Бизнис
АКТИВНОСТИ ВО ИНТЕРЕС НА КОМПАНИИТЕ ПРЕКУ ЕЕН-ПРОЕКТОТ
ПРОЕКТНИ АКТИВНОСТИ - ЗА ПОДДРШКА НА КОМПАНИИТЕ ВО НИВНИОТ РАСТ И РАЗВОЈ
Економија и бизнис | печатено издание | 01 јуни 2024г.
Стопанската комора дејствува преку Европската мрежа на претпријатија (Enterprise Europe Network [EEН-проектот]), во конзорциум со уште две партнерски организации, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување од Скопје, под името на проектот „Европска мрежа на претприемништво на Северна Македонија − ЕЕНОМА“ (Enterprise Europe Network North Macedonia-EENOMA)
<https://www.een.mk>.
Проектот „Европска мрежа на претприемништво на Северна Македонија − ЕЕНОМА“, <https://een.ec.europa.eu/>, ја претставува најголемата европска мрежа во светот, која ги нуди сите облици на деловна поддршка на малите и на средните компании на нивниот пат кон европските пазари. Дејствува во над 60 земји во Европа и пошироко, вклучувајќи ги САД, Јапонија, Русија, Кина, Северна Африка и Блиски Исток, со повеќе од над 600 вклучени партнерски организации и над 3 000 искусни професионалци. Повеќе од 250 000 мали и средни компании годишно, во просек, на ниво на ЕЕН-мрежата добиваат некаква услуга од партнерските организации, просечно 52 000 претпријатија добиваат совети од експертите за унапредување на иновативноста, на растот и на интернационализацијата, повеќе од 20 000 претпријатија преку мрежата учествуваат на меѓународни настани, на форуми и на средби.
ЕЕН-проектот е финансиран од Европската комисија од 2008 година, поддржан од Програмата за единствен пазар (The Single Market Programme [SMP]) и има цел да им помогне и на малите и на средните компании да ги зголемат конкурентноста и одржливоста, деловно да соработуваат со компании од ЕУ и пошироко, да ги искористат можностите што ги нуди европскиот пазар преку обезбедување бизнис-поддршка на извозно ориентираните компании за наоѓање потенцијални партнери за деловна соработка и нивна интернационализација, обезбедување поддршка на компаниите во креирање и во промовирање на нивните профили за бизнис-понуда и побарувачка, како и обезбедување информации на прашања добиени од страна на компаниите за прашања поврзани за: ЕУ-регулативата и прописите, учество на саеми, брокерски настани, компаниски мисии, конференции и обуки, панел-дискусии со физичко присуство или онлајн, организирање локални, регионални и меѓународни настани, билатерални средби, посети на компаниите и поддршка во решавање на нивните барања, прашања и приоритети.
Оваа бизнис-мрежа им помага на компаниите да ја зголемат својата отпорност и да ги поддржат малите и средните компании во нивната транзиција кон поодржливи и дигитални деловни модели.