Бизнис

Проект „Види ги вештините“ (Seetheskills) за стимулирање на побарувачката на претходно развиени, нови или надградени енергетско ефикасни вештини во градежниот сектор

ПРОЕКТНИ АКТИВНОСТИ - ЗА ПОДДРШКА НА КОМПАНИИТЕ ВО НИВНИОТ РАСТ И РАЗВОЈ

Економија и бизнис | печатено издание | 01 јуни 2024г.

Проектот „Види ги вештините“ (SEEtheSkills), финансиран од програмата „Хоризонт 2020“ (Horizon 2020) на Европската Унија, има цел стимулирање на побарувачката на претходно развиени, нови или надградени енергетско ефикасни вештини, а притоа користејќи нов 3В-пристап (видливост, валидација, вредност) во градежниот сектор врз основа на претходно стекнатите искуства на пет земји: Северна Македонија, Шпанија, Словенија, Словачка и Холандија.
Градежниот сектор игра клучна улога во декарбонизацијата на глобалната економија бидејќи во ЕУ овој сектор е одговорен за околу 40 % од глобалната енергетска потрошувачка и до 36 % од вкупните емисии на јаглерод диоксид. За да се намали енергетската потрошувачка и да се промовира енергетската ефикасност на зградите, земјите членки на ЕУ треба да постават оптимални нивоа на енергетски перформанс во своите регулативи. Отстранувањето на бариерите за поефикасна употреба на енергијата може да доведе до значителни заштеди и намалување на енергетската потрошувачка еквивалентно на 1.4 Gt CO2/годишно до 2030 година.
Преку „Види ги вештините“, кој е трет последователен проект на оваа тема, во претходните фази се сертифицираа 369 градежни професионалци за 9 различни занимања. Повеќе од 300 работници поминаа обука за градење на енергетски ефикасни објекти и повеќе од 1 000 работници се здобија со сертификат за поседување вештини за енергетска ефикасност во градби врз база на моделот за препознавање на претходно стекнати вештини.
Во рамките на проектот, дополнително е спроведено обемно истражување на тековното законодавство поврзано со енергетските вештини во земјите учеснички во проектот и подготвени се посебни водечки документи со препораки за национални законодавни промени. Во контекст на Северна Македонија, препорачани се мерки за поддршка на законодавната рамка за енергетски ефикасна и одржлива изградба, кои треба да добијат законска верификација, а се однесуваат на:
• Воведување стандарди за ограничување на дозволени емисии на јаглерод.
• Задолжителни барања во јавните набавки за нискојаглеродни материјали и високоефикасна опрема.
• Задолжителни протоколи за рушење на згради и системи за собирање и за рециклирање на градежен отпад.
• Децентрализирано производство на електрична енергија.
Проектот креира и препораки за различни стимулирачки поддршки за поттикнување на инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност, за разни форми на финансиска и на нефинансиска поддршка, како и за тарифни политики.

ПРЕПОРАЧАНО