Финансии / Банкарство
Буџетот на ЕУ од 200 милијарди евра, 54 милијарди за земјоделска политика!
19.06.2024
Европската комисија го усвои Предлог-буџетот на ЕУ за 2025 година, кој изнесува 199,7 милијарди евра, информира денеска извршниот потпретседател на ЕК задолжен за економија во интерес на луѓето, Валдис Домбровскис.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, од вкупните средства во Буџетот на ЕУ за следната година, 2,2 милијарди евра се наменети за Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), а 500 милиони евра за Механизмот за реализација на Планот за раст на Западниот Балкан, како дел од ставката за поддршка на европските партнери и интересите на Унијата во светот.
- Предлог-буџетот за 2025 година ги насочува средствата таму каде што можат да направат најголема разлика, во соработка и во согласност со потребите на земјите членки на ЕУ и нашите партнери ширум светот и да ја направат Европа поотпорна и попогодна за иднината во корист на граѓаните и бизнисите на ЕУ, истакна Домбровскис.
Остварувањето на ваквите цели ќе биде обезбедено преку поттикнување на зелените и дигиталните транзиции, преку создавање нови работни места и истовремено зајакнување на стратешката автономија на Европа и нејзината глобална улога.
Со Предлог-буџетот е предвидена континуирана поддршка за земјите од Западниот Балкан, за сириските бегалци во Турција и поширокиот регион на Блискиот Исток, за земјите од јужното соседство на ЕУ наменети за справување со миграцијата, како и за обезбедување стабилна и предвидлива поддршка за Украина.
Предвидено е годишниот буџет на ЕУ да биде надополнет со околу 72 милијарди евра наменети за исполнувањето на политичките приоритети на Унијата, согласно измените извршени во февруари годинава во Повеќегодишната финансиска рамка на блокот до 2027 година.
Од вкупните средства, 53,8 милијарди евра се наменети за Заедничката земјоделска политика, 49,2 милијарди евра за регионален развој и кохезија, 16,3 милијарди евра за поддршка на европските партнери и интересите на ЕУ во светот.
фото freepic