Бизнис

Словенија со рекорден број на нови фирми за самовработување

23.06.2024

Во Словенија во 2022 година биле основани 21.833 претпријатија што е зголемување за девет отсто во однос на 2021 година. Ова е најголем број на нови фирми од 2004 година, а зголемување на нови правни субјекти има во сите дејности. Најголем број од овие фирми или 83 отсто се во услужните дејности, како и во стручните, научните и технички дејности, објави Државниот завод за статистика на Словенија.

Во угостителството се  отворени 11,4 отсто од новите фирми, во трговијата и одржување и поправка на моторни возила се 8,2 отсто, во градежништвото се 10,4 отсто и во индустријата 6,8 отсто. Во новоотворените претпријатија во 2022 година работеле 23.345 работници што е за 10,8 отсто повеќе од 2021 година. Во просек една нова фирма вработувала по еден работник или самовработено лице.  

Од новоотворените фирми во Словенија во 2021 година со работа продолжиле 87,4 отсто. Претпријатија кои опстоиле по првата година од основањето го зголемиле бројот на вработените лица. По првата година бројот на вработените се зголемил за 21,3 отсто, а по пет години функционирање вработеноста во овие фирми се зголемила за 73,2 отсто.

Во 2022 година во Словенија престанале да работат 12.366 фирми кои вработувале 12.606 лица, пренесува „Сеебиз“.


фото freepic

ПРЕПОРАЧАНО