Финансии / Банкарство
Животно осигурување − мудра и оправдана инвестиција!
Групација на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јуни 2024г.
Растечкиот интерес за полисите за животно осигурување во нашава земја покажуваат дека свеста за оваа проблематика е во пораст, а луѓето стануваат сè поодговорни за нивното здравје во иднина, но и за финансиската иднина на најблиските. Животното осигурување постои токму за тоа: да обезбеди финансиска поддршка за луѓето кои ги љубите во случај нешто лошо или непредвидено да ви се случи вам.
Перцепцијата за животното осигурување е дека тоа треба да биде согледано како мудра и оправдана инвестиција наместо како трошок. Полисата за животно осигурување ви нуди начин да го обезбедите сопствениот живот и да им обезбедите финансиска помош на најблиските во случај на несреќа, но истовремено претставува и можност за создавање капитал кога приходите ќе се намалат – како што е случајот по одењето во пензија.
Животното осигурување им е потребно на сите луѓе кои остваруваат свои примања, без разлика дали се работи за долгогодишен бизнисмен, самохрана мајка или пак вработен млад човек кој сака да основа свое семејство. Полисата за животно осигурување гарантира мирна сегашност и ќе ви помогне да ги поставите темелите за среќна иднина. Честопати се среќаваме со случаи кога луѓето не решаваат да купат животно осигурување затоа што сметаат дека тоа е прескапа ставка која не можат да си ја дозволат. Но, се работи за заблуда предизвикана од неинформираност или од недоволно истражување на опциите.
Постојат различни типови на животно осигурување со различна минимална месечна и годишна премија, а согласно различните потреби на клиентите. На пример, за „ризико животно осигурување“ минимална месечна премија е 3 евра, за детско штедно осигурување, како и класично животно осигурување месечната премија е 15 евра итн. Ќе се согласите, износите на премиите се толку ниски, а бенефитите големи!
Како инвестиција во себе и во иднината, животното осигурување ни дава шанса мирно да чекориме низ денешницата, знаејќи дека луѓето кои ни се најважни на светот ќе бидат финансиски заштитени доколку нам ни се случи нешто. Но, уште поважно, ваквата полиса има однапред предвиден рок на важење. Откако ќе истече рокот, осигуреникот ги добива вложените средства назад и може да ги искористи за вложување во некоја од работите кои му се навистина важни: реновирање на домот, образование на децата, патувања и слично.