Економија

Јовановски: Битката против корупцијата има шанси да успее само ако се води координирано во рамките на општеството, а никако изолирано

Меѓународна конференција за антикорупција

Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.

Неодамна во Вилниус, Литванија се одржа Меѓународната конференција за антикорупција, најголемиот светски форум за борбата против корупцијата. На конференцијата учествуваа повеќе од 2 000 учесници од повеќе од 140 земји. Со помош и во организација на Амбасадата на САД во земјава, на оваа врвна конференција учествуваше и група составена од претставници на различни институции, каде што секоја од нив претставува значајна алка во борбата против корупцијата. Така имаше по еден претставник од Државната комисија за спречување на корупцијата, од Министерството за внатрешни работи, од Јавното обвинителство, од редот на судиите, од Стопанската комора како претставник на приватниот бизнис-сектор, од граѓанскиот сектор и од Амбасадата на САД. Во продолжение ви ги претставуваме нивните импресии и главните поуки од конференцијата.


Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанска комора на С.Македонијa:

Конференцијата во Литванија е една од најдобрите конференции на кои воопшто сум учествувал. Сè што се случуваше на конференцијата беше со исклучително високо ниво на квалитет. Она што посебно би го издвоил се три поуки.
Прво, битката против корупцијата има шанси да успее само ако се води координирано во рамките на општеството, а никако изолирано. Нужно неопходен е висок степен на комуникација и соработка меѓу засегнатите страни. Потребно е да се формира централно „командно“ место од кое ќе се координираат активностите.
Второ, концептот за „бизнис-интегритет“ не е теоретска конструкција, туку нешто на што му се придава многу значење во светот. За приватниот бизнис-сектор во земјава е многу важно што поскоро да ги преземе сите потребни активности за структуриран пристап и примена на „бизнис-интегритетот“ во активностите.
Трето, може да се размисли како да се поттикне приватниот бизнис-сектор за вградување на „бизнис-интегритетот“ во работењето не само кај себе туку и кај компаниите кои се дел од синџирот на снабдување. Пример за тоа може да биде доделување на поени во текот на тендерска јавна набавка на оние компании што го имаат вградено „бизнис-интегритетот“ во своето работење.

ПРЕПОРАЧАНО