Интервјуа
ДОВЕРЛИВОСТА – ТЕМЕЛЕН ПРИНЦИП ВО РАБОТАТА НА АРБИТРАЖАТА
Елена Милевска Штрбевска | Претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2024г.
Дали би можеле да издвоите некои специфичности на арбитражната постапка кои би ги поттикнале компаниите да ја користат арбитражата?
Е. Милевска Штрбевска: Покрај најголемите предности на арбитражниот начин на решавање на споровите, а тоа се брзината и ефикасноста на постапката, она што сметам дека ќе придонесе за зголемено практикување на арбитражата во современи услови на работење е дека во текот на арбитражната постапка нема јавно објавување за текот на постапките и на арбитражните пресуди, нема судска полиција за одржување на дисциплината, ниту пак парични казни кои ги изрекува судијата.
Во арбитражната постапка има самодисциплина, доверливост и стручност. Странките заеднички, на состанок со арбитрите, ја утврдуваат временската рамка на арбитражната постапка и заеднички ги утврдуваат датумите за дополнителни поднесоци (ако ги има), терминот на усната расправа кој најчесто се завршува во еден или два дена, па и крајниот датум на донесување на арбитражната пресуда, кој не може да биде подолг од 9 месеци од денот на конституирањето на арбитражниот суд. Нема одлагања, нема одолговлекувања, нема дополнителни поднесоци ако не се дефинирани во временската рамка.
Самодисциплината е на високо ниво така што Постојаниот избран суд во досегашната пракса не користел физичко обезбедување и слични услуги.
Последно, но можеби и најважно, е начелото на доверливост кое се должни да го почитуваат арбитрите во согласност со Етичкиот кодекс на арбитрите, но тоа се должи и на високите професионални и етички вредности што ги поседуваат арбитрите кои постапуваат во арбитражните постапки. Освен ако странките не се договориле поинаку, органите на Постојаната арбитража, арбитражниот суд, странките, сведоците и вештаците се должни да ја чуваат доверливоста на арбитражната постапка и одлуките донесени во неа. Предизвици постојат и ги решаваме во òд!
Дополнително на тоа, во арбитражните постапки е исклучена јавноста, а само со согласност на двете странки може да се објавуваат анонимизирани резимеа или извадоци од арбитражната пресуда во стручни списанија или публикации. Со тоа спорните прашања од еден деловен однос се предмет на дискусија во самата постапка, а не и во јавноста, а странките, во такви услови, многу често успеваат да ги подобрат нарушените деловни односи, па дури и да ја продолжат натамошната деловна соработка.
Дали постои алтернатива за бизнисот во однос на прашањето на долгите судски постапки, ефикасна наплата на ненаплатените побарувања и слични проблеми кои се рак-рана на македонските компании веќе подолг период?
Е. Милевска Штрбевска: Кратко и јасно – арбитражата како алтернативен метод за решавање на деловните спорови е конкретна, но недоволно прифатена алатка која ја обезбедува Стопанската комора на Северна Македонија како решение за овие прашања. Традиционалните начини на решавање на трговските спорови преку суд не се секогаш најдоброто решение, туку напротив, светските трендови покажуваат сè поголемо користење на алтернативните методи за решавање на споровите меѓу деловните субјекти како што е арбитражата.
Едноставно, не ни треба никој за помош. Во услови на несовршено функционирање на правосудството треба самите да си помогнеме, односно да ги информираме и да ги поттикнеме деловните субјекти да ја вметнуваат арбитражната клуаузула во случај на спор кај трговските договори, договорите за јавните набавки и други спорови за права за кои не е пропишана исклучива надлежност на суд.
Зошто?
Поради поедноставната и флексибилна постапка, брзината на одлучувањето, помали вкупни трошоци, едностепеност (во арбитражната постапка нема жалба и арбитражната пресуда е правосилна и извршна), олеснет режим на признавање и извршување на донесените арбитражни одлуки во странство.
Колку траат арбитражните спорови? дали е предност да се користи арбитражата наместо суд кај нас?
Е. Милевска Штрбевска: Просечното времетраење на постапките кои се водат пред Постојаниот избран суд − Арбитража постојано се намалува − и во 2023 година изнесуваше 4,7 месеци. Тоа е доказ за брзината и за ефикасноста на арбитражата наспроти просечното времетраење на судските постапки, кое е за два, три и повеќе пати подолго во различни квартали во споредба со арбитражните постапки, согласно официјалните извештаи на Судскиот совет на РСМ.
Врз основа на спроведена анализа која ја работеше Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, а се однесува на трошоците и на времетраењето на арбитражните постапки кај нас наспроти постапките пред судовите, произлезе дека Постојаниот избран суд − Арбитража при Комората овозможува многу побрзо решавање на споровите за разлика од судовите во РСМ. Поточно, арбитражните постапки, каде што се донесува конечна одлука во прв степен, се за 13 пати пократки за разлика од времетраењето на судските постапки до донесување на правосилна и извршна судска пресуда.
Важно е да се напомене дека согласно Скопските арбитражни правила, со кои е уредена постапката пред Постојаниот избран суд − Арбитража при Комората, арбитражниот суд е должен арбитражната пресуда да ја донесе во рок од девет месеци од денот на конституирањето, што се наведува во временската рамка за текот на постапката и тоа доследно се почитува во нашата арбитражна практика. Исклучоци постојат, но се навистина оправдани и ретки.