Општество

ЛОКАЛИТЕТОТ „ЗМИЈОВЕЦ“ ПРОГЛАСЕН ЗА ПРИРОДНА РЕТКОСТ

Палеонтолошкит локалитет „Змијовец" во неготинско е прогласен за природна реткост, информираа од Министерството за животна средина и просторно планирање. Прогласувањето е со решение донесено од министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити  и е објавено во  Службен весник на РСМ. 

- Палеонтолошкиот локалитет ,,Змијовец" се наоѓа на подрачјето на општина Неготино, а оваа категоризација ја има добиено заради уникатната фосилна фауна што се наоѓа во околината на селото Долни Дисан, Неготино.  Дел од видовите кои се пронајдени на овој локалитет се уникатни и не се пронајдени на ниту еден од останатите палеонтолошки локалитети во нашата држава. Фосилните фрагменти од локалитетот „Змијовец“ се пронајдени во жолто - кафеавите седиментни глинести и песочни слоеви и потекнуваат  од доцен миоцен.  Во систематски поглед сите пронајдени  видови, кои на локалитетот „Змијовец” засега се претставени со 6 редови, 13 фамилии и 19 таксони, припаѓаат на класата плацентални цицачи (Mammalia, Placentalia), појаснија од Министерството. 

Со спроведувањето на активности и дејствија во непосредна околина на Палеонтолошкиот локалитет  - Змијовец, општина Неготино, како што се изградба на пристапни патеки и уредување на места за одмор и релаксација, како и спроведување на други активности за уредување и користење на просторот на природната реткост, треба да обезбеди висок степен на заштита на биолошката и пределската разновидност, во насока на обезбедување на соодветно управување со природната реткост.


Извор МИА

Фото: Фејсбук на Министерство за животна средина и просторно планирање 

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано