Финансии / Банкарство

ЕКОНОМИСТИТЕ ОЧЕКУВААТ ЕЦБ ДА ГИ НАМАЛИ КАМАТИТЕ ВО ОКТОМВРИ И ВО ДЕКЕМВРИ

08.10.2024

Поголемото мнозинство економски експерти или 90 отсто од нив сметаат дека Европската централна банка (ЕЦБ) во октомври и декември ќе ја намали каматната стапка за по 25 базични поени, покажала анкетата спроведена од „Ројтерс“.

Од 75 анкетираните експерти 70 одговориле дека ЕЦБ следната недела ќе ја намали каматната стапка на депозитите за 25 базични поени на 3,25 отсто, додека само петмина прогнозираат дека нема да има никакви промени.

Покрај ова, 68 од 75 економисти очекуваат дека ЕЦБ и во декември ќе ја намали каматната стапка на депозитите за 25 базични поени и таа на крајот на годината ќе изнесува три отсто.

Минатиот месец само 12 отсто од економистите очекувале дека ќе се намалат каматните стапки во октомври, но повеќето го смениле својот став по објавувањето на информацијата за намалување на стапката на инфлација во еврозоната, која  се намали под посакуваните два отсто.

Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард најави дека каматите можат да бидат намалени овој месец.

- Инфлацијата би можела привремено да порасне во четвртиот квартал годинава, но последните случувања ги јакнат нашите уверувања дека таа влаговремено ќе се врати на посакуваните вредности, односно на одржливите два отсто, изјави неодамна Лагард во Европскиот парламент, пренесува „Еуроњуз“.


фото freepic   

ПРЕПОРАЧАНО