Интервјуа

ГРАДИМЕ НОВИ СТАНДАРДИ: ГИ НОСИМЕ ГЛОБАЛНИТЕ ТРЕНДОВИ И ГО МЕНУВАМЕ ПРИСТАПОТ СПРЕМА БЕЗБЕДНОСТА ПРИ РАБОТА ВО ДРЖАВАВА

МЕГА ИНТЕРВЈУ со Марија Кукуноска, Генерален менаџер на Премиум сејфти солушн (Premium Safety Solution)

Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2024г.

Магистер Марија Кукуноска, основач и генералeн менаџер на Премиум сејфти солушн (Premium Safety Solution) е своевиден визионер во областа на безбедноста, која преку иновации и стратешка посветеност го редефинира пристапот кон заштита на работната средина. Со решеност и јасна визија, таа ги редефинира стандардите за безбедност кои, освен што ги исполнуваат законските нормативи, на компаниите им овозможуваат да ги зголемат својата вредност и стабилност. Како една од ретките жени менаџери во оваа професијата кај нас, пред сѐ, има мисија да ја промени климата за работа на компаниите преку усогласени ставови и, како производ на тоа, да се обезбеди највисоко ниво на заштита и на безбедност како една од клучните рољи во успехот на деловното работење.



Нема да претераме ако кажеме дека малкумина ја разбираат суштината на синтагмата „безбедна работна средина“. Некои за ова сметаат дека е трн во нога, односно „се мора“. Јасно е дека вистината „безбедна работна средина“ е сложена, интердисциплинарна наука, која е многу подлабока од симплифицираната дефиниција. Може ли да добиеме инсајдерска перспектива во поширок контекст на значењето на терминот „безбедна работна средина“?

М. Кукуноска: Терминолошки кога ќе се каже „безбедна работна средина“ се мисли буквално на обезбедување на безбедна средина во која ќе се извршува работата. Ова подразбира имплементација на законските регулативи во делот на противпожарна заштита, на здравје и безбедност при работа, на животна средина и на концепт за безбедносен менаџмент. Со имплементација на сите овие елементи, работодавачот добива сигурност за својата бизнис-инвестиција, работодавачот добива сигурност за своите вработени, додека на долги патеки се добива синергија меѓу вработените и работодавачот во смисла дека тие се максимално безбедни и заштитени од страна на работодавачот.
Интердисциплинарна наука е зашто вклучува многу чекори до комплетно исполнување и во секоја ситуација е добро тоа да се препушти на професионалци кои треба да ја спроведат − не само имплементацијата, туку и постојан мониторинг и укажување на можните/потенцијални ризици кои би можеле да се појават во текот на работниот процес. Со прецизна и со навремена информираност од страна на давателите на услуги, како и едукација на своите клиенти, може да се постигне комплетен ефект на сѐ погоре кажаното.

Каде вие лично го видовте предизвикот, но и можностите во Македонија, во целата оваа констелација во дејноста? Подготвувајќи се за ова интервју, впечаток е дека во последниов период оваа тема во медиумите и во пошироката јавност се поврзува со вас. Дали вашата компанија Премиум сејфти солушн и вие сте најгласни или затоа што деловната заедница и општеството започнаа да ја перципираат оваа индустрија како многу важна?

М. Кукуноска: Не би сакала да се ставам себеси на пиедестал бидејќи сум само еден од многуте актери во оваа дејност каде што работат многу исклучителни професионалци. Сепак, мора да се признае дека има и такви кои со своето знаење и усовршување застанале во далечните години. Безбедноста и заштитата при работа имаат долга историја на нашите простори, но поради објективни и субјективни причини оваа дејност можеби не ги следела глобалните трендови во целост. Денес живееме во време на брз развој, каде што промените се неизбежни. Колку побрзо се адаптираме на овие промени толку повеќе ќе бидеме конкурентни и ќе останеме во тек со современите трендови.
Можам да преземам дел од заслугата во однос на подигањето на свеста и во гласноста на темата, но тоа го правам исклучиво како гласник на потребите на оваа индустрија и со целосна заложба за имплементирање на светските стандарди кај нас.
Оттука произлезе и идејата за формирањето на Премиум сејфти солушн, поттикната од забележаната потреба на компаниите за сигурен партнер кој може да обезбеди целосен пакет безбедносни услуги согласно законските нормативи. Главниот акцент го ставивме на едукацијата на нашите клиенти за законските регулативи, нивната правилна имплементација, како и за соодветното користење и тековно одржување на противпожарната опрема. Со ова ја поставуваме основата на безбедноста, чекор што, за жал, многу компании го занемаруваат.

Тоа е и моето следно прашање. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во однос на информираноста и на перцепцијата за безбедноста во компаниите? Како ја оценувате улогата на институциите во развојот на безбедносниот сектор и нивната соработка со компаниите?

М. Кукуноска: Во нашиот систем постои значителен недостаток на информираност и погрешна перцепција за важноста на безбедноста. Често се гледа како нешто споредно кое треба да се направи само за да се задоволат законските прописи, а не како мерка за заштита на сопствениот бизнис и, што е уште поважно, на вработените кои се бесценет ресурс за секоја компанија. Сметам дека е неопходно компаниите да го променат својот пристап кон безбедноста, особено во начинот на менаџирање и во следењето на современите трендови. Потребно е залагање за подобрување на пазарните стандарди со што ќе се создаде здрава и конкурентна пазарна средина, а на компаниите ќе им се понуди висок степен на безбедност и на квалитет.
Соработката со институциите често се перципира како нешто второстепено или поврзано со други појави, но според мене тоа е клучен сегмент за зајакнување на капацитетите и додадена вредност за секоја компанија во оваа област. Институциите се тие кои ги издаваат овластувањата за работа врз основа на исполнување одредени критериуми и затоа треба да го следат нашиот напредок. Но, нивната улога треба да биде и советодавна, особено во однос на нас и на нашиот кадар. Тие треба да се фокусираат на едукацијата и на развојот на професионалци во областа со што на ниво на држава би се постигнала повисока безбедност за граѓаните и, во исто време, компаниите би добиле безбедни објекти со минимизирање на ризикот од несакани настани како што се пожари, поплави и други инциденти.

Во однос на ова погоре, дали пробивот е направен со лансирањето на вашиот уникатен пакет на безбедносни услуги спакуван под името безбедносен менаџмент? Со што оваа услуга на Премиум сејфти солушн се разликува од постојните безбедносни решенија на пазарот и како таа им помага на компаниите да ги идентификуваат и да ги контролираат безбедносните ризици за подобрување на нивната рентабилност и репутација?

М. Кукуноска: Услугата за безбедносен менаџмент е новитет на нашиот пазар и е единствена од ваков вид. Оваа услуга подразбира спроведување на студија за идентификација, анализа и проценка на безбедносните ризици, како и изработка на методологија и на концепт кој обезбедува најдобри резултати во превенција на загуби и контрола на кусоци, инциденти и други неетички форми на загрозување со кои често се соочува стопанството. Ризикот континуирано и директно влијае врз вредностите на компаниите, а последиците од неговото влијание – во форма на загуби, на пропусти, на грешки, на манипулации, на незгоди и на несреќи – значително влијаат на рентабилноста и на успешноста во работењето.
Со оваа услуга овозможуваме сериозни заштеди, како финансиски така и репутациски, што директно придонесува за подобрување на профитот на компанијата, и тоа на позитивен начин. Нашата цел е да бидеме сериозен партнер на компаниите од критичната инфраструктура и на големите економски оператори во областа на приватните безбедносни услуги. Нудиме најсовремени безбедносни решенија, прилагодени на специфичните потреби на нашите клиенти, со што корпоративната безбедност ја трансформираме во значаен сегмент за превенција од незгоди, од несреќи, од загуби и од други несакани ефекти во работењето. Ова го постигнуваме преку широк спектар на специјално дизајнирани, индивидуално приспособени и интегрирани безбедносни услуги и решенија. Наш приоритет е заштитата на човечкиот живот, на компанискиот имот и на технолошко-деловните процеси.

Како ја гледате улогата на ефективното менаџирање во обезбедувањето на највисоки стандарди за безбедност и, во оваа насока, што треба да се промени во индустријата за противпожарна заштита за да се постигне повисоко ниво на иновации и реално пазарни цени?

М. Кукуноска: Кога ја гледаме професијата како визија, тогаш нашата мисија е целосно остварена. Ова е принцип што сите колеги кои работат во областа на безбедноста би требало да го применуваат. Менаџирањето на компанија која се занимава со безбедност треба да се гледа како визија чија мисија е на клиентите да им се испорача највисок степен на безбедност со највисок квалитет.
Зошто го потенцирам ова? Затоа што индустријата за противпожарна заштита е на многу ниско ниво во однос на следење на новитети. Здруженото дејствување кон едукативни цели и пренесувањето на важноста на безбедноста до клиентите е клучно за да се обезбеди прифаќање на реално пазарни цени. Ова исто така ќе помогне во елиминирањето на конкуренти со нереално ниски цени, кои создаваат лажна слика за вредноста на нашите услуги. Потребно е охрабрување на институциите да се вклучат активно во креирањето на национална стратегија за заштита, спасување и превенција од пожари. Премиум сејфти солушн е позиционирана на нашиот пазар како една од ретките, ако не и единствената компанија ориентирана кон современите безбедносни трендови. Ова вклучува управување со корпоративната сигурност и стабилност, преку управување со оперативните, стратешките и безбедносните ризици.

Регионалното вмрежување, соработката и споделувањето искуства е момент важен за напредокот, за држење чекор со светот. Од скоро време, во нашава држава ја донесовте и ЕУРОСА (EUROSA). Како формирањето на здружението ЕУРОСА Македонија може да придонесе за подигнување на стандардите за здравје и безбедност при работа кај нас и кои се вашите планови за проширување на неговите активности во иднина?

М. Кукуноска: Како додадена вредност на нашето работење ја формиравме ЕУРОСА Македонија која веќе функционира во регионот. Ова здружение е создадено со цел да ја акцентира важноста на здравјето на вработените во рамките на поимот „здравје и безбедност при работа“. Мисијата на ЕУРОСА Македонија е да организира бројни тематски работилници, едукативни предавања и проекти водени од лекари специјалисти, кои се дел од нашиот тим и, секако, отворена покана до сите кои сакаат своето знаење, експертиза и искуство да го пренесат на вработените во компаниите. Со ова воведуваме сосема нова димензија на работата, која е докажано потребна за сите лица на своето работно место. Вработените добиваат можност да разговараат со лекари за потенцијалните здравствени проблеми и предизвици кои можат да станат сериозен проблем за здравјето на работникот, но и за функционалноста на работното место со што би го забавиле или би го прекинале работниот процес во даден момент. Од друга страна, ова повлекува финансиски загуби за работодавачот, па токму затоа оваа пракса има значајна улога во превенцијата и во заштитата на работната сила.

Очигледно е дека глобалните трендови во секторот ги носите и на домашен терен, подигајќи го нивото на повисок степен. Дали ова практично значи дека ќе го зајакнете коморското здружување во вашата индустрија со што придобивките би ги уживале сите?

М. Кукуноска: Коморското здружување е неопходен чекор за изградба на поцврста и на поорганизирана структура за сите ентитети кои работат во нашата индустрија. Ваквата соработка ќе овозможи воспоставување на повисоки стандарди и ќе го подобри квалитетот на работа, што директно ќе резултира со поквалитетни и со поефикасни услуги за сите бизниси. Со заеднички напори можеме да создадеме средина каде што секоја компанија ќе има пристап до повисоко ниво на безбедносни решенија, што ќе ја зајакне и конкурентноста на пазарот.

Како жена менаџер и активен глас во областа на безбедноста, какво е вашето искуство во промовирањето на женското лидерство воопшто кај нас и во регионот? Во оваа смисла, кој е вашиот аспект за ова прашање?

М. Кукуноска: Преку лична активна вклученост, мојата цел е да поттикнам што повеќе жени да се охрабрат и да се вклучат во мултитаскинг процес од каде што јасно ќе ја дефинираат својата најголема способност и ќе се фокусираат таму каде што ќе бидат најдобри и најпродуктивни. Всушност, мора да ја пронајдат оптималната улога за себе онаму каде што ќе можат најмногу и најпродуктивно да придонесат за развојот на бизнисот во земјава и во регионот. Верувам дека женското лидерство носи уникатна перспектива и значајно влијание во секој аспект – од општествената поставеност до деловната улога.



Разговараше: Ќирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано