Интервјуа
КОМПАНИИТЕ ЈА ПРЕПОЗНАВААТ ВАЖНОСТА ЗА ДОБРОСОСТОЈБАТА ВО РАБОТНАТА СРЕДИНА
М6 Едукативен центар
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
М6 Едукативниот центар во мисија на позитивни промени во компаниите и во заедницата
М6 Едукативниот центар постои 17 години и во својата мисија за позитивна трансформација на индивидуите, на компаниите и на општеството развива бројни тренинзи и иницира клучни несекојдневни теми за раст и за развој.
Во своето работење, М6 инспирира агилност, иновативност и креира можности за долгорочен личен и професионален напредок.
Преку платформата ЧЕКОР НАПРЕД редовно иницира и разработува теми и нуди решенија за значајни прашања кои ги засегаат граѓаните и организациите во државава.
Со поддршка на Владата на Швајцарија минатата година, заедно со 30 македонски компании ја започна иницијативата за развој на кадрите и успешно реализираше преку 60 тренинг програми со учество на над 1 600 вработени лица од приватниот сектор.
Организирањето на настанот „Среќен тим, успешен бизнис: Моќта на здрава работна средина“, што се одржа кон крајот на ноември годинава, ја нагласи посветеноста на М6 Едукативниот центар кон создавање општество во кое среќата, благосостојбата и продуктивноста се клучните двигатели на развојот и на успехот преку што целосно ја отсликува мисијата на М6 за долгорочно учење и за креирање на позитивни промени за трансформација на македонското општество.
Во изминативе 4 години, М6 ја прошири својата мрежа на партнерски организации и стана своевиден хаб во кој се реализираат соработки и се разменуваат идеи. Преку нашата мрежа на консултанти и на тренери, во минатите години преку проект со ФИТР и со други организации обезбедивме поддршка на над 700 МСП.
Соработката со: АИ-центарот од Шведска, Адижес институтот во Калифорнија, Импакт хаб (Impact HUB) од Виена, Mindvalley глобалната платформа за програми за личен развој, Глобалната иницијатива за среќа на работното место, WOBA-Women od Board Adria, JBS Training, TBM Group и Амбасадата на Италија, се само дел од интернационалните партнери. Локално и регионално соработуваме со: УКИМ, УАКС, Љубљански универзитет, стопанските комори, Масит, СОС Детско село, Земјоделски институт, ИОРРСМ, МАЧР, Старт ап Македонија и други.
Најбитен партнер и поддржувач е Владата на Швајцарија преку проектот „Образование за вработување“ – Е4Е@мк спроведуван од Хелветас.
За овие теми разговараме со Елена Младеновска Јеленковиќ, главен извршен директор на М6 Едукативниот центар
Во изминатиов периот М6 Едукативниот центар беше активно вклучен во организирање различни обуки за деловните субјекти во Северна Македонија. Колку македонските компании ја препознаваат потребата од овој тип обуки за подигнувањето на управувачките вештини на раководните лица или за подобрување на конкурентноста и на продуктивноста на фирмите?
Е. М. Јеленковиќ: Македонските компании сè повеќе ја препознаваат важноста од континуиран развој и од усовршување на управувачките вештини. Во изминативе неколку години, сведоци сме на значителен напредок во свесноста за тоа колку стратешкото инвестирање во обуки може да влијае на продуктивноста, на конкурентноста, па дури и на корпоративната култура на компаниите. Но, за жал, тоа сè уште не е на ниво на кое треба да биде. Во државава, формалното образование не ги задоволува во целост потребите на бизнис-секторот, па затоа потребата за неформални програми и обуки е сè поголема. М6 Едукативниот центар активно работи и на креирање програми што одговараат на специфичните потреби на македонските компании. Секогаш ги следиме светските трендови, но и потребите на организациите и развиваме соодветни тренинзи за развој на основните, но и за нови дигитални и зелени вештини. Обуките за средниот и за високиот менаџмент, како и активностите преку партнерството за развој на кадри во државава, во унапредување на вештините на раководителите, ни покажуваат дека многу компании се веќе на патот кон проактивно инвестирање во човечкиот капитал. Сепак, предизвик останува подлабоката културна трансформација која бара долгорочно размислување и стратешко планирање. Работната сила која е на прагот на својот работен век, т.н. „милениум“ и „З“ генерациите, за жал, уживаат не толку добар имиџ кај работодавците и сметам дека е сега предизвик да се најде начин како тие млади луѓе да најдат интерес за работа, а од друга страна работодавачите да употребат тактики за мотивација.
Проектот на Владата на Швајцарија „Образование за вработување“ - Е4Е@мк преку партнерство со М6 Едукативниот центар и македонските компании, се ангажира за развој на кадри во државава. Колку е важна оваа поддршка за напредокот на средното ниво на менаџмент преку обуки за доквалификација/преквалификација?
Е. М. Јеленковиќ: Ангажирањето на компаниите, т. е. на приватниот сектор во развојот на кадрите долги години е наша стратешка определба. Проектот „Образование за вработување“ тоа го препозна и од ноември 2023 година заедно почнавме со реализација на активности за развој на кадри. Тогаш бевме 17 компании, а веќе сега во оваа иницијатива сме вклучени 30 македонски компании. Оваа значителна бројка е признание за квалитетот и за стандардите кои ги поставуваме во нашава држава. Преку тренинзите за развој на средното ниво на менаџмент, но и тренинзи за доквалификација и за преквалификација имаме цел да ги развиеме соодветните професионални и основни вештини согласно актуелните барања од компаниите.
Во минатиов период заедно со компаниите на редовни состаноци, но и преку истражувања кои ги спроведуваме во М6, утврдуваме приоритетни теми и области кои се неопходни за ваков раст и развој на вработените. Врз база на овие информации и анализи, портфолиото на центарот се прошири и со нови тренинзи и со професионални програми. Станува збор за тренинзи кои се со времетраење од еден ден до неколку месеци, а би ги издвоила оние кои се поспецифични − извонредност во малопродажбата, маркетинг, продажба, дигитален маркетинг, проектен менаџмент, дигитална трансформација, обука за вештачка интелигенција за менаџери, ЕСГ (ESG) − основно и напредно ниво, тренинг за јавно говорење, комуникациски и преговарачки вештини итн.
Вработени кои имаат соодветно знаење и знаат како да го применат тоа во своите организации, а од страна на компаниите се соодветно мотивирани − се најпродуктивни и се од клучно значење за стабилен и за одржлив развој на организациите, како и за поголем економски напредок на државава.
Следува период на развој на внатрешните капацитети на М6 и се надевам и верувам дека ќе имаме поголем број на партнери.
Зошто се одлучивте за организирање на последната работилница СРЕЌЕН ТИМ, УСПЕШЕН БИЗНИС: МОЌТА НА ЗДРАВА РАБОТНА СРЕДИНА?
Е. М. Јеленковиќ: Во денешново динамично време, честопати занемаруваме еден од најважните аспекти на секој успех – луѓето кои се столбот на секоја компанија и општество.
Преку организирање настан од ваков тип, за прв пат во државава ставаме светло на темата среќа и благосостојба на работното место која сè уште е непозната и е далечна тема во нашево општество, а е клучна за развојот на секоја компанија. Во економски понапредните земји ова е битна тема на секое ниво: државите имаат министерства за среќа, компаниите имаат поставено менаџери за среќа, вработените работат на својот личен развој и среќа. Сето ова резултира со пониско ниво на флуктуација на кадар од компаниите, помал процент на иселување од државите и посреќни граѓани во општеството.
Креирање на организациска култура во која задолжителна компонента од работењето претставува благосостојбата на работно место води кон задоволни вработени, ги сплотува тимовите во кои владее заемна доверба – а крајниот резултат е зголемена продуктивност. Истражувањето кое го спроведовме како дел од настанот донесе резултати кои покажаа дека компаниите не го слушаат доволно гласот на вработените.
Преку нашето зачленување во Глобалната иницијатива за среќа на работно место, со структурирано отворање на оваа тема во јавноста, како и со бројни тренинг програми и работилници кои ги спроведуваме имаме цел да ја подигнеме свесноста за важноста на оваа тема и за одговорноста која ја имаме како индивидуи и како компании.
Разговараше: Митко Јовановски