Општество

САНАЦИЈА НА ТЕРАСИТЕ НА МНТ И ИЗГРАДБА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, се дел од буџетот за култура

03.02.2025

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска информираше дека вкупниот буџет на Министерството за 2025 година, распределен за финансирање проекти од национален интерес во културата, изнесува 814 милиони денари. Љутков појасни дека од оваа година воведуваат промени во начинот на финансирање на програмските активности за 18 национални установи, кои ќе добијат делегиран буџет, а тие се обврзани да ги објават своите годишни програмски содржини на нивните веб-страници.

Буџетот е поголем за 74 милиони денари во однос на буџетот од минатата година, а во овие средства, предвиден е и посебен буџет за креативните индустрии, за кои ќе објават посебен конкурс во периодот што следува. 

Како што посочи Љутков на прес-конференција, видно зголемување на буџетските програми има во дејностите драмска за 40 проценти, библиотечна, меѓународна и заштита на аудиовизуелните добра за 30 проценти, а во визуелни уметности, архитектура и дизајн, како и издавачка дејност за 25 проценти. 

Љутков најави дека во годишната програма, исто така, се предвидува и санирање на проодните тераси на објектот на Македонскиот народен театар во Скопје, санација на делови од објектот на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, како и санација на покривот на стариот дел од објектот на НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а ќе бидат целосно завршени санацијата и градежните активности на просторот наменет за НУ Џез-оркестар – Скопје.  

Тој додаде дека во тек е реализацијата на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје, кој е во постапка на промена на инвеститор, а по претходно одобрение од Владата, а тоа е, исто така, предвидено со оваа програма. Во тек е  објавениот тендер за градежно-конструктивни елементи, односно за испитување на челичната конструкција.

- Во следниве неколку години ќе работиме на Скопското Кале и Курбиново, кои годинава ќе бидат целосно завршени и промовирани. Продолжуваме со забрзана динамика и на Плаошник. Целосна конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“ во с. Разловци 2025 – 2026 година, целосно завршување на активностите во Лешочкиот манастир, препокривање на црквата во Матејче. Завршување на капитален повеќегодишен проект – конзервација и реставрација на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица, како и на капитален проект манастирот „Трескавец“, поточно црквата „Св. Успение на Пресвета Богородица“, при што, со повеќегодишен план е планирано да се реализира целосна заштита. Продолжуваме со забрзана динамика и на реставрација на Аквадуктот. За реализација на овој проект имаме и дополнителна финансиска помош од Амбасадорскиот фонд на Американската амбасада во Скопје, со износ од 205 000 долари. Во план е целосна реализација на основниот проект за архитектурата на куќата на Лазар Личеновски. Предвиден е и повеќегодишен план и финансиска динамика за театарот во Стоби и завршување на проектот Центар за посетители, рече Љутков.

Во рамките на програмата, Љутков напомена дека се поддржани повеќе јубилејни проекти на индивидуални музички и танцови уметници, при што ги истакна јубилеите, и тоа 100-годишнините на Кирил Македонски и Властимир Николовски и 120-годишнината на Стефан Гајдов. 

- Очекувано, годината ќе ја одбележи настапот на ексклузивниот Пласидо Доминго, кој првпат ќе настапи во Скопје, и тоа во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет. Очекуваме содржински и интензивни репертоари во нашите најреномирани национални установи НУ Македонска опера и балет и Македонска филхармонија, како и богата програмска понуда на „Охридско лето“, кои ќе бидат објавени во следниот период, рече Љутков.

Како што напомена, во програмските содржини на фолклорната и сценско-уметничката дејност, покрај зголемената поддршка кон двете најзначајни национални установи „Танец“ и Албански ансамбл за народни ора и песни, во фокусот беа и културно-уметничките друштва, фолклорните ансамбли и фолклорните здруженија кои бележат значајни јубилеи и годишнини. Исто така, додаде дека со соодветна финансиска поддршка се застапени и многубројни традиционални фестивали и манифестации, објави МИА.

 

ПРЕПОРАЧАНО