Општество
Трансплантација на црн дроб од жив дарител на Дигестивна хирургија, ГОБ „8 Септември“ ќе биде регионален центар
06.02.2025
Трансплантација на црн дроб од жив дарител на Дигестивна хирургија, реконструкција на дојка на Торакална и пластика, потоа скрининг на крвта за западно нилска треска, но и баријатрична хирургија за екстремен обезитас, а ГОБ „8 Септември“ да стане регионален центар, беше најавено на денешната презентација на годишниот план за 2025 година за финансирање специјалистичкo-консултативна здравствена заштита во приватните и јавните здравствени установи во просториите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во Скопје.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски информираше дека во 2025 година имаме почетен буџет од 53,4 милијарди денари - зголемување од седум милијарди во однос на почетниот буџет во 2024 година.
- Ваквото зголемување на финансиите овозможува навистина да направиме исчекор во подобрување на здравствената заштита, нагласи Клековски.
Кога станува збор за специјалистичка консултативна здравствена заштита во приватните здравствени установи, за медицински дејности од 281 милион денари за 161 специјалистички тим во 2024, има зголемување за истиот број тимови на 326 милиони денари. Во стоматолошките дејности има мало намалување, како што беше појаснето, заради намален број тимови од 277 на двесте седумдесет и два тима.
- Целта на зголемувањата во лабораториите е да ја подобриме покриеноста со лаборатории за граѓаните. Зголемени се буџетите и во јавното здравство, не само во приватните лаборатории, за да се скратат времињата на чекање за лабораториски услуги, нагласи Клековски.
Тој рече дека следниот чекор ќе биде да се работи на контрола на упатите, бидејќи, како што посочи, „секое зголемување на буџетите треба да биде проследено со зголемена контрола на упати и за медицинско стоматолошка дејност и во лабораториите за да спречиме нерационално трошење“.
Извор/фото МИА