Општество

ПРЕСТАНОК НА ВАЖЕЊЕ НА ВОЗАЧКАТА ДОЗВОЛА ЗА ПРЕБРЗО ВОЗЕЊЕ И ЗА ПИЈАНИ ВОЗАЧИ, се дел од законските измени

07.02.2025

Во контекст на актуелните случувања во однос на безбедноста во сообраќајот во нашата држава, Министерството за правда е фокусирано на утврдување на можни измени и дополнувања во законите, со кои ќе се придонесе за значително зајакнување на безбедноста во сообраќајот, изјави денеска министерот за правда Игор Филков на јавната расправа во Собранието. 

-Со оглед на забележаното зголемување на несреќите, сметаме дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни, дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции, рече Филков пред пратениците и претставниците на институциите.

Министерот смета дека при изготвување на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се тргне од тоа дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект.

- Потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Потребна е измена и на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, како и на неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода, рече тој.

Министерот смета дека треба да се примени превентивен пристап за да се спречи можноста за  повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот. Ова, според Филков, ќе ги мотивира возачите да ја подобрат својата сообраќајна култура и да ги почитуваат сите правила. 

- Новите измени и дополнувања во Закон за прекршоци ќе вклучуваат: Посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата која ќе се однесува на прекршоците кои се детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ (safe city). Овој систем ќе овозможи брзо и точно утврдување на прекршоците, со што ќе се намали бројот на несреќи и ќе се обезбеди побрза реакција на властите. Со оваа новина се предвидува кратки рокови за постапување пред судот, што ќе го забрза процесот на правдата, најави министерот за правда.

За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд, а во случај на сериозни прекршувања, како што се возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот, вели тој, ќе изрече санкција која подразбира престанок на важење на возачката дозвола.

- Ова ќе значи дека возачот нема да може да стекне нова возачка дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата. Оваа казна има за цел да спречи понатамошни трагични настани на патиштата и да се обезбеди поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, рече Филков.

Сите измени, додава тој, во оваа насока имаат за цел и се стремат да го намалат бројот на сообраќајните незгоди, особено оние кои резултираат со смртни последици, и да ги заштитат животите на сите учесници во сообраќајот.

Комисијата за политички систем организираше јавна расправа по сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова.


Извор МИА 

 

ПРЕПОРАЧАНО