Бизнис

АВСТРИЈА ВО ПРОБЛЕМИ: ИНФЛАЦИЈАТА РАСТЕ, ПОЛОВИНА МИЛИОН БЕЗ РАБОТА...

08.02.2025

Инфлацијата во Австрија повторно расте, а во јануари 2025 година цените се зголемени за 3,3 отсто во однос на минатата година. Споредено со декември 2024 година, во јануари годинава е забележан пораст од 1,1 отсто, објави австрискиот национален завод за статистика Статистика Австрија..

Главни двигатели на враќањето на инфлацијата биле цените на услугите и енергијата. Цените на услугите се зголемени за 4,7 отсто, а на енергенсите за 3,7 отсто.

Според статистичките податоци, цените на храната, тутунот и алкохолот пораснале потпросечно, за 2,7 отсто.

Откако во јануари годинава стапката на инфлација повторно порасна, австрискиот институт за економски истражувања (ВИФО) ја ревидираше својата прогноза за годишната стапка на инфлација во Австрија од 2,4 на 2,6 отсто.

Економскиот раст во Австрија повторно е на надолна патека.Еден од главните проблеми е постојаниот пораст на невработеноста. На крајот на јануари, во Австриската служба за вработување (АМС) биле пријавени 445.513 лица како баратели на работа. Тоа е 5,8 отсто или 24.306 луѓе повеќе отколку во јануари 2024 година.

Австриските медиуми пишуваат дека инфлацијата и зголемувањето на цените ги натерале Австријците секојдневно да размислуваат што да купат за храна и пијалоци и што е на распродажба и попусти, за да го добијат што е можно поевтино. И тие се повеќе се прашуваат како ќе го поднесат товарот на тековната криза, пренесува „Блиц“.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО