Бизнис
ИЗВОЗОТ КАКО ПРИОРИТЕТ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јануари 2025г.
ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО 2025 ГОДИНА ВО ФОРМАТ ШТО ЌЕ ЈА ПОДДРЖИ МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ЗА ПОГОЛЕМА ИЗВОЗНА ОФАНЗИВА
Пред речиси 8 години, за многумина како зачудувачки во тоа време, Комората одлучи да ангажира еден од водечките истражувачки центри од Европа – Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања − преку тим предводен од почитуваниот Владимир Глигоров, да изработи детална студија за состојбите и за перспективите на македонскиот извоз како генератор на растот и на вработувањето.
Студијата понуди неколку клучни согледувања – надоградувајќи се на констатацијата дека долгорочната макроекономска рамка на земјава е дизајнирана за раст предводен од извозот. Постои фиксен режим на девизен курс од 1994 година, а фискалната политика е насочена кон избалансиран општ буџет. Конечно, отворениот надворешно-трговски режим, со слободна трговија со ЕУ и во рамките на регионалниот пазар на ЦЕФТА, беше поддршка за растечкиот извоз во последниве десетина години.
Во услови на ригидна макроекономска политика, развојот на земјава зависи од извозот и од надворешната трговија, се констатираше во студијата. Во целата оваа активност, клучна улога има понудата на македонски производи за европските пазари. Колку поголема понуда, толку поголеми шанси за зголемен извоз и за намалување на трговскиот дефицит на земјава. Тогашната структура на македонската економија (која не е драстично променета до денес) покажуваше доминација на преработувачката индустрија, па се констатираше дека е потребна реиндустријализација на економијата бидејќи преработувачкиот сектор се сели кон големите држави, а фокусот треба да биде на развој на услугите.
Притоа констатациите беа дека надворешно-трговскиот сектор останува мал според големината на економијата, недоволно диверзифициран и интернационализиран, со доминација на поголемите фирми и не е соодветно иновативен. Сумирано поинаку, студијата укажа дека македонската економија во тоа време имаше два основни проблеми: компаниите се ориентираат кон производство за домашен пазар, што значи дека речиси целокупното производство се троши во земјава, а средства за инвестиции се чекаат од странски инвеститори, и дека
нема доволно развиеност на иновативност во претпријатијата. Или сумирано во еден збор − фокусот треба да биде кон зголемување на извозот.
За разлика од многу други организации и институции, за кои ваквиот тип студии и анализи служат само за да се пополнуваат фиоките, Стопанската комора сериозно се фокусираше на кажаното и, освен споделувањето на констатациите и на препораките со државните органи, сериозно се зафати со сопственото репозиционирање и преструктурирање што ќе може целосно да се постави во функција на зацртаната цел за зголемување на извозот.
Низ изминативе години се покренаа неколку клучни активности, кои во 2025 година ќе резултираат со воспоставување на темелите на неколку алатки кои ќе бидат носечки во Комората, а кои ги покриваат неколкуте клучни предуслови за поголем извоз – иновативност, знаења и вештини на компаниите, подобар јавно-приватен дијалог за извозните политики и регионално вмрежување. Многу од овие работи се „подготвуваа“ заднински неколку години наназад преку Проектот за поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција, кој го реализира Комората во партнерство со УСАИД, и преку фокусот на регионалните организации, пред сè, Коморскиот инвестициски форум и Асоцијацијата на балкански комори. Овие сегменти ќе бидат носечките столбови на активностите на Комората во 2025 година, но и централна окосница за развојот на Комората во следнава декада.
Националниот совет за извоз е одговор на потребата за зајакнување на јавно-приватниот дијалог, централизирајќи ги на едно место сите прашања поврзани со промоција и со поддршка на извозот. Конституиран е пред речиси две години и во него членуваат претставници на Владата на Република Северна Македонија, владини институции и тела, органи на државната управа кои имаат надлежности и вршат активности поврзани со извозот и претставници од различни извозно ориентирани сектори и компании, а што е клучно за правилно позиционирање на државните стратегии и извозни политики согласно потребите на компаниите. Со него претседава претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
За 2025 година, Советот зацрта да се фокусира на клучните предизвици поврзани со извозната конкурентност на земјава, форми за поддршка на извозните компании, трговска регулатива за олеснување на извозот, како и имплементација на Стратегијата за промоција на извозот на Република Северна Македонија 2024 − 2027 со Акцискиот план 2024 − 2025.

Заради размена на искуствата и на знаењата на извозните компании, Клубот на извозници ќе заземе клучна улога во активностите на Комората во 2025 година, во насока на поголема извозна подготвеност и поголема извозна промоција на македонските компании и на производите на регионалните и на странските пазари преку канализирање на активностите на извозните компании кон нови партнери и пазари, но и кон поттикнување на домашните компании кои, сè уште, не се вклучени во надворешнотрговската размена − да почнат да извезуваат.
Дополнително, една од клучните состојби зошто немаме поголема застапеност на домашните компании на странските пазари се должи и на слабите кадровски капацитети на извозниците – ним им се потребни соодветни знаења, вештини и експертиза во областа на надворешно-
-трговското работење, но и централизиран пристап до сите информации релевантни за некој извозен пазар, што им го овозможуваме со Институтот на извоз кој се состои од две целини – Тренинг центар и Центар за истражувања и анализи.
Преку Тренинг центарот, директно ќе се работи со лицата кои се вклучени на различни позиции во извозниот синџир на компаниите преку испорака на обуки и модули на теми кои се од големо значење за организирање на извозното работење. Тренинг центарот веќе стартуваше во последниот квартал на минатата година, со вклученост на домашни и на странски експерти, претставници на академската фела и на приватниот сектор, и за само неколку месеци оствари извонредни резултати, што е само уште еден доказ колку надградбата на човечките капацитети во овој сектор е неопходно потребна.
Се стартуваше со обуки на две различни програми − „Како да започнете со извоз на меѓународните пазари“, наменета за компаниите кои сакаат да започнат извозни активности, но немаат доволно знаења за да го направат тоа, и „Извозен менаџмент“, наменета за компаниите постојни извозници кои сакаат да го унапредат своето работење и да го прошират опсегот на земји/пазари на кои ќе ги пласираат своите производи. За период од 4 месеци, Тренинг центарот реализираше обуки за повеќе од 250 лица од над 150 извозно ориентирани компании, а програмите ќе продолжат да се надградуваат и во 2025 година.
Центарот за истражувања и анализи (Аналитички центар), преку кој се испорачува стручна експертиза за поддршка на компаниите и консултантски услуги за подготовка на компаниите за настап на странски пазари, преку обезбедување на анализи кои ќе го олеснат пристапот на компаниите до информации кои влијаат врз носењето на деловни одлуки, до крајот на овој месец ќе се всели во новите наменски простории во зградата на Комората, наменети да бидат вистински дом за извозниците.
Конечно, анализите укажуваат дека потенцијалите на регионалната соработка не се доволно искористени – размената со земјите од регионот на ЦЕФТА, иако во вкупен обем расте континуирано, сепак не надминува повеќе од 15 до 16 % од вкупниот македонски извоз годишно во изминативе две децении. Затоа Комората веќе 8 години посветено работи на зајакнување на регионалната соработка во рамките на Коморскиот инвестициски форум преку кој се реализираа бројни активности за застапување на приоритетите на компаниите во регионалните политики, нивно детектирање и давање приоритет на регионалните документи усвоени во рамките на Берлинскиот процес, но и преку креирање на бројни алатки за полесно вмрежување на компаниите.
Од почетокот на 2025 година започна имплементацијата на второто продолжение на Акцискиот план за заеднички регионален пазар, поставен во временската рамка 2025 − 2028 година, кој ги зацртува клучните приоритети за надминување на бариерите во регионалната размена, но и забрзување на усогласувањето со ЕУ-правилата и стандардите, со цел да ја надогради подготвеноста на секоја од економиите од Западен Балкан за интеграција на единствениот пазар на ЕУ во согласност со Новиот план за раст. Како пример, олеснувањето на слободното движење на работната сила во рамките на Западен Балкан потенцијално би можело да го зголеми БДП на регионот за 1,3 % до 2025 година, додека поволното и конкурентно опкружување се очекува да придонесе за годишен раст од 2 %, да привлече до 6,5 % повеќе инвестиции и да доведе до зголемување на стапката на раст на работните места до 1 % годишно, истовремено зголемувајќи ја продуктивноста на МСП за 5 % до 10 %.
Преку Коморскиот инвестициски форум, во изминативе години преку Програмата за развој на доставувачи се работеше директно со компаниите за развивање на нивните капацитети за вклучување во регионалните синџири на снабдување, но и за обезбедување на поголеми можности за вмрежување. Досега повеќе од 7 500 компании добија директна поддршка во рамките на оваа програма преку различните спроведени активности кои продолжуваат и во 2025 година − мапирање на доставувачи во регионот на Западен Балкан, база на податоци за пристап до пазарите (Market Access Database), база на податоци за информации за пазарите (Market Intelligence database), платформа за означување со CE-ознаката, дигитална алатка за извозниците, е-каталог на компании кои учествуваат во настаните за вмрежување организирани од КИФ, техничка помош за МСП за обезбедување пристап до финансии, програма за техничка помош за мали и за средни претпријатија за влез на регионалните пазари и на европскиот пазар, регистрирање на заедничка колективна трговска марка за производи од Западен Балкан, организација на настани за вмрежување за мали и за средни претпријатија, вклучувајќи заеднички настапи на саеми и презентација на компании од регионот на заеднички штанд, учество на средби бизнис со бизнис, организација на инвестициски конференции, како и организација на информативни денови, тренинзи и работилници фокусирани на клучните прашања за унапредување на регионалната трговска размена.
На тоа се надоврзуваат и активностите преку Асоцијацијата на балканските комори која ги обединува и економиите од регионот на Балканот кои се членки на Европската Унија, што доволно говори за мрежата на контакти кои им се достапни на македонските компании преку Комората.
Сето зацртано за 2025 година е само почеток на трансформативното патување на Комората кон постанување на вистински сервис на компаниите, партнер во секојдневното работење, но и поддршка за справување со секојдневните предизвици, сè со цел да ја постигнеме зацртаната цел од студијата спомената на почетокот на овој текст − процентот на извозот од БДП значително да го надмине процентот од едвај 50 % ако сакаме да постигнеме забрзан економски раст.