Бизнис
ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ ЈА ПОКАЧУВААТ СТАРОСНАТА ГРАНИЦА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ
09.02.2025
Покачувањето на старосната граница за пензионирање во многу земји од Европската Унија веќе станува практика. Германците работат најмногу, додека Данска ја врзува старосната граница за пензионирање со очекуваниот животен век. Австрија сè уште има граница за пензионирање на возраст од 65 години. Италија ја зголеми на 67, но многу Италијанци се уште се пензионираат многу порано.
Возраста за пензионирање во Хрватска е 65 години со најмалку 15 години стаж. Жените можат да земат предвремена пензија. Возраста за пензионирање на жените се зголемува за три месеци секоја година. Ова ќе продолжи до 2030 година, кога условите за пензионирање за мажите и жените ќе бидат изедначени.
Најраната возраст за пензионирање во Франција беше зголемена од 62 на 64 години во 2023 година, што предизвика масовни протести меѓу Французите. Не само што е зголемена старосната граница, туку и стажот. Пред реформата беа потребни 41,5 години, а сега Французите ќе треба да работат 43 години за да остварат целосна пензија. Оние кои нема да го сторат тоа ќе мора да го продолжат својот работен век на 67 години, објави „Дојче веле“.
Во Германија старосната граница е зголемена на 67 години за осигуреници родени 1964 година и подоцна. За генерациите родени од 1947 до 1963 година се предвидува преоден рок со постепено зголемување на старосната граница за пензионирање. За предвремено целосно пензионирање во Германија, треба да имате 45 години стаж.
Италија, исто така, ја зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години, но во пракса многумина се пензионираат на 62 години, често со користење бенефиции. Во Данска се работи до 67 години, а во Австрија до 65 години.
Во Австрија во моментов нема планови за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години. Пропишаната старосна граница за мажи е 65 години, а за жени сега е 61 година. Сепак, до 2033 година старосната граница за жените ќе биде 65 години, пренесува Б92.
фото freepic