Општество

ФИЛОЗОФИЈА: Талес

Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки

Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2024г.

Дали античката филозофија, како прва фаза од развојот на западната рационалистичка филозофија, позната уште како европска и континентална, е изнедрена во хеленскиот свет или потекнува од светот на варварите, е предмет на интерес уште од одамнешни времиња, па сè до денес. Неодамна американски професор по филозофија и политички науки на Универзитетот во Тексас, САД, д-р Рој Касагранде (PhD, Roy Casagranda, University of Texas at Austin, United State), ќе го актуелизира прашањето преку родоначалникот на грчката филозофија Талес и со тоа ќе застане на страната на гласноговорниците за ревидирање на историјата на античката филозофија, т.н. космолошкиот период од развојот на античката мисла како темел и основа на европската и континентална филозофија. Имено, професорот смета дека со тоа што е извршено „селективно регистрирање на идентитетите“, односно не се потенцира и не се зема во обѕир и цивилизациската заднина и културолошките особености на потеклото на мислителите и на мудреците кои не биле Хелени, туку варвари, е веројатно со тенеденција за да се „бетонира“ тезата дека античката филозофија потекнува од хеленскиот свет и цивилизација. Бертнард Расел во својата „Историја на филозофијата“ во делот за античката филозофија ќе напише дека „во историјата нема ништо толку чудесно и необјасниво од ненадејната појава на хеленската цивилизација“. За љубопитниот читател, зборовите „ненадејно и необјасниво“ се клучни. Како се случил тој ненадеен подем на хеленскиот свет ако се знае дека и тогашниот свет не е изолирано место, во време кога цветале и други култури покрај хеленската, како феникиската, халдејската, египетската, месопотамската, вавилонската и народи како Семити, односно Сумери кои имале свој јазик и свое писмо, а од Хелените сепак биле нарекувани варвари, иако живееле во услови на развиено производство, трговија, уметност, верувања, етос и култура, вклучително и знаења. Во Египет и во Месопотамија уште 4 000 г. пред Христа се пишувало со идиограми, слики зборови, исто така и Феникијците имале свое писмо, но сепак од Хелените биле нарекувани варвари, од „барбар“, оние кои зборувале неразговетно, брбореле на друг јазик, бидејќи Хелените едноставно не ги разбирале. Флангрантен пример за тоа што го зборува и погоре спомнатиот американски професор сомневајќи се во веродостојноста на тезата дека единствено на Хелените им припаѓа ексклузивното право на присвојување на историјата на антиката е токму Талес, првиот филозоф, родоначалник на филозофијата и основач на Милетската школа. Талес воопшто не бил Хелен, туку Феникиец. Според еден од најрелевантните и најцитирани извори од тоа време, хроничарот Диоген Лаертие, кој се повикува на Херодот, на Дурис и на Демокрит, Талес бил по потекло од Феникија (денешен Либан) кој со родителите се доселил во градот држава Милет кој, пак, во тоа време бил значаен трговски центар, а се наоѓал на бреговите на Егејското Море, во денешна Турција. Талес зборувал феникиски и научил старогрчки, кој по преселбата со родителите во Милет добива и граѓанство. Таткото на Талес се викал Хексамија, а мајка му Клеобулина и припаѓале на угледна феникиска фамилија од родот на Телиди. Што знаеме за Талес? Талес според едни извори не оставил пишан документ, но според други, конкретно според Калимах, го открил соѕвездието „Мала Мечка“, ги напишал делата „За солистициј“ и „За еквиноција“ и прв претскажал помрачување на Сонцето, ја утврдил рамноденицата, ги одредил четирите годишни времиња и ја поделил годината на 365 дена. Ја одредил и големината на Сонцето (Сончевиот круг), големината на Месечината (зафаќа седумстотини и дваесети дел од големината на Сонцето) и последниот ден во месецот го нарекол триесетти. Аристотел и Хипија, пак, за него велат дека на предметите им придавал душевни својства, односно живот – примерот со магнетот и со ќилибарот − што се нарекува хилозоизам од хиле ‘што значи материја’ и зои ‘што значи живот’. Памфилие наведува дека бил извонреден математичар кој научил геометрија кај Египќаните и прв во круг впишал правоаголник. Хиероним ни соопштува дека Талес ја измерил и висината на пирамидата во Египет според должината на својата сенка, а Диоген Лаертие спомнува и анегдота според која читаме дека Милеќаните му се потсмевале на Талес поради тоа што бил занесен мислител, па така одејќи, загледан во небото со размисли за природата на нештата, незабележувајќи дупка на патот ископана за бунар, пропаднал во неа, на што старица му забележала дека не гледа пред себе, а ќе знае за небесните прашања.

Родоначалникот на грчката филозофија, кој не бил Грк, односно Хелен, како претставник на космолошкиот период и прв од првите филозофи е значаен бидејќи дава научен одговор на првото филозофско прашање кое гласи што е праоснова, праелемент на сè постоечко или во превод што е АРХЕ. За принцип на сепостоечкото Талес ја одредил водата. Сè потекнува и настанало од вода, водата е сеприсутна, без вода нема живот. Одговори на првото прашање ќе дадат и неговите ученици, претставници на Милетската школа, Анаксимандар и Анаксимен.

Прашањето за потеклото на Талес не е наивно и безначајно бидејќи имплицира друга заднина. Дали античката филозофија има двострано потекло? Дали е истовремено и варварска и хеленска? И јонска и италска? Потекнува ли од Талес, кој бил Феникиец, но и од Питагора кој бил од островот Самос? Од Платон, кој е роден Атињанин, и Сократ, но и од Аристотел, кој е по потекло од Стагира која влегува во природните граници на тогашна Македонија, Македонското Царство? Ако, на пример, Талес добил милетско граѓанство, зошто не го добил Аристотел по 40 г. престој во Атина и е апатрид? И конечно, дали тезата дека античката филозофија е ексклузивно право само на хеленската цивилизација или е право и на другите култури е парадигма или концепт кој ќе треба одново да се ревидира со што ќе се отворат нови сознанија и погледи за древниот свет, се прашања на кои официјалната историја на филозофијата допрва ќе треба да даде одговори.

ПРЕПОРАЧАНО