Општество
СЛУЖБЕН ВЕСНИК Е ТЕМЕЛ НА ПРАВНАТА СИГУРНОСТ, Осумдесет години постоење
18.02.2025
Осумдесет години постоење на ЈП „Службен весник“ на Северна Македонија не е само бројка, тој е сведоштво за континуитет, професионализам и посветеност кон правната држава и институционалниот поредок. Од своето основање до денес, ова претпријатие претставува темел на правната сигурност, извор на официјалната вистина и гарант на транспарентноста во донесувањето и примената на законите. Се создаваат значајни чекори во градење на современа стратегија за дигитална трансформација на претпријатието, а за реализација на оваа цел клучна е улогата на институциите и поддршка на Владата.
Ова беа дел од заклучоците посочени денеска за време на одбележувањето на јубилејот 80 години постоење на ЈП „Службен весник“ на Република Северна Македонија, што се одржа во Скопје.
Директорот на „Службен весник“, Владимир Кроневски во своето обраќање на настанот информираше дека за овие осум децении испечатени се над осум илјади изданија. Како што подвлече, Службениот весник е хроничар на државноста на сите историски акти и документи на целата правна регулатива.
Тој подвлече дека Јавното претпијатие Службен весник е гаранција за правната сигурност и транспарентност во државата.
- Овие 80 години, оваа инситуција работи на објавување на законите и другите прописи и акти во печатена или во електронска форма, на генерации на граѓани низ страниците на службеното гласило и информира за државниот поредок, за промените во општеството и насоките кон кои се движи нашата држава. Времињата се менуваат, а со нив и предизвициите. Денешното работење бара нови пристапи, современи решенија и постојано прилагодување, рече Кроневски.
Како што напомена, дигитализацијата е патот кон иднина на ова претпријатие.
- Не зборуваме само за тренд или за технолошки напредок, туку и за нови начини на размислување, нова работа и начини на интеракција со граѓаните. Во таа насока, проектираме понуда со уникатна можност да ја унапредиме транспарентноста преку дигиталните платформи, јасност и прецизност на секој клучен сегмент во градење на доверба кај граѓаните. Да ја зголемиме ефикасноста, наместо традиционалниот начин на печатење и дистрибуција. Дигитализацијата ќе доведе до значителна заштеда на времето за објавување и доставување на документи, додаде Кроневски.
Тој потенцираше дека преминот кон дигиталната форма и едуцирањето кон користење на технологијата ќе даде значителен придонес во заштита на животната средина. Напомена дека прават значајни чекори во градење на современа стратегија за дигиталната трансформација.
- Нашата визија е да создадеме целосна дигитализирана платформа, која ќе биде интерактивна, со цел граѓаните полесно да ги најдат информациите кои им се потребни. Во оваа насока, пред нас стојат предизвици во модерните технологии. Улогата на институциите и поддршката на владата се клучни за реализација на овие цели. Дигитализацијата не е само техничка трансформација, туку и културна промена која поттикнува нов начин на размислување и нови вештини, рече Кроневски.
Според Кроневски, Службениот весник е гордо на минатото и е подготвено за иднината.
Министерот за правда Игор Филков во обраќањето потсети дека бројот „еден“ е издаден пред осумдесет години на се уште целосно неослободена територија на Македонија, како президиумот на антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија АСНОМ. На 18 февруари 1945 година, почнува да се издава Службено гласило на македонската држава.
- Првиот број на Службен весник е резервиран за објавувањето на актите на Првото заседание на АСНОМ и на актите на президиумот на АСНОМ, донесени во периодот од август 1944 година до почетокот на издавањето на весникот, кои не можеа да бидат објавени во времето на нивното донесување, поради тоа што седниците на овие органи биле одржувани во услови по окупација. Првиот број ги содржи првите акти на АСНОМ, 2 август 1944 година, кога е формирана македонската држава со сите елементи на државноста, како телата на законодавната и извршната власт, јазикот и системот на образование, системот на здравството, никулецот на судството, платежното средство, територијалната поделба на државата, оперативните решенија, рече Филков.
Извор/фото МИА