Вести

Oтворен Центар за менаџирање на дебелина, Светски ден на обезноста

04.03.2025

Под мотото „Менување на системи за поздрав живот“ денеска на Клиниката за еднокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања ќе биде одбележан Светскиот ден на обезноста. 

На настанот најавено е присуство на претставник од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, претседателот на Научното здружение за обезност ОБЕМ и директорот на Клиниката за еднокринологија. 

Лекарите предупредуваат дека обезноста е сериозна комплексна хронична болест која доколку не се препознае навреме, може да доведе до појава на околу 200 други хронични болести. Апелираат да се разбие стигмата околу обезноста и да се подигне свеста дека секое обезно лице треба навреме да се јави на лекар за да се третира обезноста.

Во земјава е отворен и Центар за менаџирање на дебелина кој работи во рамки на Клиниката за еднокринологија, дијабетес и метаболички заболувања.

Од 30 до 35 отсто од луѓето во Македонија имаат веќе проблем со обезност, додека во светот бројката изнесува една милијарда. За десет години, според проекциите ќе порасне за 50 отсто, и тоа не само во развиените држави, туку и во државите што се во развој како што сме ние. Значи не е проблем само на популацијата што има подобри услови за живеење, туку и во државите кои што се развиваат, посочи министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на обезноста.

Како што посочи Таравари, во земјава има два центри за третман на обезност, односно Клиника за ендокринологија и Градската општа болница „8 Септември“, но, како што рече, наскоро Клиниката за ендокринологија ќе се дисперзира и во Прилеп. Тој нагласи дека Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување веќе ја имаат набавено инсулинската терапија и сѐ што е потребно за луѓето со дијабет.

- Ние како Министерство за здравство, заедно со Фондот за здравствено осигурување, би сакале да се пофалиме дека оваа година веќе ја имаме инсулинската терапија и сето тоа што треба за луѓето со дијабет, веќе е обезбедено и сме во процедура за обезбедување околу 10-20 отсто повеќе. Исто така ќе има третман за пациенти кои што се со дијабет и со обезност, кои што се третираат со специфична терапија. Оваа година таа бројка ќе порасне за 200 пациенти повеќе, што е релативно голема бројка. Исто така, сензорите во изминатите две години беа за 650 пациенти, оваа година ќе бидат 800 пациенти, што е релативно добра бројка, иако не е сосема доволна, не е само за пациентите, односно децата веќе со дијабет, туку и други пациенти кои што се во ризични групи, рече Таравари.

Додаде дека првпат во државата Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство ќе го покриваат 25 пациенти, кои ќе можат да се оперираат,објави МИА.

ПРЕПОРАЧАНО