Бизнис
Нови авиокомпании ќе летаат на нови дестинации, изјави Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија
06.03.2025
Најавени се голем број нови авиокомпании, голем дел од нив ќе летаат на нови дестинации и очекуваме зголемување на бројот на патници веќе од средината на оваа година, вели во видеоинтервју за МИА генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт.
Тој информира дека се очекува за околу еден месец да стартуваат со работите предвидени со модернизацијата на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Во тек на планираните активности авиосообраќајот нема да биде запрен. Модернизацијата на аеродромот е обврска на ТАВ, согласно Договорот за концесија на аеродромите. Плановите се да се зголеми капацитетот на патничкиот терминал и да се обезбеди удобност за патниците кои ќе патуваат низ аеродромот.
Во јануари има пад на авиосообраќајот од 9 проценти, бидејќи, како што вели, ова е период кога има најмалку сообраќај. Со најавените нови дестинации очекува раст на бројот на патници на средината на годината.
- Споредено со 2024 година бележиме мал пад на сообраќајот поради некои направени промени и одлуки донесени од страна на авиокомпаниите односно проблеми кои ги имаа со авионите се досега. Пад од 9 проценти значи 221.000 патници. Меѓутоа во однос на она што го очекуваме, трендот расте, и во наредните месец или два очекуваме зголемување на овие бројки. Со нетрпение го очекуваме ова зголемување, со оглед на тоа што имаме голем број на нови авиокомпании кои се најавени, голем дел од нив ќе летаат на нови дестинации, што значи, зголемувањето го очекуваме веќе од средината на оваа година, објаснува генералниот директор на ТАВ Македонија.
На 27 март „Туркиш Ерлајнс“ стартува со авиолинија Охрид-Истанбул четирипати неделно, што, вели, е многу важно. Охрид и Македонија ќе бидат поврзани со сите дестинации на „Туркиш Ерлајнс“ што отвора многу можности особено за луѓето кои живеат околу Охрид и нема да мора повеќе да возат до Скопје и преку Охридскиот аеродром да ги користат можностите од аеродромот во Истанбул.
Покрај новата линија за поврзување на Охрид со Истанбул со „Туркиш Ерлајнс“ ги истакнува најавените нови дестинации од Скопје до Париз со „Изи џет“, до Барселона, Штутгарт и Лион со „Виз Ер“. Исто така и летовите на „Трансавија“ што стартуваа во неделата на релација Скопје-Аеродорм, линија која е обновена по 12 години пауза, како и чартер летовите што стартуваа од средината на минатиот месец на „Фрибрд Ерлајнс“, авиокомпанија ангажирана од македонски и германски тур-оператори во соработка со македонската Влада.
На зголемувањето на бројот на патниции и авиолинии посочува дека треба да се одговара со јакнење на капацитетите на аеродромските терминали. Секоја година, вели, бележиме зголемување на капацитетите на терминалите. Кога дојдовме, имавме 600 000 патници, а сега скоро да достигнеме и до 3 милиони патници.
Курт оценува дека ТАВ целосно ги исполнуваат обврските од Договорот за концесија и укажува дека во изминатите 14 години имаат инвестирано околу 300 милиони евра. Концесијата на аеродромите истекува за седум години, но работат на презентации за развојот на аеродромите во иднина, кои ќе ги споделат со Владата.
Извор/фото МИА