Вести
Инженерската институција на Македонија го прогласи 21 март за Ден на македонските инженери
14.03.2025
Инженерската институција на Македонија, на 14-то Генерално собрание, го прогласи 21 март за Ден на македонските инженери.
Оваа одлука Инженерската институција на Македонија ја донесе како наследник на традицијата за струково и еснафско организирање на инженерите од 1920 година. Годинава таа одбележува и 105 години од основање на првото македонско здружение на инженери.
Според професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, прогласувањето Ден на македонските инженери значи градење мост меѓу дамнешното минато и иднината во македонското инженерство.
Инженерската институција на Македонија ги повикува сите заинтересирани да се придружат на иницијативата за етаблирање Ден на македонските инженери.
Денот на македонските инженери ќе се одбележи со низа настани организирани од Инженерската институција на Македонија, како што се избор на најактивно инженерско здружение, избор на Млад инженер на годината и панел дискусија на тема „Македонското инженерство во пресрет на индустријата 5.0".
Историски, првото здружение на македонски инженери е основано на 21 март 1920 година, покажуваат архивските податоци добиени од Архивот на Република Србија. Тогаш,во Скопје се одржало првото главно годишно Собрание на инженерите и архитектите од областа на Скопската градежна дирекција и е основано Здружение на југословенските инженери и архитекти – Секција Скопје.
Во писмото испратено на 29 март 1920 година до Главната управа на Здружението на Југословенските инженери и архитекти се бара ова здружение да биде примено во Здружението на југословенските инженери и архитекти, имајќи предвид дека донесениот Правилник на здужението е во согласност со Уставот на Здружението на југословенските инженери и архитекти, соопштуваат од Инженерска институција на Македонија.