Вести
Денеска и утре се одржува Саем за образование 2025
15.03.2025
Годинешниот Саем за образование ќе се одржи денеска и утре во Скопје Сити Мол и ќе претставува уникатна можност за матурантите и за студентите да се информираат за своите академски и кариерни можности.
Настанот е во организација на Скопје Сити Мол и „Студентарија“ – најголемата дигитална студентска платформа и заедница во Македонија, а е поддржан од Шпаркасе Банка.
На официјалното отворање на Саемот ќе присуствува и министерката за образование Весна Јаневска и основачот на Студентарија и организатор на Саемот, Гоше Николов.
На Саемот ќе учествуваат државни и приватни универзитети со над 90 факултети, академии за дигитални вештини и продажба, но и компании и организации за млади. Учесниците преку презентации, интерактивни работилници, панел-дискусии и експериментални шоуа ќе ги доближат до младите најновите едукативни и професионални можности.
Посетителите ќе можат да добијат информации за стипендии, академски програми, уписни рокови, студентски поволности, како и совети за градење успешна кариера.
Од „Студентарија“ нудат програмата на настанот, која вклучува: презентации на универзитети и академии, кариерно советување, работилница за ментално здравје со психолог, презентација на можности за стипендии и Еразмус+ програми, панел-дискусии со експерти на академски и кариерни теми, вмрежување со претставници од образовниот и од бизнис-секторот.
-Саемот за образование 2025 е единствена можност за средношколците и за идните студенти на едно место да се сретнат со претставници на десетици факултети и универзитети, да дознаат за нивните студиски програми, уписни рокови, можности за стипендии и кариера, животот на кампусите, но и да учествуваат на работилници за кариерно советување и да ги истражат различните образовни и професионални патишта што ќе ја одредат нивната иднина, велат организаторите.
Дел од саемот ќе биде и Родителското катче, кое има цел да им обезбеди на родителите и на старателите значајни информации, стратегии и поддршка за тоа како да им помогнат на сопствените деца полесно да ја поминат оваа клучна фаза од своите животи.
фото freepic