Општество

ЗА ЛОШИТЕ МИСЛИ

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2025г.

Се будам секој ден откако знам за себе. Имало и непроспиени ноќи и менување на ден за ноќ, но бројот на таквите изместени деноноќија е занемарливо мал во однос на будењата со ред, кога му е време, наутро. Се разбудив и утрово. Ќе терам нов ден. Животот ми продолжува. И тоа самото по себе е доволно за благодарност. Често забораваме дека секој нов ден на Земјава ни е дар, било да сме куќовни било бездомници. Било да сме во стан, во куќа, во палата, во болница, во подрум или во пештера, во тесно или на широко, денот си е ден. И во хотел и во котел. И даден ни е да направиме нешто добро во него, колку што можеме, а не само да го истераме колку да помине. Зашто деновите, колку и да се, сепак се броени, не се бескрајни. Постоењето во тело, во простор и во време е она што сега го имаме, треба да му се радуваме. А ако мислиме само на себе, радост нема. Без добри дела за другите, животот е зандана. Зашто има постоење и празно постоење. Суета.

Се разбудив и чекам да осамне. Се сеќавам на едни зборови изречени од баба му на еден мој пријател кога бевме деца: „Нема поубаво од бело видело“. А баба му тогаш беше речиси сосема слепа, но ја чувствуваше светлината на денот и со затворени очи. Има такви луѓе кои на старост се мудри и се смирени, и има такви кои се јадосани... поради заслабеноста и истрошеноста на телото, поради близината на смртта, поради тоа што животот е нефер и поминал брзо, како ветер. Отсуството на верба во вечен живот води до тешки разочарувања и одвратно чувство на бесмислица. Навистина, ако сѐ е минливо и нема вечност, сѐ е бесмислено.

Една од најраширените болести на умот денес, која не се смета за болест кај огромното мнозинство, секако, е зломислието. Кога човек се препушта на лоши мисли, на грижи и на сомневања, му се чини дека е во најлошиот од сите можни светови и вината, секако, е кај некој друг, во потесното или во поширокото окружување. И човек се гневи на жената, на детето, на братот, на сестрата, на комшијата, на шефот, на државата, на белосветските и на домашните политичари, на лекарите, на себеси... и гради во умот замислени битки и разговори и дури смислува и тактики како да ја спроведе својата правда. Внимавајте, ова е шаблон, кај сите е исто. Таков е начинот на кој злото дејствува во човекот. А дејствува во сите, дури и оној кој ја познава методата не е заштитен од ваквите напади. Само што кај него може да стане поперфидна.

Еве, деновите на постот во верата се дадени за човек да се бори да ја оствари оваа цел, да се издигне над зломислието, а нејадењето одредени работи е само средство, и тоа слабо, евентуално да ја ослаби жестината на лошите мисли што го напаѓаат и го водат до лоши зборови и дела. Кога средството ќе се постави за цел и кога човекот што пости не јаде месо, јајца и сирење, а пцуе, хули, мрази и се гневи на сите и на сè околу себе и сè некој му е крив за нешто, таквиот човек ептен ја утнал работата. Лошите мисли и сомневањата најчесто се пројава на отсуството на љубов во личноста, а не на правилното расудување.

Има денови и часови во тие денови кога и мене ќе ми се стемни и луѓето ми личат на гадови, на скорпии, на змии, на аспиди и на стии, лицата одеднаш во мојата свест им се грдо изобличени и помислувам да побегнам високо во некоја планина, да не гледам човечки лица и да не слушам лаги, празни зборови, баналности и лицемерија. Да не им ги чувствувам лошотијата, подлоста и користољубието. Природата и животните отсекогаш ми биле некако почисти и поубави, знаеш на што си со нив. Кога ќе ме фатат такви расположенија научив да се самосовладувам и да барам греди во своите очи, а не нечистотии во туѓите, па по некое време се смирувам и ми олеснува. Зашто секој човек, колку и да е никаков, сепак, е човек и има и нешто добро во себе, а лошото му го гледаме зашто и во нас има нешто такво, па со тоа го привлекуваме и го провоцираме да се манифестира. И ако ти се погоди лош човек да ти го снеубави денот, кажи благодарам што ти се погодил зашто ти е даден за нешто свое да сфатиш и да поправиш. А него − не можеш. Особено не со покажување гнев и критика на она што го прави или го зборува. А ако го разобличуваш и го омаловажуваш, правиш уште полошо. Можеш да се помолиш, и за себе и за него, и тоа е најмногу што можеш. И не е малку.

ПРЕПОРАЧАНО