Вести
Седумдневна жалост за жртвите од трагичната несреќа во Кочани
17.03.2025
Во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, од денеска е седумдневна жалост на територија на цела држава. Националното знаме на земјава денеска ќе се вее на половина копје.
Ваквата одлука беше донесена на вчерашната вонредна владина седница, по трагичниот настан што се случи вчера наутро во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа.
- Секој да се придржува до одлуката бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на Министерството за огромната несреќа која се случи, соопшти владината прес-служба.
Од Владата изразија сочувство до семејствата на жртвите во овој трагичен настан.
- Не постои збор кој може да ја ублажи болката за ненадомесливата загуба. Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените. Во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста, се наведува во соопштението од Владата.
Сите планирани настани во установите од областа на културата во текот на оваа недела се откажуваат, информира Министерството за култура и туризам.