Бизнис

Антевски: Верувам дека преку соработка и иновации ќе ја подобриме конкурентноста на секторот и ќе го позиционираме на глобалниот пазар

Метална и електроиндустрија

Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.

Горан Антевски, претседател на Здружението на метална и електроиндустрија при Стопанската комора и генерален директор на Раде Кончар − ТЕП

 

Како нов претседател на Здружението на метална и електроиндустрија и генерален директор на Раде Кончар − ТЕП, мојата цел во оваа нова улога е да ја унапредам дејноста која има доминантна улога во домашната индустрија во целост, да поддржам иновации и да создадам услови за заеднички успех на сите членови на Здружението. Се надевам дека ќе можам да ги применам искуствата и успешните практики од Раде Кончар − ТЕП за да помогнам во развојот на целата индустрија.
Фокусот ќе биде на унапредување на продуктивноста, инвестиции во зелена енергија и поттикнување на дигитализацијата. Иднината на индустријата ќе зависи од создавањето поволни услови за инвестиции и за развој на нови технологии. Верувам дека преку соработка и иновации ќе ја подобриме конкурентноста на секторот и ќе го позиционираме на глобалниот пазар.
Како генерален директор на Раде Кончар − ТЕП успеавме да ја изградиме компанијата во стабилна и успешна организација. Ние сме лидер во производството на: трафостаници, дистрибутивни трансформатори, електроормари, како и на дистрибутивна и индустриска опрема. Клучните фактори за нашиот успех се континуираните инвестиции во технологија и во иновации, како и создавањето тим од високообучени професионалци. Ова ни овозможи значително зголемување на производствената ефикасност и проширување на пазарната присутност. Верувам дека Балканот има огромен потенцијал да стане конкурентен на глобалната сцена и дека со заедничка соработка ќе го достигнеме ова.
Во Раде Кончар − ТЕП веќе работиме на проекти кои ја поддржуваат оваа транзиција и ќе продолжиме да ги прошируваме нашите капацитети. Продолжуваме со инвестиции во нови технологии и во иновации како автоматизацијата и вештачката интелигенција кои ќе ја модернизираат индустријата и ќе ја зголемат ефикасноста. Во компанијата со која раководам веќе ја водиме оваа трансформација и ќе продолжиме да вложуваме во модерни решенија кои ќе ги зголемат квалитетот и продуктивноста на нашите производи. Верувам дека овие инвестициски насоки не само што ќе го зголемат конкурентниот потенцијал на нашите компании туку и ќе ја придвижат индустријата кон поодржлива и поеколошка иднина.
Во исто време, големо внимание му даваме и на промовирањето на важноста на човечкиот капитал бидејќи верувам дека компаниите не се само бројки туку и луѓе кои создаваат вредност. Поддршката за младите таленти и обезбедувањето соодветни образовни програми и тренинзи за вработените ќе бидат од клучно значење за идниот раст на индустријата. Моето искуство во Раде Кончар − ТЕП ми овозможува да применам успешни практики и на ова поле, создавајќи тимови кои ќе бидат подготвени да ги совладаат сите предизвици на брзоменувачкиот пазар.
Продолжуваат мојата улога и мојот фокус на напредување на меѓународната соработка и на размена на знаење и на искуства меѓу компаниите во земјава и во регионот. Потребно е да изградиме посилни партнерства и соработка со други индустриски актери, како и со научно-истражувачките институции, што ќе овозможи споделување на најдобрите практики и иновации. Со силна визија за иднината и со стабилни основи, заедно со моите колеги, ќе продолжиме да работиме на унапредување на електроиндустријата и на металната индустрија. Очекувам дека со сплотени напори, нашата индустрија ќе продолжи да расте и да се развива за да остане лидер во регионалниот и во глобалниот контекст.

ПРЕПОРАЧАНО