Вести

Потврди за неосудуваност достапни на порталот uslugi.gov.mk

26.04.2025

На националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk од денеска се достапни две нови услуги од основните судови - Уверение од кривична евиденција за физички лица и Уверение од кривична евиденција за правни лица.

Со новата услуга за дигитална потврда за неосудуваност се заокружува пакетот најважни дигитализирани услуги за граѓаните, покрај веќе достапните - изводи од матичните книги, уверение за државјанство,  имотен лист и за сопственост на возила. 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски соопштувајќи ја новината денеска на прес-конференција рече дека станува збор за најкористените тековни услуги од основните судови, кои заедно со комплетирањето на пакетот на судски потврди што секојдневно им се потребни на граѓаните и компаниите го сочинуваат пакетот за неосудуваност.

-Во овој пакет, веќе дигитализирани се и Потврдата од казнена евиденција и Потврдата за изречена забрана на вршење професија, дејност или должност,  станува збор за документи кои се често потребни во секојдневниот живот – за вработување, аплицирање за јавни повици, образовни постапки и многу други правни и административни процедури, рече Андоновски, додавајќи дека граѓаните повеќе нема да чекаат со часови пред судските шалтери и архиви. 


 

Извор МИА 

ПРЕПОРАЧАНО