Интервјуа

Храната третирана со јонизирачко зрачење е побезбедна, а не ги менува вкусот и хранливоста

Интервју со Христина Спасевска, раководител на Лабораторијата за радијациона физика при ФЕИТ, за предностите од стерилизација на храната со јонизирачко зрачење

Процесот на стерилизација на храната со јонизирачко значење е недоволно познат за пошироката јавност и за потрошувачите. Колку е важно да се третира храната со јонизирачко зрачење и колку оваа постапка е применета во другите земји при преработката и прометот на хранливи продукти?

Х. Спасевска: Технологијата за ладна стерилизација на прехранбените производи е широкораспространета во светот и се применува повеќе од педесетина години. Постапката за третирање користи силно јонизирачко зрачење и тоа гама зраци, рендгенски зраци или забрзани електрони. На тој начин се намалува ’ртењето кај земјоделските производи и се намалува бројот на патогени микроорганизми во прехранбените производи, се стерилизираат пакуваното месо и болничката храна, особено онаа што ја консумираат реконвалесцентите. Исто така храната на астронаутите во вселената е стерилизирана со јонизирачко зрачење со што уште еднаш се потврдува нејзиниот квалитет. Денес речиси сите видови прехранбени суплементи, додатоци на исхраната, чаеви и зачини во многу земји се стерилизираат на овој начин за да се подобри нивниот квалитет и да се продолжи рокот на траење без користење конзерванси. Храната третирана со јонизирачко зрачење е побезбедна, не го менува вкусот, не се намалува нејзината хранлива и нутритивна вредност и не станува радиоактивна, а процесот на стерилизација е контролиран со меѓународни закони и со стандарди.

Какво е искуството во Македонија и колку граѓаните и домашните компании ја препознаваат потребата од стерилизација на храната со јонизирачко значење?

Х. Спасевска: Во Македонија нема постројки за третирање со јонизирачко зрачење. И покрај големите предности што ги нуди оваа технологија во однос на конвенционалните методи за стерилизација со топлинска обработка или со користење отровни гасови како што е етилен оксидот, за жал, таа е малку позната кај потрошувачите, но и за компаниите увозници на овој тип храна во Македонија. Дури и компаниите кои се сретнале со неа не се подготвени да ги увезуваат овие производи поради општото мислење создадено од непознавање, особено што законски треба на нив да стават знак „третирана со јонизирачко зрачење“ што може да предизвика неоснован страв кај потрошувачите дека храната можеби е радиоактивна што, секако, не е случај. Имајќи предвид дека климатските услови во нашава земја се придружени со високи температури при кои може да настане бактериолошко загадување на храната, користењето на овој тип стерилизација е голема придобивка. Затоа особено е значајно да се подигне свеста дека станува збор за исклучително безбедни производи кои имаат поголем квалитет од оние што се произведени со конзерванси. Исто така информирањето на компаниите увозници ќе помогне овие производи сè повеќе да се најдат во нашите маркети и во аптеките.

Како граѓаните, односно потрошувачите да ја препознаат храна стерилизирана со јонизирачко зрачење? Колку е таа присутна на рафтовите во домашните маркети?

Х. Спасевска: Согласно европските директиви и националниот правилник за посебните барања за безбедност на храната произведена со јонизирачко зрачење, таа се означува со зборовите „озрачена“ или „третирана со јонизирачко зрачење“. Исто така за означување на третираната храна се користи и меѓународниот знак за оваа намена наречен „радура“. Означувањето се прави на храна што е пакувана, рефус или на суровини за производство на храна. Дури и ако третираната храна е малку застапена во некој готов производ, тој треба да биде означен. Согласно европските директиви и националниот правилник, третираната храна треба да биде придружена со соодветна документација со информации за процесот на третирање, применото количество на зрачење, како и објектот во кој е извршено озрачувањето. Компаниите што произведуваат или увезуваат храна третирана со јонизирачко зрачење се должни да ги спроведуваат сите овие законски прописи.
Со оглед на тоа дека Лабораторијата за радијациона физика при Факултетот за електротехника и информациски технологии е акредитирана, која веќе неколку години е носител на владината мониторинг програма и е единствена лабораторија во Македонија за детекција на храна третирана со јонизирачко зрачење, со сигурност може да кажеме дека на рафтовите во домашните маркети и во аптеките се присутни овие производи, иако недоволно. Досега во нашата лабораторија се тестирала храна која била третирана и неозначена, што се коси со законските прописи, но пострашно е кога ќе добиеме негативен резултат за храна која има ознака „третирана со јонизирачко зрачење“, а таа не била третирана. Во тој случај најмногу се загрозени потрошувачите кои мислат дека купуваат стерилизиран безбеден производ, што се гарантира со ознаката.

Која храна се смета за „најризична“ и за која задолжително се препорачува ваков начин на стерилизација заради подобрување на безбедноста во исхраната на луѓето?

Х. Спасевска: Најризични по својата безбедност се производите кои доаѓаат од предели со изразено топла и влажна клима, каде што може да настане појава на патогени организми и на бактерии ако тие во процесот на пакување или при транспортот не се чуваат соодветно. Треба да се посвети внимание на производите кои се набавуваат рефус. Тука спаѓаат чаевите и зачините, особено биберот кој е исклучително подложен на патогено загадување, потоа месото, но и морските плодови кои задолжително се третираат за да ги изгубат штетните материи во нив. Исто така голем број на алкалоидски суплементи и додатоци на исхраната треба да бидат третирани со јонизирачко зрачење.

Колку овој процес влијае на продажните цени на третираните производи ако се има предвид искуството со органската храна која е поскапа за поголемиот број на потрошувачи?

Х. Спасевска: Секогаш велиме дека третирањето со јонизирачко зрачење значи додадена вредност на производот и подобрување на неговиот квалитет. Во просек, цената на производите се зголемува за еден денар по килограм, што не претставува многу имајќи ја предвид заштедата со тоа што оваа храна трае подолго и при тоа не се користат конзерванси чија цена исто така треба да биде земена предвид.

Можете ли да ни кажете повеќе за тестирањето на храната која е стелизирана со јонизирачко зрачење? За што станува збор?

Х. Спасевска: За да се задоволи меѓународната законска рамка, постојат повеќе видови стандардизирани методи за тестирање, т. е. детекција на храна третирана со јонизирачко зрачење кои се физички, хемиски или биолошки. Лабораторијата за радијациона физика, единствена во Македонија, но и на Балканот, е акредитирана со три физички методи кои меѓусебно се надополнуваат за со сигурност да се потврди дека храната била стерилизирана на овој начин. Опремата е добиена како грант од Меѓународната агенција за атомска енергија, а проектите со кои таа е набавена имаат вредност поголема од еден милион евра. Методите со кои располага нашата лабораторија овозможуваат да се добијат прецизни резултати и кај призводи со застапеност на озрачен материјал од само 5 % во производот.
Тестирањето, т. е. детекцијата на производи кои биле третирани со јонизирачко зрачење е широкораспространето, особено во Европа, затоа што овозможува заштита на потрошувачите кои треба да знаат каква храна консумираат. Нашите сознанија, добиени од воспоставената долгогодишна соработка на меѓународно ново, поддржана од Меѓународната агенција за атомска енергија, се дека тестирањето го користат институции за контрола на квалитетот на храната, регулаторни тела и потрошувачки групи. Така на пример, многу често се случува увозниците на додатоци во исхраната да направат проверка пред тие да бидат ставени во производите. Исто така големите синџири на маркети се чести корисници на тестирањето заради информирање на потрошувачите за квалитетот на нивните производи.

Кој од другите земји во светот се попосветени во однос на стерилизација на храната со јонизирачко значење?

Х. Спасевска: Лидери во примената на овие технологии за стерилизација се САД, Франција, Англија, Русија, Турција, но и земјите на Блискиот Исток и Азија како што се Пакистан, Индија и Кина. Тоа значи дека секогаш кога се увезуваат производи од овие земји, македонските компании треба да се истражат дали храната пред тоа била третирана. Постојат два модела кои се применуваат при пласирањето на овие производи. Тие може да се третираат во матичната земја, веднаш по производството, па така да се извезуваат со придружна документација и да бидат означени. Тој е најраспространет модел, но се случува производите да се третираат и при влез во државата, пред да се пуштат во малопродажба. Така на пример, на пристаништата во Англија има постројки за зрачење, па чајот што пристигнува од Азија се третира на лице место. Исто така во Тексас, на границата со Мексико, има постројки во кои се зрачат свежото овошје и зеленчукот увезени од Мексико. Многу несекојдневен пример е зрачењето на грозјето во постројка во Јужна Африка, која е американска инвестиција, за при увоз во САД тоа да биде безбедно за консумирање или за производство на вино. Во секој случај многу земји, кои се посветени нивните граѓани да консумираат безбедна храна, ја користат со години оваа технологија за ладна стерилизација, особено за производи кои не можат да се обработат со топлина.



АХВ: Во РСМ нема одобрени објекти за третман на храната со јонизирачко зрачење

Сите компании регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство имаат законска обврска да ги почитуваат и да го прилагодат своето работење на законските и на подзаконските акти кои се однесуваат на безбедноста на храната. Агенцијата за храна и ветеринарство е орган на државната управа надлежен и за контрола на безбедноста на храната, вклучително и на онаа која е третирана со јонизирачки зраци.
− Во Република Северна Македонија сè уште нема одобрени објекти за третман на храната со јонизирачко зрачење. Објектите во кои може да се третира храната со јонизирачки зраци треба да бидат одобрени од Дирекцијата за радијациска сигурност и од Агенцијата за храна и ветеринарство, ни одговорија од АХВ во врска со прашањето за тоа кој треба да врши мониторинг на овој процес и за тоа која е улогата на оваа институција за проверка на „озрачената“ храна која се продава во Македонија.
Во рамките на Годишната програма за мониторинг на безбедноста на храната (Сл. весник бр. 29/2025) која ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство предвиден e дел за мониторинг на храната третирана со јонизирачко зрачење. Оваа програма се спроведува секоја година, а резултатите се објавени во Годишниот извештај за работата на АХВ.
Согласно програмата, во 2025 година предвидено е да се земат вкупно 40 мостри храна на пазарот на РСМ од суви билки, од чаеви, од зачини, како и од свежо овошје и зеленчук и од свежи и замрзнати риби и морски плодови.
Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува контроли и испитувања дали храната која се продава на македонскиот пазар е третирана со јонизирачко зрачење бидејќи во светски рамки се работи за употреба на една од поновите технологии со кои се продолжува рокот на траење на производите и се подобруваат нивниот квалитет и нивната безбедност, но употребата треба да биде означена на производот според законските прописи.
Согласно Правилникот за посебните барања за безбедност на храната третирана со јонизирачко зрачење, дозволено е да се врши третман на суви билки, на зачини, на суво овошје и на зеленчуци. Правилникот е усогласен со европската легислатива за јонизирачко зрачење на храната (Регулатива [ЕУ] 2/1999 и Регулатива [ЕУ] 3/1999).
− Третирањето на храната со јонизирачко зрачење е прашање кое се однесува на заштита на правото на потрошувачите и на нивното право да бидат информирани за тоа каква храна консумираат. Никако не станува збор за штетна, за небезбедна храна. Контролите кои се спроведуваат се вршат со цел да се провери дали увезената храна која е третирана со јонизирачки зраци е означена и дали навистина таквата храна е третирана со јонизирачки зраци, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.



 

Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано