Интервјуа
Михаиловски: Четврт век лидерство на МКА 2000 во консалтингот – време е за нови предизвици
Интервју со Глигор Михаиловски, претседател на Менаџмент консалтинг асоцијација (МКА 2000)
15.05.2025г
Поводот за интервјуто со Глигор Михаиловски, претседател на Менаџмент консалтинг асоцијација (МКА 2000) се јубилејни 25 години промовирање професионални стандарди во менаџмент консалтингот. Михаиловски споделува увид во развојот на професијата, значајните достигнувања на МКА 2000 и клучните предизвици со кои се соочуваат консултантите денес. Од меѓународната сертификација CMC® до дигиталната трансформација и ESG стандардите, асоцијацијата останува двигател на иновации и стратешки партнер на институциите, компаниите и граѓанскиот сектор.
МКА 2000 на 30-ти мај 2025 година (петок) во хотел „Александар Палас“ во Скопје, со почеток во 09:00 часот, организира регионална тркалезна маса под наслов „Менаџмент Консалтинг – Вчера. Денес. Утре.“
Годинава МКА 2000 одбележува 25 години постоење. Што ве мотивираше да ја основате асоцијацијата и како се развиваше пазарот на менаџмент консалтинг во Македонија во тој период?
Менаџмент консалтинг асоцијацијата (МКА) 2000 е основана пред 25 години од искусни менаџмент консултанти кои ја согледаа потребата да се организираат во професионално здружение на консултанти. Од основањето до сега асоцијацијата има две цели. Првата цел е вмрежување и размена на идеи и пристапи, како и заеднички настап за деловни можности. Втората цел на здружението, која е подеднакво важна како и првата, е стандардизирање на дејноста менаџмент консалтинг. Имено, МКА 2000 е единствена лиценцирана организација во земјава со франшиза за стандардот за менаџмент консултант: Certified Management Consultant CMC®, кој е присутен во над 70 земји од светот, и постои од 1967 година.
Во изминатите две и пол децении, кои ги сметате за најзначајни влијанија на МКА 2000 врз оформувањето на професијата и нејзината препознатливост во деловниот и јавниот сектор?
Можам да истакнам повеќе елементи на влијанието кое МКА 2000 го има во подобрување на квалитетот на професијата менаџмент консултант/консултантка. Пред сé, задоволството од нашите клиенти од деловниот, јавниот и граѓанскиот сектор. Нашите менаџмент консултанти работат во овие сектори и даваат/обезбедуваат најразлични услуги, вклучително и коучинг и обуки. Три клучни промени кои ги гледаме последните години како резултат на делувањето на нашата асоцијација се: зголемување на бројот на жени-менаџмент консултантки, воведување на можноста за членство на правни лица како и препознавањето на CMC® од страна на деловниот и посебно јавниот сектор. Промовираме еднакви можности за жените и мажите, на пример минатата година избрана е жена секретар на организацијата, додека имаме и рамноправно учество на жените во управните тела.. Од минатата година како членки во асоцијацијата прифаќаме и правни лица – досега веќе во МКА 2000 имаме шест (6) консултантски куќи и организации. Ова е важно затоа што промовираме консолидиран и сеопфатен пристап на консултантски услуги за клиентите. Сите промени влијаеа на зголемувањето на бројот на нашите членови и тоа за 300% во последните 2 години.
Кои се најголемите предизвици со кои денес се соочуваат консултантите – од дигиталната трансформација и ESG стандардите, до зголемените очекувања за општествена одговорност?
Главните предизвици на менаџмент консултантите се навременото прилагодување на динамичните предизвици во општеството, во што ние како асоцијација покажуваме постојана флексибилност и прилагодување кон новите можности. Голема флексибилност демонстриравме и за време на Ковид-19 пандемијата прифаќајќи ги дигиталните алатки за комуникација во корист на нашите клиенти. Ги следиме и новите можности за финансирање или преструктурирање за нашите клиенти. Слободно можам да кажам дека помагаме на голем број компании да пристапат до редовните и до интервентните фондови на Владата и донаторите, како и да воведат организациски промени со цел да обезбедат одржливост. Во услови на светска економска криза, инфлација и неизвесност во пристап до пазари, нашите менаџмент консултанти, рака под рака со клиентите, работат на отворање нови можности и спремање за новите времиња. Дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и Big Data се процеси кои се неопходни за одржливост на компаниите. Дел од нашите менаџмент консултанти активно се вклучени во дигиталната трансформација и писменост, а и на тркалезната маса што ја организираме на 30-ти мај 2025 година ова е тема на една од клучните сесии. Општествената одговорност, ако искрено одговорам, за жал е сé помалку во фокусот на домашните компании. Притисокот од економските процеси најмногу се рефлектира врз расположливите ресурси на компаниите за општествено одговорни практики. Иако веќе е изработена и нацрт верзија на втората Стратегија за општествена одговорност од страна на државата, чекаме да видиме и реални чекори за нејзино спроведување. Дел од нашите менаџмент консултанти се експерти од областа на ESG стандардите и ги нудиме нашите советодавни услуги како за државата така и за фирмите и граѓанските организации.
Колку македонските компании и институции имаат развиена свест за вредноста на консултантските услуги и дали во практиката се гледа промена во нивниот однос кон стручната поддршка?
Консултантите се дел од повеќе програми на Владата и институциите во системот, но она што недостасува е постојаност и стандардизирање на профилите на консултантите кои можат да им помогнат на институциите. МКА 2000 е достапна и стои на располагање на институциите во посредувањето и олеснувањето на пристапот до најквалитетните консултантски услуги. Токму тука би ја истакнал важноста од сертифицирањето на менаџмент консултантите, со сертификат кој се стекнува со подолг процес на проверка на знаењето и истиот се обновува на секои три години. Полека гледаме промени во разбирањето на овој процес од страна на институциите, деловниот и граѓанскиот сектор, како и донаторите. Во неколку наврати, во идентификација на клучна консултантска поддршка, институциите објавиле повици каде се бара и постоење на активен CMC® сертификат. Имаме случаи кога МКА 2000 и нејзините консултанти се дел од листа на консултанти кои се препорачани за користење од државните институции. Кај компаниите е малку поинаку. Истите лесно препознаваат успешни консултанти, кои вложуваат многу во сопствените вештини и знаење. Имаме голем број компании и граѓански организации кои редовно ангажираат менаџмент консултанти, членки на МКА 2000. Со неколку платформи на бизнис мрежи имаме склучено и Меморандуми за соработка.
На 30-ти мај организирате регионална тркалезна маса посветена на иднината на менаџмент консалтингот. Кои се клучните теми што сакате да ги отворите и со какви пораки ќе излезе МКА 2000 од овој јубилеј?
Пред сé, да прославиме четврт век постоење на оваа асоцијација која вмрежува менаџмент консултантки и консултанти. Сакаме да покажеме дека членството во МКА 2000 дава единствена можност за споделување на идеи, можности за соработка на консултантите и заеднички пристап кон клиентите. Истовремено, ќе презентираме дел од постигнувањата на МКА 2000, во регионалната и меѓународна соработка со членките на Меѓународниот совет на менаџмент консултантски институти, каде сме членка веќе 15 години. Токму затоа учество ќе земаат и водечките консултантски организации од Бугарија и Косово. Насловот на тркалезната маса е „Менаџмент Консалтинг. Денес. Вчера. Утре“. Затоа, ќе бидеме искрени и ќе ги видиме и денешните предизвици на менаџмент консалтингот, во делот на образованието и дигитализацијата. Ќе ги презентираме сите консултантски услуги кои ги нудат нашите консултанти за јавниот, деловниот и граѓанскиот сектор. Настанот го организираме со институционално покровителство од страна на министерот за јавна администрација на Владата на Република Северна Македонија. Со тоа, во овој клучен момент за напредок на земјата во Европската унија, праќаме порака и до сите институции во системот дека можеме да помогнеме во забрзувањето на реформските процеси.
Како МКА 2000 ги гледа младите во оваа професија? Дали има доволно интерес и подготвеност кај новите генерации за да го преземат факелот во менаџмент консалтингот?
Имаме потреба да го прилагодиме нашиот пристап кон идните млади менаџмент консултантки и консултанти. Мислам дека преку нашиот стандардизиран пристап (прифаќањето на Етичкиот кодекс на МКА 2000 е задолжително за секој нов наш член) и промоцијата на сертифицирање на менаџмент консултантите, ќе бидеме и понатаму привлечни за нови, млади и иновативни менаџмент консултанти. Затоа и одлука на МКА 2000 е студентите да имаат можност за едноставен пристап како придружни членови на МКА 2000 преку симболичен годишен надомест за да имаат можност да слушнат за нашите членови и нивните консултантски услуги. Дигитализацијата е нешто што следи во МКА 2000, исто како и поголемата присутност во социјалните медиуми. Овие нешта ќе придонесат за поголеми можности за вклучување на новите генерации и пристап до поголем број клиенти за нашите членови.
фотографии: MKA 2020