Економија
Македонски компании учествуваат на Саем на Кина со земјите од Централна и Источна Европа
22.05.2025
Кина е наш четврти партнер по размена на стоки и трговија и сметаме дека со изложувањето на овие 14 македонски компании на овој штанд ќе има поголем интерес за извоз на македонски производи и стоки на кинескиот пазар, изјави денеска за МИА заменик министерот за економија Марјан Ристески кој ја предводи македонската делегација на 4. Саем на Кина со земјите од Централна и Источна Европа.
Како што јави известувачот на МИА, Ристески оствари средба со заменик министерот за трговија на НР Кина задолжен за надворешна трговија, Линг Џи (Ling Ji), на која во фокусот беа разговори за поголемо присуство на македонските производи во Кина, но и за зголемување на бројот на кинески туристи во нашата земја, како и за нови потенцијални кинески инвестиции во земјата и отворање на нови работни места.
- Се надевам дека оној голем дефицит што го имаме со Народна Република Кина во иднина ќе биде пoмал, во интерес на нашите компании за извоз на наши производи. Кина има најголем интерес за инвестиции во инфраструктурата, во областа на енергетиката, зелената економија и нови технологии. Од оние инвестиции кои ги имаме во Кина, тоа е фабриката во економската зона во Кичево, за изградбата на патиштата Миладиновци - Штип, и моментално изградбата на патот Кичево- Охрид. Исто така претходно сме имале инвестиции во изградбата на хидроцентралата Козјак, меѓутоа сметаме дека ќе има уште поголеми инвестиции што ќе следуваат во наредниот период, изјави Ристески.
- Кина е четврта земја по ред со која Република Северна Македонија остварува најголем обем на размена со светот. Според податоците од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во 2024 година сме извезле производи со вкупна вредност од само 56,740 американски долари, додека увозот од Кина бил 1,165,780 американски долари. Во 2023 година извозот бил 112.339 американски долари, а кај нас се увезени производи со вкупна вредност од 1.083.920 американски долари. Интенцијата е да се направат напори што повеќе македонски производи да се извесуваат на овој милионски пазар со огромен потенцијал, а со тоа и да се намали дефицитот во трговската размена кој е огромен и од година во година се зголемува.
Четвртиот Саем на Кина со земјите од Централна и Источна Европа го отвори државната советничка Република Кина Шен Јичин, а зборуваа и претседателот на словачкиот Парламент Ричард Раси, како и потпретседателката на словенечкиот Парламент Меира Хот.
Кинеската државна советничка ги истакна постигнувањата во рамките на соработката помеѓу Кина и земјите од ЦЕИ, но и намерите на нејзината земја за продолжување и интензивирање на соработката, и покрај глобалните промени, особено во транспортот, трговијата, инвестициите, технолигијата, размена на искуства.
- Ги охрабруваме бизнисите од двете страни да соработуваат, рече таа, нагласувајќи го потенцијалот што го има Кина како втор најголем пазар во светот.
Соработката на Кина со земјите од Централна и Источна Европа датира од 2012 година. Покрај Северна Македонија, во процесот се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Грција, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија. Годинава како почесни гости на Саемот се Словачка и Словенија, кои имаа специјално претставување на своите штандови и, како што најавија нивните шефови на делегации овде во Нинбо, исто така очекуваат интензивирање на соработката со Кина и влез на нивни производи на овој милионски пазар.
Во 2024 година вкупната трговска размена меѓу Кина и земјите од ЦЕИ изнесувала 142,3 милијарди долари. Во овие земји минатата година Кина извезла производи во вкупна вредноста од 111, 1 милијарди долари, додека увозот од овие земји извесува само 31, 2 милијарди долари.
Најголеми трговски партнери на Кина во 2024 година од земјите од ЦЕИ се Полска, Чешка и Унгарија. Во 2024 година инвестициите на Кина во земјите од ЦЕИ изнесувале 24 милијарди долари.
Извор/фото МИА