Интервјуа

СИТЕ СМЕ ФЛУ!

Интервју со ред. проф. д-р Славица Јанешлиева, декан на Факултетот за ликовни уметности

Изложба „45 години ФЛУ“ во Музејот на современата уметност, Скопје

Во организација на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ), на 3 април, со изложба во Музејот на современата уметност (МСУ), беа одбележани јубилејни 45 години од постоењето на нашата сакана Ликовна академија − како што си ја викавме кога бевме студенти.
Изложбата „45 години ФЛУ“ прикажа избор на 45 дела од 45 автори, кои се дел од колекцијата на МСУ, заедно со дела во сопственост на уметниците кои биле или се сега наставен кадар на ФЛУ од основањето до денес. Благодарение на идејата сите професори кои предавале на ФЛУ да се претстават со по едно дело, имавме задоволство да видиме на исто место сегмент од еден историски пресек на творештвото на македонската современа уметност, нагласувајќи го текот на уметничките изрази и практики во последниве четири и пол децении на нашите постари и помлади автори заедно.
Со голем број на посетители, во една конвивијална атмосфера исполнета со убави сеќавања, изложбата беше збогатена со документарни прилози од историјата и од активностите на ФЛУ кои се дел од наследството на факултетот.
Како студент во средината на осумдесеттите, пред мене имаше само неколку генерации, се сеќавам на првите дипломски, првите изложби, првите ревии организирани со кои ја презентиравме нашата работа, консултациите со професорите, но неретко и со постарите колеги. Живеевме во поголема земја, со друг систем на вредности, различен од денешниот, но морам да истакнам дека имам прекрасни и креативни спомени од тој период.
Колегијалноста на постарите студенти и нивното несебично покажување, споделбата на знаење и на информации, еден колективен дух на креативност и односот на професорите кон нас, сето тоа беше дел од подготвката за мојата иднина и кариера.
Изложбата ќе биде отворена повеќе од еден месец и во тој период планирани се и неколку презентации за творештвото на професори и на истакнати алумни во киносалата на Музејот.
По тој повод, разговарам со Славица Јанешлиева, декан на ФЛУ.



Како е конципирана изложбата по повод јубилејот на ФЛУ?

С. Јанешлиева: Прославата на јубилејот започна уште во месец февруари. Реализиравме веќе неколку активности кои беа медиумски покриени. Сметавме дека вака значаен јубилеј не треба да се прославува само еден ден во годината, туку дека настаните и активностите на ФЛУ во текот на целата година треба да бидат посветени на 45-годишнината на ФЛУ. Официјалниот датум, односно роденден на ФЛУ е 31 март.
Јубилеите се повеќе од свечен настан. Тие овозможуваат потсетување на основачите и на значајните личности кои имале визија, доблест и ентузијазам да го потенцираат значењето на ликовната уметност и на образованието. Тие се можност за промоција на културата и на ликовната уметност, негувајќи ги високите вредности, чувството на припадност и гордост. Но, истовремено се и поглед кон иднината, односно нови планови, идеи и развојни стратегии.
Главен, централен настан е изложбата „45 години ФЛУ“ во Музејот на современата уметност во Скопје. Таа има ревијален карактер и има цел да ги слави уметноста, уметничкото образование и културата. Поставката е поделена во два сегмента. Првиот е претставување на 45 дела од 45 исклучителни ликовни творци – наставен кадар на ФЛУ, а вториот е документарен дел каде што со фотографии, со документи и со видеоматеријал се претставуваат активностите на ФЛУ со студентите. Деликатно е да се претстават 45 години посветени на негување и на развивање на ликовниот талент, академските достигнувања, ликовните истражувања, визуелното творештво и влијание на македонската ликовна и културна сцена. Со изложбата допираме многу мал сегмент од творештвото и од активностите. Но, сметам дека е многу важно ваквите претставувања да имаат континуитет. Голема благодарност до МСУ за соработката, за отстапениот простор, за времето и за стручната помош на поставката.

Како дојде до идејата за соработка со МСУ?

С. Јанешлиева: ФЛУ уште од своето основање континуирано соработува со сите национални и градски галериски и музејски институции. ФЛУ не е само наставниот кадар, туку и нашите алумни. Сите сме ФЛУ! Најголем дел од чинителите на ликовната/визуелната сцена, ликовното образование на сите нивоа, визуелните комуникации со дизајнот, јавен и невладин сектор од областа на културата и ументостите во нашата држава биле, се и ќе бидат дел од ФЛУ.
Ликовното творештво и изложбените галериски и музејски институции имаат заедничка потреба и цел: видливост на македонското творештво и соработка со слични институции со цел размена на изложби и на искуства. Нашата, македонската ликовна/визуелна сцена е исклучително богата и мора заеднички да се потрудиме да биде повидлива и препознаена.
Долгорочната соработка со МСУ не е само изложбена туку е и едукативна. Сметавме дека е соодветно вака значаен јубилеј да се реализира во Музејот на современата уметност бидејќи ФЛУ уште од своето основање наставата ја спроведува повеќе според принципите на модернизмот, не инсистирајќи на класицизмот и на реализмот. Секако, ги негува основните карактеритики на традиционалната и на класична настава од областа на ликовните уметности, но не се задржува само на вештините туку и на продлабочување на знаењата − филозофија, етика, естетика, теорија и историја на уметност и поттикнување на истражување во ликовното творештво. Оттогаш ФЛУ континуирано и доследно ги следи глобалните случувања од областа на современите уметности и ги адаптира своите студиски програми според потребите на современите тенденции од областа на визуелните уметности. Дополнително, богатата колекција на МСУ нуди можност за изложување на делата на нашите професори − еминентни уметници. Тоа е важно во вака значаен контекст бидејќи позајмување и транспорт на значајни уметнички дела е голема одговорност.

Дали сметате дека можеби би требало и почесто да се организираат вакви изложби?

С. Јанешлиева: Дефинитивно. Сметам дека треба да постојат почести иницијативи кои ќе го обединуваат, од различни аспекти, творештвото на наставниот кадар и на алумни на ФЛУ. Во минатото, од основањето на ФЛУ, па до крајот на 90-тите, почесто се случувале вакви изложби. Во 2010 година, по повод одбележувањето на 30-годишнината од ФЛУ имавме слично, а сепак многу различно одбележување на јубилејот, исто така во МСУ. Катедрата за графика и трансмедиумски практики, заради долгогодишното организирање на изложбата на студентска графика „Драгутин Аврамовски – Гуте“ поседува богат фундус од графички дела, кои како избор и претставување на современата македонска графика ги има изложувано во Солун и во Сплит, а и во Националната галерија. Факултетот има основна мисија, а тоа е едукација. Организирањето на вака големи изложби, за малубројниот колектив на ФЛУ, е организациски и финансиски исцрпувачко. Но, секогаш сме подготвени да соработуваме со институциите кога има иницијатива за промоција и за видливост на современото ликовно творештво, истражувања и практики.

Со овој јубилеј се слави постоењето на ФЛУ, но воедно се слават и уметноста и ликовната сцена во нашава земја. Кои се вашите впечатоци од прославата?

С. Јанешлиева: Официјалното отворање на изложбата и прославата на јубилејот поминаа фантастично. ФЛУ е најстарата и најреномирана високообразовна институција од областа на ликовните уметности кај нас и е значаен фактор во опстојувањето и во напредокот на ликовната сцена во нашава држава. Тоа мора да биде препознаено, вреднувано и видливо. Се радуваме на возбудените лица на колегите од сите генерации професори и студенти, на позитивната атмосфера и на исполнетиот простор со публика која ужива во ликовната/визуелната уметност. Средбите на колеги од различни генерации во простор и во атмосфера која ги слави уметноста и културата се непроценливи. Се потсетив на големите изложбени настани од мојата младост и се радувам што видов меѓу присутните многу од значајните чинители на сцената. Добив многу пораки со честитки и со импресии, мислам дека тоа е добар показател дека ваквите настани е потребно почесто да се случуваат.
До крајот на годинава ќе имаме уште неколку настани под закрила на јубилејот. Дел се редовни годишни изложбени активности со студентите на ФЛУ, други ќе бидат организирани со акцентирање на потребата од поддршка, од видливост и можности за самоодржливост, односно активности посветени на иднината на факултетот.


 

Разговараше: Лидија Георгиева

фотографии од настанот: Маја Јаневска

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано