Интервјуа
Патничкиот сообраќај на аеродромите во Скопје и во Охрид го зголемивме петкратно
Мега интервју со Неџат Курт | Генерален директор на ТАВ Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2025г.
Оваа година ТАВ Македонија ја слави својата 15-годишнина. Кои се најголемите достигнувања и најважните настани за компанијата во однос на развојот на двата македонски аеродроми во последниве години?
Н. Курт: Како подружница на ТАВ Аеродроми, ТАВ Македонија почна со работа на 1 март 2010 година, преземајќи го управувањето со двата македонски аеродроми од Владата преку договорот за концесија – Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид. Ние бевме пионери во регионот, први кои почнавме со управување на аеродроми што се сопственост на државата, а претходно биле државни претпријатија. Во текот на изминативе 15 години значително ги развивме македонските аеродроми, инвестирајќи над 300 милиони евра во инфраструктура, вклучувајќи го новиот терминал на скопскиот аеродром, ВИП-терминалот во Охрид, рехабилитацијата на пистата во Скопје, напредните системи за проверка на багаж, разните ИТ- и технички системи без кои аеродромските операции не би можеле да функционираат. Овие инвестиции ги подобрија капацитетот, ефикасноста и квалитетот на услугите. Не само што ја надградивме инфраструктурата туку и ја подобривме оперативната ефикасност, што е клучна карактеристика за нас секаде каде што работиме затоа што трансформираме аеродроми кои се гломазни управувачки системи од државен во приватен модел на управување.
Освен капиталните инвестиции, ТАВ Македонија оствари значително економско влијание − придонесувајќи со над 160 милиони евра преку концесиски такси, даноци, стимулации за авиокомпаниите и плати. На двата македонски аеродроми, ТАВ Македонија заедно со своите сестрински фирми – БТА (BTA [храна и пијалаци]), АТУ (ATU [бесцарински продавници]), ТАВ МОС (TAV MOS [управување со комерцијални зони и ВИП и бизнис салони]) и ТАВ Технологии (TAV Tecchnologies [ИТ-услуги]), вработува над 1 000 луѓе од кои најголемиот дел се локални вработени.
Кои се најважните придобивки за вработените на двата аеродрома, а кои за граѓаните, т. е. патниците во овој период?
Н. Курт: Покрај капиталните инвестиции, ТАВ Аеродроми, преку ТАВ Македонија, се фокусираше во голема мера на развивање на експертизата на локалниот персонал на скопскиот и на охридскиот аеродром преку меѓународни обуки на ИЦАО, ИАТА (ICAO, IATA), обуки за стандардите на ЕУ и практично искуство со модерни системи. Со ова изградивме мултифункционални вештини и ги усогласивме операциите со глобалните трендови во воздухопловството. Нашите напори во лидерството, донесувањето одлуки базирани на податоци и дигиталната трансформација, исто така, ја зголемија вредноста на вработените и ѝ донесоа на ТАВ Македонија признание за „Најпосакуван работодавач во 2023 година“ во категоријата Транспорт и логистика, како и сертификацијата што ја добивме годинава „Одлично место за работа“ (Great Place To Work®).
Меѓу 2010 и 2025 година, патничкиот сообраќај на аеродромите во Скопје и во Охрид го зголемивме петкратно, од 640 000 во 2009 година на 3,2 милиона во 2024 година. Овој пораст е резултат на нашите успешни напори за привлекување клучни авиокомпании и воведување на над 40 нови дестинации, значително подобрувајќи ја меѓународната поврзаност за деловни, за туристички и за рекреативни патувања.
Со скопскиот аеродром за 2024 година ја освоивме 10-тата награда за квалитет на аеродромските услуги (Airport Service Quality Award) од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International), a годинава Скајтракс (Skytrax) го рангираше Меѓународниот аеродром Скопје меѓу 10-те најдобри аеродроми во Источна Европа. Новите услуги што ги воведовме како брза лента, самостојно оставање багаж, подобрен систем за ракување со багаж, дополнителни шалтери за пријавување и подобрена сигнализација дополнително го подобруваат искуството при патувањето. Овие клучни работи ја одразуваат нашата посветеност на оперативната извонредност и беспрекорно искуство на аеродромот, што е признаено од најреномираните авијациски организации на глобално ниво.
ТАВ Македонија е подружница на глобалниот гигант ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП. Ова ви дава широк поглед на бизнисот за управување со аеродроми и за воздухопловната индустрија во глобален контекст. Каде се наоѓаат македонските аеродроми од овој аспект и како се издвојуваат од аеродромите во нашите соседни земји?
Н. Курт: Како подружница на ТАВ Аеродроми и дел од Групацијата АДП ги користиме глобалната експертиза, напредната технологија и ефикасното управување за да им дадеме на аеродромите во Скопје и во Охрид конкурентска предност во регионот. ТАВ Аеродроми е навистина гигант, корпорација која нуди интегрирани услуги во сите сфери на аеродромското управување. Присутни сме во 30 земји, на над 100 аеродроми, и во 2024 година опслуживме 107 милиони патници.
Откако ја презедовме компанијата во 2010 година го модернизиравме Меѓународниот аеродром Скопје и освоивме десет награди за квалитет на услугите од АЦИ (ACI), станувајќи сè поважна точка на Балканот. Секојдневно опслужуваме патници не само од земјава туку и од регионот, кои сакаат да патуваат од македонските аеродроми. Многу често добиваме пофалби од светски патници дека скопскиот аеродром, иако мал, е убав, компактен, лесен за снаоѓање, чист и ги нуди сите неопходни услуги.
Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид, пак, игра витална улога во поддршката на туризмот, а неодамнешното отворање на новата редовна авиолинија на „Туркиш ерлајнс“ од Охрид до Истанбул уште повеќе ја зајакнува неговата позиција во гравитациската област Македонија − Албанија − Грција. Во споредба со регионалните конкуренти, двата македонски аеродроми се издвојуваат по своите мрежи на авиолинии, гостопримството на нашиот персонал, задоволството на патниците и ефикасното, стратешко управување. И покрај тоа што опслужуваме мал домашен пазар, нашата географска положба е клучна и ни овозможува гравитациска зона во радиус од 300 километри од аеродромите, односно потенцијал да привлечеме патници од сите соседни земји кои за еден до три часа возење со автомобил доаѓаат да летаат од кај нас наместо од нивниот локален аеродром. Сето ова ни дава надеж дека со брзиот развој, со флексибилноста и со квалитетот на услугите ќе ги позиционираме скопскиот и охридскиот аеродром како регионални авијациски центри за деловни и за туристички патувања.
Управувањето со аеродромите е специфичен бизнис. Тесно е поврзан со авиокомпаниите, но и со многу други клучни засегнати страни во општеството како што се државните институции и меѓународните фактори. Какво е влијанието на бизнисот на ТАВ Македонија врз националната економија и како тоа се одразува во пракса и преку бројки?
Н. Курт: Нашето управување со скопскиот и со охридскиот аеродром значително влијае на националната економија преку поттикнување на развојот на инфраструктурата, создавање работни места и поттикнување зголемена поврзаност. Модернизацијата на аеродромите привлекува повеќе меѓународни авиокомпании, подобрувајќи ја глобалната пристапност на земјава и правејќи ја поатрактивна за странски инвестиции. Директното вработување на аеродромите вклучува административни улоги во управувањето; оперативни и технички услуги во аеродромските операции, додека, пак, индиректните работни места се создаваат во сектори како туризам, трговија, транспорт и логистика и уште многу други економски гранки во кои имаме наши постојани добавувачи. ТАВ Македонија, исто така, многу инвестира во обуки на вработените − специфични обуки со цел добивање специфични лиценци во воздухопловството, како и обуки за компетенции и за вештини со цел подобрување на целокупниот квалитет на работната сила. Подобрените услуги за воздушен превоз им користат на извозниците и на трговијата, а растот на патниците директно придонесува за националниот БДП затоа што ја поттикнува локалната економска активност. Аеродромите играат клучна улога во јавно-приватните партнерства со Владата, помагајќи во обликувањето на политиката и на прописите за воздухопловство, како и во развојот на националниот воздушен сообраќај. Работењето на ТАВ Македонија придонесе за отворање илјадници работни места и стимулираше раст не само во воздухопловниот сектор туку и во повеќе сектори во земјава.

Кои се главните цели на ТАВ Македонија за оваа година, како очекувате да ја завршите годината од аспект на број на патници?
Н. Курт: Секогаш кога поставуваме цели претходно ги анализираме од повеќе агли, но сепак најбитни ни се два аспекта − вработените и клиентите − верижен систем кој, за нас, не може еден без друг. Клиентите, пак, ги делиме на две главни групи – авиокомпании и патници.
Нашите постојани вложувања и надградувања придонесоа низ годините да имаме среќни и задоволни патници, задоволни авиокомпании кои прераснаа во наши постојани партнери и мотивирани вработени.
Нашата главна цел е исполнување на проекциите за бројот на патниците, потоа проширување и отворање нови авиолинии, привлекување нови авиокомпании на наше тло, а со тоа и поврзување со што повеќе дестинации кои ќе бидат нови можности за патниците.
Моето очекување е зголемувањето на бројот на патници да остане константно, а сепак да се заснова на долгорочни модели на раст.
За нас од големо значење е и поддршката што ја добиваме од Владата, особено од Министерството за транспорт. Во оваа насока сакам да споменам дека и ние како ТАВ Македонија имаме програма за стимулирање на нови авиолинии и на нови авиокомпании, нешто што ни овозможува да сме поконкурентни во регионот, а со тоа да се исполнат и компаниските цели од аспект на приходи. Со тоа компанијата ќе има основ за нови инвестиции и имплементација на нови проекти во 2026 година, секако, држејќи ги вработените задоволни и мотивирани.
Какви новитети подготвувате? Што е следно?
Н. Курт: Во овој момент паралелно работиме на различни проекти, за двата аеродрома, и во Скопје и во Охрид. За охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ ја финализираме подготвителната фаза за реновирањето на терминалната зграда за патници каде што, согласно договорот со Владата, инвестираме 2,7 милиони евра.
На Меѓународниот аеродром Скопје, пак, се подготвуваме за проширување на делот од терминалот пред пасошката и безбедносната контрола и поставување нови рендген машини за безбедносна проверка, проекти кои ќе придонесат за побрз проток на патници во кое било време од денот. Веќе инвестиравме во нови електрични возила за нашите операции на аеродромската платформа.
Она што посебно ме прави среќен е што сме групација која постојано вложува во проекти за одржливост на животната средина. Како резултат на воведување на низа мерки во делот на управувањето со емисиите на штетни гасови во секојдневните процеси на Меѓународниот аеродром Скопје, ТАВ Македонија го доби статусот „ниво 2“ во Програмата за акредитација за намалување на емисии на штетни гасови.
Како што споменавте и самиот, ТАВ Македонија е концесионер, односно партнер со Владата. Со управувањето со скопскиот и со охридскиот аеродром почнавте во 2010 година. Уште колку години концесија ви остануваат и дали како меѓународна групација, односно странски инвеститор во земјава планирате и понатаму да работите на македонскиот пазар?
Н. Курт: Нашата концесија истекува за 7 години. Со оглед на тоа што ние сме многу сериозни во намерата да ја продолжиме нашата работа тука како странски инвеститор, сакам да напоменам дека нашите амбициозни намери ги преточивме во еден опсежен главен план за потребите на Владата и на Министерството за транспорт.
Она што ми дава голем мотив за во иднина е фактот што секогаш го споделувам со задоволство, односно дека сите обврски кои ги имавме согласно договорот за концесија ги остваривме, иако беа во голем број. Ќе продолжиме да работиме со исто темпо сè до истекот на концесискиот договор.
Во оваа насока сакам да истакнам дека сум многу среќен што имаме слични перспективи со моменталната влада бидејќи развојот на аеродромите во главните градови и во околината придонесува за економскиот раст на државата. А ние сметам дека многу придонесуваме за економијата во земјава.
Што е идејата на тој главен план и која е неговата цел?
Н. Курт: Главниот план е опсежен документ подготвуван со поддршка од мнозинскиот сопственик на ТАВ Аеродроми, тоа е француската групација АДП, кој опфаќа цели за развој на двата македонски аеродроми на долг рок. Целта е дополнително да се развие авиоиндустријата во Македонија и двата аеродрома да бидат регионални авијациски центри конкурентни во поширокиот регион.
За крај, какво е вашето лично чувство од позиција на генерален директор на компанијата во деновите кога го прославувате 15-годишниот јубилеј? Дали двата аеродрома за вас се само аеродроми низ кои луѓето секојдневно патуваат или вие имате поинаква перспектива?
Н. Курт: За мене е голема чест што ја водам ТАВ Македонија како аеродромски оператор кој годинава одбележува 15 години работа. На позицијата генерален директор дојдов пред две години, но во Македонија и во менаџментот на компанијата сум од самиот влез на ТАВ Аеродроми на македонскиот пазар, односно од почетокот на концесијата. Заедно со сите вработени, во Скопје и во Охрид, преживеавме многу предизвици во бизнисот изминативе 15 години. Од периодот на брзорастечкиот број на патници меѓу 2014 и 2020 година, до ковид кризата која силно нè погоди (но, и покрај тоа ние не отпуштивме ниеден вработен додека сите аеродроми во светот соочени со драматичен пад на операциите го правеа тоа), па сè до повторното „издигнување од пепелта како феникс“ и враќањето на порастот на патниците и отворањето нови дестинации што ни се случува повторно деновиве. Сите подеми и падови, глобални трендови во авијацијата и локалната економија, замислете ги испреплетени во комплексниот синџир на функционирање на еден аеродром и френетичното темпо на работа секој ден, 24 часа на ден, 365 дена во годината. Нашите аеродроми постојано работат, „запченикот“ постојано се врти, а ние се грижиме тој „запченик“ да не за’рѓа, односно процесот да не запре за авиокомпаниите и патниците да се опслужени и да се задоволни 24/7. Тоа е навистина многу тешко и само оние кои навистина ја сакаат оваа работа можат да опстојат долги години во бизнисот.
За мене, а верувам и за многу од моите колеги кои се долги години дел од тимот на ТАВ Македонија, двата македонски аеродроми не се само воздушни пристаништа туку тие се и места на многу емоции.
Патниците ги носат емоциите со себе, патувајќи секојдневно, а ние ги впиваме од зад сцената, без разлика какви се, радосни или тажни. Токму ова ги обојува аеродромите, ги прави места со душа.
Овие 15 години работа ќе ги заокружиме со еден голем гала-настан каде што сите кои придонеле да сме тука кај што сме ќе ги собереме на едно место, заедно да се радуваме на нашите успеси.
Истовремено, во знак на благодарност до сите вработени, организираме два интерни настани во Скопје и во Охрид каде што ќе имаме можност заедно да прославиме и да уживаме.
Овој голем јубилеј ќе го затвориме со инспиративни рекламни кампањи кои ќе бидат порака до сите некогашни, сегашни и идни наши клиенти.
Разговараше: Митко Јовановски