Општество

Ѓорческа ќе игра финале на турнирот во Куршумлиска бања

Најдобрата македонска тенисерска, Лина Ѓорческа успеа да се избори за своето прво финале во 2025 година во сингл, откако денеска во полуфиналето на ИТФ фјучрс турнирот W35 Куршумлиска бања ја совлада четвртата носителка Жибек Куламбајева од Казахстан со 2-1 во сетови (6-2 2-6 6-3) за 2 часа и 20 минути игра.

Утре во финалето ќе игра против седмата носителка Марта Матула од Грција, која до финалниот меч стигна откако денешното полуфинале првата носителка Лиа Каратанчева го предаде во вториот сет при водство од 1-0 за Матула во сетови и 1:0 во гемови во вториот сет.

Ѓорческа сигурно го стартуваше денешниот меч и во првиот сет направи два брејка во четвртиот и во осмиот гем со што стигна до водство од 1-0 во сетови. Во вториот сет нејзината противничка и се реваншираше и таа успеа со два брејка да стигне до освојување на сетот. Куламбајева „брејковите“ ги направи во третиот и во седмиот гем и со тоа го освои сетот што значеше 1-1 во сетови. Во решавачкиот сет тенисерката од Казахстан поведе со 2:0 во гемови, но Лина успеа да направи серија од четири гема за водство од 4:2 што се покажа како решавачко бидејќи сетот го заврши со 6:3 во гемови.

Ова е 36.то финале за Ѓорческа во поединечна конкуренција. Ова е втора победа за Ѓорческа во вториот меѓусебен меч против Куламбајева. Турнирот во Куршумлиска бања се игра за награден фонд од 30.000 долари. Почетокот на финалниот меч е утре во 10 часот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано