Општество

ИЛЈАДНИЦИ ВОЛОНТЕРИ ЈА ИСЧИСТИЈА МАКЕДОНИЈА НА НАЈМАСОВНИОТ ЕКОЛОШКИ НАСТАН НА БАЛКАНОТ – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД

Основана во 2020 година од Гордана Софија и од Ханес Јекл, Мен енд маунтен е компанија чија главна активност е еколошката и економска обнова на нашава земја. Преку отстранување на отпадот и негово рециклирање, со амбиција да се претвори нашава земја во зелена иднина за нас и за идните генерации, целта е да се креира животна средина во која граѓаните ќе имаат поздрав живот, во општество кое се грижи за нив, за културата, за наследството и за природата.
Главно поле на активност, предвидена од 2021 до 2031 година, е проектот Зелена сончева.
Со мото „Да го исчистиме отпадот од минатото и да го рециклираме во зелена иднина“, преку организирање настани и акции за холистичка еколошка свест и уметност, проектот е поделен на два дела:
– Генералка викенд е пролетна акција за чистење и за селектирање отпад, кој се одржува еднаш годишно во мај. На 9, на 10 и на 11 мај годинава се случи најголемата годишна национална акција за собирање отпад, илјадници волонтери од 81 општина чистеа на повеќе од 500 локации. Во акцијата беа исчистени и четирите национални паркови − Маврово, Пелистер, Шар Планина и Галичица. Учестваа преку 20 000 волонтери од над 600 организации: еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, месни и урбани заедници, градинки, училишта, факултети. На официјалното отворање на годинашната акција за чистење отпад, што се случи на Аквадуктот во Скопје, повеќе од 200 волонтери ја исчистија околината околу овој исклучително важен историски споменик.
– Сончева гора е акција за садење дрвја, пошумување и создавање нови шуми на одредени локации низ земјава, еднаш годишно наесен. Се пошумуваат локации на државно земјиште избрани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рамките на Годишната програма за пошумување. Министерството за земјоделство, ЈП Национални шуми и Мен енд маунтен имаат потпишано меморандум во траење од 10 години. Заедно со нашиот главен стратешки партнер Пивара Скопје и официјалните партнери Пакомак, Нула отпад, Шпаркасе банка, ЕВН, Бучим Боров Дол, Макстил, Саубермахер и Костал, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП Национални шуми и Мен енд маунтен ја спроведуваат годишната активност Зелена сончева. Целта е да се исчисти земјата од отпад и да се воспостави одржливо еколошки свесно општество и инфраструктура за селекција на отпадот. Базирано на меморандумот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за секои 10 килограми собран отпад посветува по 1 дрво во рамките на Програмата за проширено пошумување.
Разговарам со Гордана Софија и со Ханес Јекл, идејни творци, основачи и организатори на најголемата еколошка акција во нашава земја и на цел Балкан.



Често пати согледуваме дека многу важни работи во земјава, па така и овој проект, зависат од пасијата на еден или на двајца луѓе. Како ви успева да ја одржите вашата мотивација?

Еден од најважните зборови на кои наидуваме во секојдневниот живот е зборот „Ама...“. Toa не само што ја изразува потребата од изговор да не се направи нешто туку е и израз за бариерите што ги создаваме индивидуално во самите нас. Стравот од промена е неизбежен дел од нашето постоење, затоа не се менуваме, но можеме да се развиваме. Значи, секогаш кога ќе чуеме „Ама...“ дознаваме за нова можност како да преминеме од статус кво во нешто подобро. Континуираното барање нови решенија засновани на постојана комуникација со сите, без разлика на културната или на образовната заднина, е секогаш освежувачка инспирација и мотивација за да продолжиме понатаму. Неуспехот е дел од развојот и е единственото нешто што овозможува долгорочен успех. Од друга страна, ригидноста не овозможува ништо, освен долгорочна фрустрација и очај. Нашата креативност и повратните информации што ги добиваме од луѓето околу нас нè одржуваат во движење, без разлика колку е голем отпорот или застојот. Предизвиците што претстојат можеме да ги решиме само заедно, заедништвото е суштината.

Кои се пречките и предизвиците на кои наидувавте досега?

Иако звучи грубо, најголемата пречка со која се соочивме за време на нашите активности е недостатокот на култура на комуникација. Разбираме дека суштински сè уште живееме во општество каде што можете да добиете пристап до искрен одговор само ако го познавате некого лично. Во моментот кога ќе се јавите на некого и вашиот број не се појавува во неговиот или нејзиниот именик, телефонскиот повик или е-поштата едноставно се игнорираат. Веруваме дека зборот гоустинг (ghosting) е измислен во Македонија. Но, за да се овозможи напредок во глобализираното општество од кое Македонија е дел, мора да разбереме дека основните комуникациски вештини се клучни за развој. Луѓето веќе не прифаќаат дека добивате пристап до одредени информации или можност за реализација на проект само кога го познавате лицето приватно. Ова е фрустрирачки, особено за повеќето луѓе кои немаат членови на семејството на одредени позиции. Други негативни импликации од овие лоши навики се тоа што можностите се заклучени и се достапни само за луѓе со контакти. Веруваме дека нашава земја повеќе не може да си дозволи да ги игнорира иновациите од луѓе кои немаат приватни врски со институции или со компании. Веруваме дека културата на отворена комуникација може да ги реши повеќето од проблемите во кои е заглавена нашава земја. Ова подеднакво важи и за јавните институции и за приватните компании. Гледаме дека најуспешните компании се оние кои ги едуцираат вработените за отворена комуникација. Актот на гоустинг или игнорирање значи смрт на напредокот. И тоа ги убива нашава економија и иновациите.

Успеавте да интегрирате битни играчи од приватниот и од јавниот сектор да се приклучат и да ја поддржат вашата активност. Како се одвива соработката?

Уште од почетокот на нашите активности јасно беше дека за да постигнеме напредок во општествово мора да изградиме мост меѓу граѓаните, приватниот сектор и властите. Нашава земја е премногу мала за да дозволи поделба меѓу групи со различно културно потекло, политички партии и граѓаните кои се чувствуваат отсечени од развојот на општеството. Многу сме благодарни што општествено одговорните компании како што се Пивара Скопје, Шпаркасе банка, ЕВН и Пакомак нè поддржаа во идеите уште од првиот ден и што се сè уште со нас. Поради континуитетот, а исто така и упорноста на нашата амбиција да ги постигнеме целите, семејството на компании што нè поддржуваат (Макстил, Бучим Боров Дол, Нула отпад, Саубермахер и Костал) ни овозможи да ги зголемиме нашите проекти до невидени размери. Вредности како континуитет, етички компас, чесност и вистинска верба во подобро утре ги обединуваат сите овие компании зад наративот на проекти како што се Генералка викенд и Сончева гора. Со садењето на Сончева гора градиме мост меѓу граѓаните и приватниот сектор спрема институциите на нашава земја. Не можеме ништо да направиме сами, но со поддршка од сите можеме да направиме промена за земјава и за граѓаните. Подеднакво важни за волонтерите и за нашите партнерски компании се општините, комуналните претпријатија, како и министерствата кои континуирано нè поддржуваат и ни помагаат да растеме како општество и да се зближиме во нашата надеж за подобро утре.

Подигнувањето на свеста за околината кај нас е тешка и бавна работа. Дали бележите некој напредок и влијание од досега сработеното?

Веруваме дека свеста не е проблем во нашава земја. Проблемот е недостатокот на чувство на одговорност за оваа земја, како и недостатокот на одговорност за прекршоците и за лошите дела. Луѓето генерално имаат чувство дека законите не се спроведуваат и дека ако имате некој познат во суд − нема да бидете гонети за тоа што сте го направиле. Полицајците си ја работат својата работа, но се запрени од судовите. Кога луѓето се гонети судовите ја преоптоваруваат пресудата до степен до кој казната не може да се изврши бидејќи случајот е застарен. Недостатокот на чувство дека живееме во правосуден систем ја нарушува секоја одговорност. Затоа, наместо да ја зголемуваме свеста, треба да го зголемиме чувството на одговорност и на отчетност. Се вели „Рибата смрди од главата“, а луѓето живеат според примерите. Додека личностите на функции кои се осудени за кривични дела се на слобода, никој нема да се чувствува обврзан спрема никаков закон. Без разлика колку се непријатни и тешки последиците, на ова општество му треба длабинско чистење со тоа што ќе ги повикаат лицата да одговараат за нивните дела. И ова започнува од врвот! Кога луѓето ќе видат дека врвните претставници се одговорни за своите погрешни постапки, тогаш чувството на одговорност, на отчетност и на свесност автоматски ќе се вратат.

Не се сомневам во позитивните реакции на малкутемина кои навистина се грижат за катастрофалната и реално срамна состојба кај нас. Дали има надеж дека оваа заедница ќе се зголемува?

Нашата цел е да имплементираме вредности во општествово. Статистички, 20 % од населението никогаш нема да прифати ништо, но ние им се обраќаме на 80 % од населението во Македонија кои сакаат да живеат во безбедна земја, со добри училишта, добри улици, солиден здравствен систем и во чиста животна средина. Тоа се оние 80 % кои веруваат дека нивните даночни пари се користат за одржување на нашава инфраструктура и градење можности за идните генерации. Тоа се оние 80 % кои разбираат дека здравите луѓе можат да живеат само во здрава животна средина и дека чистата животна средина е единственото нешто што ја овозможува нашава економија, туризмот, висококвалитетното земјоделство, занаетчиството и уметноста. Ова се столбовите кои не само што ја прават оваа земја привлечна за странците туку се и единствената шанса да изградиме иднина за нас и за идните генерации. Ние сме на крстопат и мора да одлучиме дали сакаме да останеме во состојба на гробишта, на скршени очекувања или сакаме да се здружиме и да ја реизградиме оваа земја од нула.

Господине Јекл, тенденцијата е луѓето да се селат од овде кон надвор, а вие сте направиле селидба во спротивен правец. Не се сомневам дека постојано ве прашуваат како дојдовте кај нас и зошто останувате, но сепак би ве прашала и јас.

Се сметам за духовна личност и уште кога прв пат стапнав во оваа земја ме обзеде чувство дека ми е судено да дојдам тука. Дури и неколку часа подоцна се заљубив во најпрекрасната жена што некогаш сум ја запознал во мојот живот. И договорот беше запечатен. Луѓето секогаш ме пречекуваа како пријател и веднаш се чувствував прифатен онаков каков што сум. Сето ова ми даде чувство дека сум дома и во мир. Но, проблемите со кои се соочуваме тука се големи и се чувствував должен дека од срце мора да направиме нешто во врска со тоа. За кратко време се најдов опкружен со луѓе кои се чувствуваа исто. И тоа не се промени до ден-денес. Можеби кратката верзија на мојот одговор на вашето прашање зошто сум тука е − љубов.



Разговараше: Лидија Георгиева

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано