Lifestyle
ФИЛМ на МЕСЕЦОТ: ТУКА
Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г.
„Тука“ (Here, 2023) e четврто долгометражно остварување на надоаѓачкиот фламански режисер Бас Девос (Bas Devos). Премиерно прикажан на филмскиот фестивал во Берлин, победник е во селекцијата „Средби”, како и добитник на ФИПРЕСЦИ (FIPRESCI) - наградата од критиката.
Стефан (во улога на Стефан Гота, Stefan Gota) е млад романски градежен работник кој живее во Брисел. Во неговото гастарбајтерско битисување во главниот град на Европа, тој пати од хроничен умор, се наоѓа себеси неисполнет и копнее по човечка поврзаност на начин што не може ниту самиот целосно да го артикулира. Малку нешта го врзуваат и можат да го задржат во Белгија. Така, тој решава да го искористи летниот одмор за да ја посети мајка си и роднините во Романија. Неговите планови за враќање се нејасни дури и за него, бидејќи не е сигурен дали ќе го напушти градот засекогаш, ќе се врати на својата работа или нешто сосема трето. Несигурен дали навистина се збогува со својот живот во градот, тој го празни и чисти фрижидерот. Со остатоците зеленчук, подготвува голема количина на супа. Талкајќи низ градот и неговата периферија, тој им дели супа на познаници и пријатели со кои комуницира во неговиот секојдневен живот, добивајќи реакции кои се движат од збунета зачуденост до искрена благодарност. Скитничките патеки ќе му се вкрстат со Шу Ксиу (Лијо Гонг, Lyio Gong), млада кинеска ботаничарка која подготвува докторска теза за мовот што расте во шумите околу Брисел. Филмот, значителен процент од своето кратко траење посветува на нејзините размислувања на оваа тема, прикажувајќи ни микроскопски слајдови и бујни зелени снимки од овој уникатен еко систем, овде во функција на недвосмислена метафора. „Мовот расте насекаде, а повеќето луѓе воопшто и не го гледаат“, забележува таа. Стефан е маѓепсан од подготвеноста на Шу Ксиу да ужива во секој детаљ од шумскиот живот, а нивното тивко истражување на локалните мовови му отвора нова перспектива, му овозможува да забави и да ужива во моменти кои не бараат од него да носи тешки одлуки, макар и само на кратко. Иако филмот не ја открива крајната судбина на Стефан, тој суптилно наговестува дека оваа средба може да има транформациска моќ.
Микроскопски е и заплетот и на филмот. Се потпира на оние ситни и недофатливи детали кои и главниот протагонист во филмот се бори да ги препознае во сопствениот секојдневен живот. Во ваквиот контекст, домашно подготвената супа прераснува моќна во наративна алатка. „Тука“ ги избегнува грандиозните наративи во корист на суптилното одвивање на постоењето. Тоа е филм каде што драмското значење отстапува пред нечујниот, но постојан пулс на животот, откриен во минливи моменти на поврзување, слични на ненадејни искри или спојување на невидливи енергии. Овие средби ги осветлуваат микроскопските движења што ја обликуваат нашата реалност, нудејќи прониклив поглед во обичното и секојдневното. Бас Девос трпеливо го истражува овој подземен свет на постоењето, темелните слоеви на човечкото искуство, без да прибегне кон вештачки елементи. Филмот раскажува универзална човечка приказна чија привлечност ги надминува јазиците и културата. Мекиот и ненаметлив режисерски допир остава простор за слободна интерпретација на малите нешта во животот кои често избираме да ги занемариме. Онаа вродена едноставност на нештата која постои и покрај нашата склоност да ја комплицираме: бесцелно скитање, заеднички оброк направен од остатоци, неочекувана средба, тивката издржливост на природата среде урбаниот пејзаж. Авторот му дава време на времето. Секој трепет на емоција, секоја мала интеракција, секој монтажерски рез во оваа минималистичка економичност на изразот добива на огромна емотивна сила и влијание, слично како клеточниот раст на навидум безначајниот мов, минијатурен универзум кој изобилува со свој суптилен живот.
Сепак, Девос нè потсетува дека оваа едноставност не е секогаш очигледна. Таа е резултат на отстранување на слоевите, чистота пронајдена во моменти на тивок замор. Стефан го отелотворува ова, неговата физичка и емоционална исцрпеност е последица на самотијата и суровоста на неговата околина. Но, токму овој замор создава ранливост, лиминален простор помеѓу сонот и јавето, каде што границите на перцепцијата омекнуваат и дозволуваат проблесоци на една друга реалност.
Авторскиот пристап суптилно потсетува на естетиката и трансцеденталниот хуманизам на таканареченото споро кино (Slow Cinema), во случајов длабоко вкоренет во мултикултуралната модерност на Брисел. Филмот е снимен во формат 4:3, со едноставен обсервациски стил на документаристичка воздржаност, прочистен дијалог, амбиентални звуци и повремено користење на минималистичка музика. „Тука“ поседува безвременски квалитет на тивка медитација и неговата суштина се наоѓа во неискажаното: капка роса, зрак светлина, срамежлив поглед, тишина, момент на двоумење.
Во време на глобално насилство и бесчувствителност, расеана презаситеност со кратки и банални инстант содржини (content) и доминантен светоглед (читај: тесноглед со аспект ратио 9:16) лишен од каква било длабочинска перспектива, човештвото има огромна потреба од слободен простор и квалитетно време за рефлексија. Тоа е суштинско навраќање кон принципот на „Помалку е повеќе“ (Less is more) и кон концептот на „сиромашна кујна“. Повеќе од добредојдено приземјување во опипливата реалност на сегашноста, поттик за да пронајдеме најдеме убавина во непосредното, да препознаеме доблест во скромноста. Најважно е супата да биде подготвена со многу љубов. Сега, тука и овде.