Интервјуа

ИНТЕРВЈУ I АЛЕКСАНДАР САРЏОВСКИ: Преку понуда на иновативни енергетски решенија и фокус на клиентите го помагаме растот на компаниите

Мега интервју со Александар Сарџовски, главен извршен директор на ЕДС

Енергијата е она што ја движи секоја активност и затоа отсекогаш постоел голем интерес за тој бизнис. Каква е состојбата и каква е конкуренцијата на енергетскиот пазар, домашен и регионален?

А. Сарџовски: Енергетскиот пазар, и домашен и регионален, е во период на интензивна трансформација. Во Северна Македонија целосна либерализација беше воведена на 1 јануари 2019 година, но свеста на потрошувачите расте бавно. Потрошувачите сè повеќе можат да избираат меѓу различни снабдувачи, што носи повисоко ниво на конкуренција, но и зголемени очекувања од корисниците − не само во однос на цената туку и во однос на сигурноста, на флексибилноста и на квалитетот на услугите.
По турбулентниот период на енергетската криза стана јасно дека стабилноста и безбедноста на снабдувачот се од суштинско значење. Компаниите сè повеќе препознаваат дека снабдувачот треба да им понуди долгорочна вредност, стратешка поддршка и решенија што ќе ги водат кон поголема енергетска ефикасност и усогласеност со новите европски регулативи.
На регионално ниво пазарот станува сè поконкурентен, со зголемено присуство на меѓународни енергетски компании. Во Европа веќе се движиме кон децентрализиран модел на производство на енергија − каде што потрошувачите стануваат и производители. Иако овој модел сè уште се развива во нашава земја, насоката е јасна: дигитализација, обновливи извори и поактивна улога на потрошувачите.

Вие сте на чело на компанијата ЕДС која е дел од ППЦ-групацијата (PPC). Кажете ни повеќе за групацијата, за нејзината позиција на пазарот и за ЕДС во тие рамки.

А. Сарџовски: ППЦ-групацијата е една од најголемите енергетски компании во регионот на Југоисточна Европа со вкупен инсталиран капацитет од 12,4 GW. Компанијата има силно регионално присуство − активна е во Грција, во Романија, во Италија, во Бугарија, во Хрватска и во Северна Македонија. Во моментов опслужува повеќе од 8,8 милиони корисници, што ја прави значаен играч на пазарот на енергија.
Преку својата работа, ППЦ-групацијата се стреми да обезбеди безбедно и квалитетно снабдување со електрична енергија, конкурентни цени и, најважно, пристап до зелени и до дигитални решенија. Ова е особено важно за деловните корисници бидејќи решенијата што ги нудиме се прилагодени на нивните специфични потреби.
Како дел од оваа групација, ЕДС ги носи најдобрите европски практики и решенија на домашниот пазар. Нашите корисници добиваат безбеден и стабилен снабдувач со електрична енергија, конкурентни пазарни цени и посветена поддршка во подобрувањето на енергетската ефикасност.

Кои се придобивките што ги добиваат корисниците од соработката со ЕДС во однос на снабдувањето со електрична енергија со оглед на тоа што на пазарот постојат различни сегменти?

А. Сарџовски: Нашата главна цел во ЕДС е да ги задоволиме различните потреби на деловниот сектор преку иновативни и флексибилни решенија за снабдување со електрична енергија. Сведоци сме дека пазарот се состои од различни сегменти поради што развивме два основни тарифни пакети − „без обврски“ и пакет со долгорочен договор − кои им овозможуваат на компаниите да изберат модел што најмногу одговара на нивниот деловен профил.
За оние кои бараат флексибилност и не сакаат долгорочни обврски, пакетот „без обврски“ овозможува плаќање по единствена фиксна цена со можност за месечен преглед и без задолжителни договори. Од друга страна, компаниите кои ги ценат стабилноста и планирањето на трошоците на долг рок имаат можност за значително пониска цена и дополнителни попусти преку 12-месечниот договор.
Со оваа понуда сакаме да им помогнеме на бизнисите да го доведат до оптимум својот буџет, да избегнат ненадејни промени на цените и да имаат целосна контрола врз потрошувачката на електрична енергија. Нашиот фокус останува на континуирано подобрување на тарифните модели во согласност со барањата и со потребите на нашите корисници.

Трошоците за енергија се важна ставка за подобра конкурентност на малите и на средните компании. Каква е поддршката од ЕДС за подобро управување со трошоците во однос на пониските цени и нивната долгорочна предвидливост?

А. Сарџовски: Како компанија водена од потребите на корисниците, во ЕДС сме особено фокусирани на обезбедување алатки и модели за бизнисите што ќе им помогнат да имаат стабилност и предвидливост во нивните трошоци за енергија. Со новите тарифни пакети, за прв пат на нашиот пазар нудиме модели што се навистина прилагодени на реалноста на малите и на средните компании.
На пример, даваме можност за 12-месечна договорна соработка со значително пониска цена – 10,49 денари за киловат/час. Ова им овозможува на корисниците да го планираат својот буџет на долг рок и да избегнат флуктуации на цените. Дополнително, со промотивниот попуст до 3 000 денари во првите шест месеци, обезбедуваме и директна финансиска поддршка за почеток на соработка.
Во исто време, преку пакетот „без обврски“, ги задоволуваме потребите на оние компании на кои им е потребна поголема флексибилност, нудејќи фиксна цена без долгорочен договор, но со можност за месечна одлука.
Поддршката од ЕДС е двојна: овозможуваме пониски и стабилни цени, а во исто време ја пренесуваме контролата врз трошоците директно во рацете на корисниците. На овој начин им помагаме на компаниите поефикасно да управуваат со трошоците за енергија и да растат со предвидливост и безбедно.

Како воспоставувањето на национални и на регионални берзи за електрична енергија влијаеше врз цената на електричната енергија?

А. Сарџовски: Воспоставувањето на национални и на регионални берзи за електрична енергија значително ги подобри транспарентноста, ефикасноста и конкурентноста во енергетскиот сектор. Овие платформи овозможуваат поточни и навремени сигнали за цените и обезбедуваат трговијата со електрична енергија да се спроведува под јасни и регулирани услови.
Како компанија посветена на иновации и на развој на пазарот, ЕДС беше првата во земјава што потпиша договор за купување електрична енергија индексиран на пазарот од ден нанапред (DAM), управуван од MEMO, националниот оператор на пазарот на електрична енергија. Оваа пресвртница го одразува нашиот проактивен пристап во прифаќањето на пазарно базирани механизми кои ги подобруваат предвидливоста и одговорноста во набавката на електрична енергија.
Севкупно, овие случувања помагаат да се создаде поотворен, интегриран и поотпорен пазар на електрична енергија во Северна Македонија и во поширокиот регион.

Со вашето назначување за извршен директор, вие сте посветени на концептот „ЕДС како енергетски партнер, а не само снабдувач“. Можете ли да ни објасните што е ново во работењето на компанијата?

А. Сарџовски: Концептот „ЕДС како енергетски партнер“ претставува стратешка промена во начинот на кој пристапуваме спрема корисниците. Нашата цел не е само да обезбедиме електрична енергија туку и да понудиме консултативна поддршка, персонализирани решенија и долгорочна соработка што ќе им помогне на компаниите да ги зголемат својата енергетска ефикасност и одржливоста.
Иновациите што ги воведовме се насочени кон дигитализација, транспарентна комуникација, флексибилни тарифни модели и поддршка во транзицијата кон зелени извори на енергија. Во исто време ЕДС, како дел од поголема енергетска група, има пристап до повеќе ресурси и знаење, кои ги ставаме во функција за нашите корисници. Сакаме нашите корисници да нè гледаат не само како снабдувач туку и како партнер кој активно учествува во нивниот развој и во енергетската трансформација.

ЕДС е присутен на пазарот повеќе од 10 години, од самиот почеток на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Колку е задоволна компанијата од она што е постигнато во овој период?

А. Сарџовски: Во текот на изминатава деценија, ЕДС прерасна во една од водечките компании за трговија со електрична енергија во Северна Македонија. Од почетокот на либерализацијата на пазарот, нашата цел беше да обезбедиме сигурни, транспарентни и професионални услуги − и со гордост можеме да кажеме дека успеавме.
Нашето портфолио на корисници постојано расте, од година во година, заедно со нашиот пазарен удел, што ја потврдува довербата што ја имаат бизнисите во нас. Главна пресвртница во нашиот развој беше станувањето дел од ППЦ групација (PPC) − една од најголемите енергетски групи во Југоисточна Европа − што дополнително ги зајакна нашата финансиска стабилност, оперативниот капацитет и пристапот до регионалните пазари.
Сите овие достигнувања нè прават горди на досегашното патување и сигурни во нашата способност да продолжиме да испорачуваме вредност.

Што ќе биде фокусот на компанијата во следниве години работење?

А. Сарџовски: Гледајќи напред, нашиот фокус ќе биде на дигитализација, на одржливост и на клиентски ориентиран пристап.
Ќе продолжиме да инвестираме во дигитални алатки и во платформи кои го подобруваат искуството на корисниците и ја доведуваат до оптимум употребата на енергија. Одржливоста ќе биде клучен приоритет − не само со нудење решенија за зелена енергија и услуги за енергетска ефикасност туку и со активна поддршка на транзицијата кон економија со ниски емисии на јаглерод.
Да се биде дел од ППЦ групација ни дава обем, експертиза и регионално присуство за понатамошен раст и да им донесеме уште поголема вредност на нашите партнери. Нашата визија е ЕДС да се гледа не само како снабдувач на енергија туку и како долгорочен енергетски партнер, помагајќи им на бизнисите да се снајдат во променливиот енергетски пејзаж со доверба и со иновации.

За крај на интервјуто, каков е вашиот личен пристап кон лидерството и управувањето со енергетска компанија? Која е вашата визија за иднината на енергетските услуги во земјава?

А. Сарџовски: Мојот личен пристап кон лидерството е пред сè базиран на визија, на интегритет и на постојан дијалог − со тимот, со пазарот и со корисниците. Верувам дека во динамичен и во критичен сектор како што е енергетиката, лидерот не треба само да управува туку и да инспирира, да гради доверба и да создава услови за континуиран развој и за иновации.
Во ЕДС градиме култура на професионализам и на одговорност. Секој предизвик го гледаме како можност − за подобрување, за учење и за создавање вредност за нашите корисници и за пазарот како целина. Особено во време кога енергијата се менува брзо, верувам дека е клучно да се биде флексибилен, информиран и подготвен да се водат промени, а не само да се реагира на нив.
Што се однесува до визијата – ја гледам иднината на енергетските услуги како целосно поврзана со одржливоста, со дигитализацијата и со активното учество на потрошувачот. Услугите повеќе нема да бидат ограничени само на снабдување со енергија.
Тие сè повеќе ќе значат консултации, планирање, паметно управување со потрошувачката, интеграција на обновливи извори и на дигитални алатки. Потрошувачите исто така ќе станат производители − и ќе бараат партнери, а не само снабдувачи.
Мојата цел како лидер е да го позиционирам ЕДС како токму таков партнер − стабилен, иновативен и одговорен, кој ќе ја води енергетската транзиција на пазарот и ќе биде дел од европската енергетска иднина.


 

Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано