Интервјуа

ИНТЕРВЈУ | АЛЕКСАНДАР БАЈКОВ: Принтек – фактор во дигитализацијата на финансискиот и на малопродажниот сектор

Интервју со Александар Бајков, генерален менаџер на подружницата на Принтек груп (Printec Group) во Македонија – Принтек технолоџи Скопје

Александар Бајков е генерален менаџер на подружницата на Принтек груп (Printec Group) во Македонија – Принтек технолоџи Скопје, ИТ-професионалец и менаџер со долгогодишно искуство. Во Принтек е од 2017 година, а пет години подоцна ги води операциите на македонската подружница, период во кој компанијата ја зацврстува својата позиција на македонскиот пазар во областа на дигитални плаќања и на технологии за самопослужување. Со Бајков разговараме за пазарните трендови, за соработката со водечките банки и за малопродажниот сектор, како и за плановите за наредниот период...


Г. Бајков, во Принтек сте повеќе од осум години и од 2022 година ги водите операциите во Македонија. Како го оценувате работењето во овој период?

А. Бајков: Принтек во Македонија е присутен речиси 20 години. Изминативе 5/6 години беа исклучително динамични и продуктивни. Успеавме значително да го зголемиме пазарниот удел во областа на нашето дејствување, да го зголемиме портфолиото на производи и на услуги кои ги испорачуваме и речиси двојно го зголемивме локалниот тим. Дигиталната трансформација во финансискиот сектор во Македонија е во фаза на трансформација, банките инвестираат во воведување напредни функционалности на мултифункционални банкомати и на уредите за наплата, притоа водејќи грижа и за зголемената безбедност при плаќањата и за исполнување на барањата на домашната регулатива и на меѓународните стандарди. Мора да ги нагласам кохезијата, посветеноста и вештините на тимот на Принтек во Македонија, кои се на исклучително високо ниво. Наша примарна цел е да обезбедиме максимална достапност и оперативност на сите системи кои ги испорачуваме, што ги гарантираме со висок квалитет на испорачаните услуги потврдени и со стандардот за управување со услуги ISO 20000. Резултат од овој пристап е позиционирање на Принтек како долгогодишен стратешки технолошки партнер на најзначајните финансиски институции во земјава.

Кои пазарни сегменти и клиенти се во вашиот фокус и зошто одлучуваат да работат со Принтек?

А. Бајков: Наш главен фокус е финансискиот сектор, а преку него, посредно, и малопродажниот сектор. Наши партнери се банките кои сакаат да се истакнат по квалитетот на услугите и на уредите преку кои се вршат различни финансиски трансакции на иновативен, на лесно достапен и на безбеден начин. Неблагодарно е да истакнуваме одредена банка со која работиме бидејќи сме реализирале и во моментов работиме на реализација на многу значајни проекти за модернизација на мрежите на банкомати, додавање нови функционалности за клиентите, централизирано управување и мониторинг, безбедност, воведување неколку генерации ПОС-терминали со напредни функционалности и поддршка за сите видови платежни картички на пазарот. Во последниве неколку години имаме и засилени активности за подиректно присуство во малопродажниот сектор.
Принтек се позиционира како партнер на банките и на малопродажниот сектор во време на економска неизвесност преку сигурност, агилност и долгорочна визија. Наша цел не е само да продаваме технологии туку и да градиме партнерства. Кога на клиентот му е најтешко сакаме да бидеме најпристапни и најагилни – со локален тим, со брзи имплементации и со скалабилни решенија. Во услови на зголемена конкуренција и притисок врз оперативните трошоци − ќе опстанат само технолошките партнери кои носат вредност и флексибилност.

Во што е потенцијалот за раст и за автоматизација во малопродажниот сектор?

А. Бајков: Малопродажниот сектор бара брзина, ефикасност и интеграција. Нашите решенија како касите за самонаплата, дигиталните цени, сингл ПОС-решението, системот за флотни картички за бензинските пумпи, ја подобруваат работната ефикасност, овозможуваат нови кориснички услуги и овозможуваат собирање податоци за потрошувачките навики. Ова овозможува синџирот на продавници да прави попрецизни предвидувања, акции и лојални програми. Веруваме дека во следниве две-три години, голем дел од малопродажните синџири ќе преминат кон самонаплатни решенија, делумно и поради недостатокот на работна сила.

Познато е дека како компанија донесовте некои важни технолошки решенија на македонскиот пазар. Може ли да издвоите некои од нив?

А. Бајков: Принтек е прва компанија на македонскиот пазар која успешно спроведе поврзување на ПОС-терминали со касите за наплата со што се елиминираа можностите за грешка при мануелен внес на сумата на терминалот и значително се забрза времето на наплата, што е од особена важност за работење на големите малопродажни синџири. Речиси и не постои голем синџир на маркети или на аптеки во кои не е имплементирано ова наше решение. Ние сме прва компанија која воведе единствен систем за далечински мониторинг на ПОС-терминалите и детална аналитика на сите картични трансакции, што е од особено значење за трговците за целни маркетинг-кампањи и за стратешко планирање.

Кога зборуваме за дигитални решенија, каде ги гледате најголемите промени во однесувањето на корисниците?

А. Бајков: Корисниците сè повеќе очекуваат брзина, едноставност и достапност на услугите 24/7. Ова го менува начинот на кој комуницираат банките со клиентите. Тие сè повеќе се насочуваат кон дигитални канали и решенија за самопослужување како што се паметни банкомати, интерактивни киосци, паметни сефови и мобилни плаќања. Принтек има капацитет да одговори на сите овие барања преку сопствени решенија и преку партнерства со глобалните технолошки лидери.
Раководителите и претприемачите кои размислуваат за дигитална трансформација не треба да чекаат совршено време, туку да инвестираат итеративно. Дигиталната трансформација не е „еден голем проект“, туку континуиран процес. Малите чекори, со вистински партнер, носат најголема трансформација. Принтек не е само технолошки снабдувач – ние сме консултативен партнер со разбирање за вашата индустрија. Ние не испраќаме понуди, туку ги правиме промените, заедно со корисниците, со своето знаење, искуство и технолошки способности.

Кој е најголем предизвик, но и најголем успех во изминатиов период?

А. Бајков: Наш најголем предизвик е да се одржи високиот квалитет на услуги при рапиден раст на дигитализацијата. Од друга страна, наш најголем успех е признавањето и препознавањето на Принтек како сигурен и доверлив партнер од водечките банки. Успеваме да го зголемиме бројот на клиенти, да го прошириме портфолиото на производи и да го зајакнеме и да го прошириме локалниот тим. Особено сум горд на фактот што сме дел од секојдневниот живот на граѓаните преку услуги кои ги олеснуваат нивните финансиски трансакции.

Какви се плановите на Принтек во Македонија за следниов период?

А. Бајков: Плановите се двонасочни. Едната насока е дополнително да го прошириме нашето портфолио на услуги во финансискиот сектор, особено во насока на дигиталните самопослужни експозитури, со повеќеканални решенија, со интелигентни сефови за бизнис-клиенти и со решенија за оптималност на паричните текови. Другата насока е проширување на дејноста во малопродажниот сектор со сродни и со нови дигитални решенија за кои веќе зборував. Исто така планираме инвестиции во услужните капацитети и во едукација на локалниот персонал бидејќи веруваме дека силниот тим е основа на секоја стратегија за одржлив раст. Сето ова е невозможно без обучен и без мотивиран тим вработени како еден од нашите столбови на успех. Кога имате тим од експерти, оперативни ентузијасти, врвна технологија, сериозни партнери и клиенти, успехот е неизбежен.

Кажете ни нешто повеќе за Принтек груп.

А. Бајков: Во Принтек груп сметаме дека технологијата треба да функционира тивко и непречено – без да се наметнува, но да е тука, едноставно и безбедно да го олеснува секојдневниот живот. Тоа е токму она што го нудиме во Принтек. Како регионален лидер за решенија што ги поврзуваат компаниите со нивните корисници, присутни во 17 земји од Централна и од Источна Европа, помагаме бизнисите да нудат беспрекорно, безбедно и едноставно искуство при секоја трансакција – без компликации и во голем обем. Веќе над 35 години помагаме организациите да изградат посилни врски со клиентите преку иновации, ефикасност и пристап што го става човекот во преден план. Нашите решенија и услуги ги опфаќаат плаќањата, самопослужните технологии, автоматизацијата, логистиката, е-трговијата, безбедноста и усогласеноста, потпомогнати со техничка поддршка и со сервис по продажбата. Со тим од над 1 000 искусни професионалци и со силни партнерства со светски компании како НЦР, Верифон, Глори, Каслс, ИМТФ и Ворлдлајн (NCR, Verifone, Glory, Castles, IMTF and Worldline) испорачуваме безбедни, прилагодливи и скалабилни технологии кои растат заедно со вашиот бизнис и носат конкретни резултати.


Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано