Општество
УБАВИОТ ЗБОР | СУЗАНА КАМБЕРОВА: МАРИЈА, ОТПЛЕТКУВАЧКА НА ЈАЗЛИ (MARIA KNOTENLÖSERIN)
Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина
Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2025г.
Кога папата Франциск − кој, за жал, неодамна почина − во осумдесеттите години на минатиот век престојувал во Аугсбург, Германија, во една од локалните цркви открил ретка, малку позната икона на Богородица. Бил длабоко фасциниран од неа. Иконата се наоѓала во црквата „Св. Петар“ (St. Peter am Perlach) и била насликана околу 1700 година од уметникот Јохан Џорџ Мелхиор Шмитнер, а по нарачка на свештеникот Хиеронимус Лангенмантел.
Легендата за оваа икона е подеднакво моќна како и самата слика. Се раскажува дека бабата и дедото на Лангенмантел имале тежок и бурен брак, преполн со караници и со неслога. На крајот, по многу измачување, решиле да се разделат. Во последен обид да ги смири, се вмешал еден локален језуитски свештеник, отец Рем. И покрај денови обиди, напорите му биле залудни − дури и во негово присуство расправиите не престанувале.
Во еден миг на очај, отецот се свртел кон иконата на Богородица што стоела во просторијата, ја погледнал и извикал:
„Ја кревам оваа брачна врска (врвца) за сите јазли на неа да се отплеткаат и да се одврзат!“
И тогаш, вели приказната, се случило чудо. Мачните јазли на нивниот однос се расплеткале како врвца што ја исправа некој со љубов и со трпение. Сопружниците престанале да се расправаат, останале заедно и нивното семејство преживеало. Нивниот внук, подоцна свештеник, ѝ се оддолжил на Богородица што ја спасила неговата фамилија. Така настанала иконата позната како Богородица, отплеткувачка на јазли (Maria Knotenlöserin) − слика која длабоко ќе го допре срцето на идниот папа Франциск, тогаш уште само бискуп Бергољо.
Што го фасцинирало точно папата, не можеме да знаеме. Но, мене лично ме трогнува начинот на кој е прикажана Богородица. Не е пасивна, не стои во познатата улога на меланхолична мајка со дете. На сликата, таа е жена во движење. Во рацете држи врвца полна со јазли − симболи на човечките маки − и ги расплеткува еден по еден, со трпение и со решителност. Таа не гледа немо. Таа дејствува.
Слична енергија чувствувам и кога ќе ја погледнам иконата на Свети Ѓорѓија − во лет, на коњ, со копје в рака, како се бори со аждерот. Во ретки прилики, светите лица се претставени во динамична акција, со јасна намера и физичко дејствување. Тоа ми се допаѓа − не како богохулен став, туку како на човек што верува во напорот. Во потегот. Во борбата.

Во христијанството, молитвата е дејствување. Вербата е сила. Но, понекогаш е утешно да видиме слика на света фигура која буквално расплеткува нешто со прстите. Таа приземна симболика можеби била и причината што го допрела папата Франциск. Работејќи со најсиромашните во предградијата на Буенос Аирес, сигурно добро ги познавал јазлите на човечката егзистенција − трагедиите, беспомошноста, болките. Можеби долго се мачел да им најде решение, негде во сферата на физичкиот, не само духовниот свет. И можеби токму затоа оваа икона за него станала толку блиска.
По неговото откритие, иконата станала мошне популарна во Аргентина, а потоа и во Бразил. Заедно со неа се пренесува и молитва кон Богородица, отплеткувачка на јазлите − „До Марија, Мајката на која Бог ѝ ја довери задачата да ги отплетка јазлите од животните врвци на Неговите деца.“
Во еден дел од молитвата се наведуваат токму тие јазли:
„Но, се прашуваме ли, кои се овие јазли? Тие се проблемите и битките со кои се соочуваме, а за кои не гледаме никаков излез... јазли на неслога во фамилијата, недостиг на разбирање меѓу родители и деца, непочитување, насилство, јазли на длабоки рани во врските на маж и жена, отсуство на мир и радост во домот. Постојат и јазли на очај и немир на разделени љубовници, распад на семејството, јазли на синот или ќерката кои станале зависници од дрога, болни или отуѓени од Бога, јазли на болест, алкохолизам, абортус, депресија, невработеност, страв, осаменост... Ах, јазлите на нашите животи. Колку само тие ни ја душат душата, нè дотолчуваат и ја предаваат радоста на срцето и не разделуваат од Бoжјото...“
Јазлите ги има во сечија животна врвца.
Но, тука е таа − Богородица, отплеткувачка на јазли. Не мора да сме верници за да го разбереме овој симбол. Доволно е да разбереме дека по секое изгрејсонце доаѓа нов ден. Нов обид. Нова шанса да го разврземе и нашиот личен јазол.
Нека ви се отплеткаат сите јазли што ве мачат. Со среќа. И секогаш − со надеж.