Lifestyle

ИСТРАЖУВАЊЕ: ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА ИМ ОДГОВАРА НА НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ, НО...

Транзицијата кон четиридневна работна недела може да има позитивен ефект врз бизнисот, според резултатите од новата пробна програма во Велика Британија. Во текот на шест месеци, од ноември до април, речиси 1.000 вработени од 17 компании и организации работеле скратена работна недела, со исто ниво на плата и обем на работа.

По завршувањето на пробниот период, сите 17 учесници ја задржале четиридневната работна недела наместо да се вратат на петдневниот режим, објави фондацијата, која го организираше истражувањето, објави CNN.

Со скратено работно време некои компании забележале зголемување на приходите и намален број на денови за боледување во споредба со истиот период од претходната година. На пример, софтверска компанија со седиште во Лондон постигнала скок на приходите од речиси 130 проценти.

Од четирите компании што доставија податоци за приходите, три имаа зголемување, додека една забележа намалување, но во споредба со друг временски период, поточно со шесте месеци пред почетокот на пробната програма.

Исто така, четири организации пријавија помалку денови боледување и отсуство поради лични причини, додека две пријавија зголемување. Авторите на извештајот признаваат дека примерокот е ограничен и истакнуваат дека „наодите се чисто описни и даваат ограничен увид во ефектите од пилот-програмата врз поединечните организации“. 

Од 17-те организации учеснички, осум беа добротворни, невладини и волонтерски организации. Мнозинството се одлучи за четиридневна работна недела, додека пет од нив воведоа модел со девет работни дена за две недели.

Резултатите од ова истражување доаѓаат по слични успешни експерименти во САД, Велика Британија и Германија, каде што вработените пријавија дека се посреќни и поздрави. По голема британска студија од 2022 година, во која учествуваа 61 организација, повеќето од нив сè уште ја задржаа скратената работна недела.

Сепак, не се согласуваат сите со овие наоди. Професорот по јавни политики од Кингс колеџ во Лондон, Мајкл Сандерс, истакнува дека ваквите студии се базираат на самоселекција, бидејќи компаниите учеснички се веќе отворени за промени и мотивирани да ги испробаат. Ова, вели тој, не мора да значи дека истите резултати би се случиле и кај други компании, пренесува Бизнис.рс.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано