Lifestyle
,,Пехчевски Павловден" се слави со песни од дувачки оркестри
12.07.2025
Со настап на „Кверкус Бенд“ и познатите „Џамбо Агушеви“ и „Дејан Петровиќ Биг Бенд“ од Србија, во Пехчево почна традиционалниот Фестивал на дувачки оркестри, што ќе се одржува до недела, паралелно со Етно саемот „Пехчевски Павловден“.
Програмата почна со официјално отворање на фестивалот и Етно саемот.
- Во рамки на фестивалот следуваат настапи на повеќе регионални и интернационални музички состави, меѓу кои и диџеј сетови до раните утрински часови. Во сабота, вториот ден од фестивалот, публиката ќе ужива во детскиот музички фестивал „Поточиња 2025“, како и во настапите на оркестрите од Србија предводени од Владимир Ивановиќ и Даниела Веселиновиќ, како и Brass Brothers. Третиот ден е резервиран за културно-уметнички настапи на фолклорни ансамбли од Македонија и Бугарија, меѓу кои КУД „Димитар Беровски“ од Берово, „Искрици“ од Благоевград и ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари, како и за традиционален црковен ручек, информираа од Општината.
Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански информираше дека за време на фестивалот, паркингот во централното градско подрачје ќе биде затворен поради поставување на панаѓурски содржини.
- Затворањето е неопходно за нормално одвивање на сите активности во рамки на фестивалот и панаѓурот, истакна Китански.
Извор/фото МИА