Lifestyle
ФИЛМ на МЕСЕЦОТ | Ѓорѓи Јаневски: АНОНИМУС
Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник
Економија и бизнис | печатено издание | 01 јуни 2025г.
Музичките биографски филмови често паѓаат под тежината на сопствените очекувања. Тие се обидуваат да ја раскажат приказната на еден уметник – обично познат, комплексен и културлошки значаен – преку конвенционална наративна структура. Многу често резултатот е поистоветување на личноста и на делото. Типичната шема – тешко детство, метеорски подем, личен пад, искупување и триумално враќање − ретко одговара на реалноста на креативниот живот кој е нелинеарен, полн со контрадикции и без јасен крај.
Најчеста грешка е потребата да се „објасни“ музиката. Песните се поврзуваат со драматични настани или лични трауми, сведувајќи ги на биографски фусноти. Креативноста станува нуспојава на страдање или романса наместо форма на размислување, трансформација или културна интеракција. Така мистеријата, комплексноста и сето она што е привлечно во музиката оди во ветер, додека стереотипот владее. Дополнително овие филмови често ги „отстрануваат нечистотиите“ на своите субјекти, особено кога се вклучени семејства или фондации кои се грижат за наследството на уметникот. Политичките, сексуалните и психолошките конотации се исплакнуваат во име на комерцијална прифатливост. Примери има безброј. Еден од поновите и понесреќните е филмот „Боемска рапсодија“ (Bohemian Rhapsody, 2018) за Фреди Меркјури (Freddie Mercury) и Д Квин (The Queеn). Да нe почнувам за ужасната карикатура на Рами Малек (Rami Malek) засилена со дентална протеза и крунисана со Оскар за најдобра машка улога. Никогаш не сум бил некој голем фан на бендот, но филмот е криминал против музиката и човештвото.
Затоа пристапив кон гледањето на „Анонимус“ (A Complete Unknown, 2024) без никакви очекувања, спремен за најлошото. Филмот е лабаво базиран на книгата „Дилан станува електричен!“ (Dylan Goes Electric!, 2015) на авторот Елајџа Волд (Elijah Wald). Косценарист и режисер е Џејмс Манголд (James Mangold), искусен холивудски занаетчија можеби најпознат по филмот „Одење по работ“ (Walk The Line, 2005), биографска драма за Џони Кеш (Johnny Cash) − уште една американска музичка икона.
Филмот ја следи најраната фаза на младиот Боб Дилан, од пристигнувањето во Њујорк и средбата со идолите, преку метеорскиот подем во кој неговите песни и неговата мистика стануваат светска сензација, па сè до контроверзниот електричен рокенрол настап на фолк-фестивалот во Њупорт во 1965 година. Ѕвездената екипа ја сочинуваат Тимоти Шаламе (Timothée Chalamet), Едвард Нортон (Edward Norton), Ел Фанинг (Elle Fanning) и Моника Барбаро (Monica Barbaro).
Создавањето на „Анонимус“ недвосмислено подразбира одговорност кон филмската историја. Во далечната 1967 година премиерно е прикажан документарецот „Не се осврнувај“ (Dont Look Back) на Д. А. Пенебејкер (D. A. Pennebaker) кој започнува таму каде што завршува „Анонимус“. Ова ремек-дело на таканареченото директно кино, кое немирно и спонтано го следи Боб Дилан на неговата англиска турнеја во 1965 година, се смета за еден од најдобрите документарни филмови на сите времиња и истовремено означува зародиш на „рокументарецот“ како жанр.
„Без насока дома: Боб Дилан“ (No Direction Home: Bob Dylan) е маратонски документарен филм од 2005 година, режиран од Мартин Скорсезе, кој го следи животот и неговото влијание врз американската популарна музика и култура од 20 век, градејќи ја приказната преку општествен и политички контекст. Филмот се фокусира на периодот меѓу пристигнувањето на Дилан во Њујорк во јануари 1961 година и неговото „пензионирање“ од турнеите по несреќата со мотоцикл во јули 1966 година и „создава портрет кој е длабок, сочувствителен, перцептивен, а сепак конечно го остава Дилан обвиен во мистерија каде што тој, всушност, живее.“ Во 2019 година, Скорсезе ќе се наврати на Дилан со псевдодокументарецот „Гром што се тркала“ (Rolling Thunder Revue: A Bob Dylan Story by Martin Scorsese).
„Јас не сум таму“ (I’m Not There, 2007) на Тод Хејнс (Todd Haynes) има експериментален пристап, користи нелинеарна нарација и го фрагментира ликот на шест актери и на шест личности инспирирани од музиката и многуте животи на Боб Дилан. Секој лик претставува различен аспект од неговата јавна личност: поет, пророк, одметник, измамник, рокенрол маченик и „ѕвезда на електричната енергија“.
„Анонимус“ избегнува класични биографски наративи и се нурнува во лиминален период на трансформација. Ова е Дилан не како икона или пророк, туку како млад човек вклештен меѓу светови и одговорности. Филмот нѐ става во простор на несигурност без да дава одговори. Уметникот не е решена загатка, туку отворено прашање.
Доделувањето на улогата на Тимоти Шаламе беше пречекано со скепса, но неговата изведба е откровение. Во движењата има проучена лежерност, во говорот внатрешен ритам – тој не имитира, туку втемелува. Го материјализира Дилан со доза на мистериозност и на ранливост, полн со несигурност и скриена самодоверба. Кон тоа придонесува и фактот што самиот тој ги интерпретира неговите песни. Гласот е суров и необработен, одбегнува имитација и допира до нешто подлабоко: ризикот на изведбата во живо. Тоа придонесува кон органското чувство на кохезија на линијата меѓу субјект, содржина и форма.
Какви и да се сценаристичките недостатоци во однос на структурата, на заплетот и на непроѕирниот централен лик, „Анонимус“ предизвикува задоволство преку возбудливите музички секвенци што го движат напред. За публиката со наклонетост кон музиката на Дилан тоа е сосема доволно. За помладите генерации кои допрва ќе го запознаваат и ќе го разоткриваат митот, филмот може да биде убава појдовна точка.