Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | Бенџамин Пасини и Малучи Вивар | креатори на брендот Ла Дистрибуционе
разговараше: Лидија Георгиева | Авторот е дизајнер, редовен професор
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јуни 2025г.
МОЈАТА МИСИЈА БЕШЕ ДА ВЕ ВНЕСАМ ВО МОЈОТ ФИЛМ
Егзотика во чинијата − Недела на перуанска кујна во Скопје
Бенџамин Пасини и Малучи Вивар ги запознав во текот на Неделата на перуанската кујна во ресторанот Форца фјужн, каде што гостуваа неколку дена приготвувајќи ги нивните специјалитети. Кога би посакале експресно да се транспортирате во друга земја не постои поефикасен начин од уживањето во егзотичните вкусови и ароми на храната. Па така, неодамна имавме ретка можност да патуваме во Перу и да вкусиме дел од перуанската гастрономска сцена. Ја искористив можноста да разговарам со гостите шефови, нивната приказна е одење по нови патеки, а тие го засакаа Скопје и посакаа повторно да дојдат.
Го започнавме разговорот со тоа како вашиот бренд стана познат. Па како се случи вашата приказна?
Ла дистрибуционе (La Distribuzione) започна пред 12 години, но само со производи. Тоа беше онлајн продавница за органска храна што ја нарачувате од дома − слично како Амазон, но за храна. Затоа се вика Ла дистрибуционе, затоа што ние дистрибуираме.
Во тимот бевте само вие и вашата сопруга?
Да, почнавме да изложуваме на саеми низ целата земја, а потоа имавме и неколку патувања во други земји. Се инсталиравме по три, четири дена во простори како трговски центри. Започнавме со 30-тина намирници, а сега на нашата онлајн продавница имаме повеќе од 400 производи. Но, луѓето доаѓаа на саемите, дегустираа, нè запознаваа и почнаа да нè следат на Инстаграм, а ние бидејќи живееме надвор од градот во голема фарма со разни животни, во природа, станавме бренд за животен стил.
Значи ли тоа дека, всушност, го продавате вашиот стил на живот?
Да, ако го посетите нашиот инстаграм-профил, ќе видите дека го продаваме само она што го работиме. Го купувате затоа што сакате да вкусите нешто различно, нешто ново. Всушност, брендот беше дизајниран да му помогне на готвачот дома да готви како вистински шеф, можете да готвите за вашето семејство и за пријателите, а јас сум помошникот. Ви помагам да станете најдобриот готвач, со најдобриот вкус во градот.

Тоа е навистина интересен концепт. Како дојдовте на оваа идеја?
Идејата беше дека не сакавме да видиме никого. Штотуку се пензиониравме, имавме онлајн продавница, луѓето можат да прашаат и да готват. Ние споделуваме рецепти, ви кажуваме како одреден производ можете да го користите со одреден сос или тестенина. Но, луѓето почнаа да нè следат и да велат „сакаме дојдеме да јадеме таму на фармата“. Неколку години јас велев не, тоа не е ресторан, тоа е само онлајн продавница. Но, еден ден, пријателка на мојата сопруга дојде од Америка, ѝ беше роденден. По тој повод решивме да направиме нешто посебно за неа, но таа објавуваше на Инстаграм како јаде кај нас. Па така луѓето почнаа повторно да прашуваат: „Можеме ли да дојдеме, да јадеме во Ла дистрибуционе?“
Моравме да смислиме нешто, но не сакавме ресторан. Си рековме, во ред, ги покануваме луѓето кои сакаат да дојдат и им правиме шоу, се натпреваруваме − неколку готвачи се натпреваруваат за најдобро јадење. И луѓето дојдоа, пробуваа многу јадења и беа жири, тоа многу им се допадна.
Исто така можете да одите до реката или да соберете зеленчук, поминувате цел ден со нас во прекрасна природа во планините, се чувствувате внесени во 360 степени амбиент. Мојата мисија беше да ве внесам во мојот филм. Па јас живеам во филм, ви создавам филмско сценарио. А луѓето дојдоа и посакаа да си ги донесат семејството, пријателите, потоа почнаа да доаѓаат секој ден, по 50, 60, иако почнавме само со викенди. И беше како во изреката, ако нешто изградиш, луѓето ќе дојдат. Го знаете филмот Поле на соништата со Кевин Костнер, препорачувам да го гледате.
Потоа луѓето посакаа да спијат до реката, побараа шатор. Реков, не, не, нема шатори. Но, си помислив, во ред, ќе дизајнирам место за спиење затоа што доаѓам од филмска заднина. Мојата работа кога го изградив моето студио пред 20 години беше да градам сетови за филмови. Па така, изградив куќа од стакло внатре во шумата, веднаш покрај реката. Внатрешноста ја наполнив со растенија и со дрвја, со мандарини, со портокали и со лимони. И овие растенија со сите мириси и цвеќиња, тоа беше едно потполно, ултра сензорно искуство. И тогаш секој викенд имавме гости, но вие можевте да останете само ако дојдете да го доживеете искуството. Да, тоа не е хотел. Доаѓате да го доживеете искуството и можете плус да преноќите. Така луѓето не само што доаѓаат за храна и за шоу туку почнаа и да преноќуваат.
Тоа беше најдобриот период во мојот живот, запознав многу интересни луѓе. Почнавме да растеме, растеме, луѓето сакаа да бидат таму. Знаете, тоа е повеќе како вмрежување и на почетокот сите беа од Еквадор, а подоцна почнаа да доаѓаат и од други земји. Местото почна да привлекува навистина убави луѓе кои се на истата фреквенција како нас.
Дали сè уште го имате? Како може да се престојува кај вас?
Да, сè уште го имаме, тоа е само со резервација, многу време однапред. Ние издвојуваме шест месеци турнеи во Европа, три месеци во Еквадор и три месеци турнеи во Јужна Америка.

Прв пат сте во Скопје. Дали имавте време да вкусите локални јадења?
Да, прв пат, но се надевам не и последен. Бевме во Капан ан во Старата чаршија. А на пат кон Солун го пробав и најдоброто јагнешко месо досега, во селото Мрцензи.
Кој е вашиот омилен готвач?
Имам неколку. Ми се допаѓа Масимо Ботура, тој е мојот гуру, да. Ми се допаѓа и Гордон Ремзи, иако е напорен. Но, мислам дека сега кога порасна малку е сменет. Ми се допаѓа неговиот хамбургер во Хародс. Прескап е, но вкусен.
Сакам готвачи за кои никој никогаш не слушнал. На пример, имам многу добар пријател, Патрик, кој порано беше готвач на брод на морнарицата на американската армија, тој готвеше за 4 000 луѓе секој ден. Тоа е готвач! Беше толку добар што адмиралите рекоа, не, не, тој ќе готви само за нас. Тој ми раскажуваше приказни, го обиколуваа Пацификот, а тој пазаруваше за 10 000 долари, само за нас, 20 до 30 луѓе. Беше многу уморен од готвењето за 4 000 луѓе и водењето голема кујна. Така тој ја имаше најдобрата кујна, а јас бев во рајот. Имав своја кујна, мои, убави простории и ја пуштија мојата сопруга да дојде на бродот. Ексклузивно!
Кога велите дека има конкуренција меѓу Перу и Франција на кој сегмент мислите?
Отсекогаш постоело ривалство во светот на рестораните. Франција е постојано на врвот, но Перу полека го зазема своето место. Па дури и од најпрестижното француско училиште за готвење, Кордон блу (Cordon bleu), кои 5 години бараа место во Јужна Америка, решија да отворат филијала за нивното училиште во Лима, Перу. Лима привлекува илјадници посетители, неверојатно е, на една улица пола се ресторани, луѓето трошат половина од платата излегувајќи да јадат, нема проблем. Количината на вкусови и работи што можете да ги најдете, можете да јадете каде било на улица, малку или обилно, но секако е добро. Многу сум среќен што сум роден во Перу и благословен што студирав таму. Но, исто така сум благословен што заминав. Ја знаете изреката, никој не е пророк во својата земја. Мислам дека е така за сите. Морате да излезете од вашата земја за да имате нови искуства.
Малучи Вивар, ве видов во утринска емисија на телевизија и посакав да го вкусам тоа што го подготвивте. Тоа и го нарачав. Го видов и си реков, треба да го вкусам ова.
Ви благодарам многу што го побаравте јадењето. Дали ви се допадна? Со Бенџамин сме секогаш во конкуренција. Поради шоуто, затоа што секогаш се натпреваруваме, се натпреваруваме, истите сме и сега. Многу се сакаме, но постојано сме во конкуренција. Тоа е една од причините зошто почнавме со турнеи, ние веќе имавме многу покани да одиме да готвиме, на пример во Франција, во Обединетото Кралство, но бевме толку зафатени со нашите емисии што не можевме да одиме никаде. Имавме шоу секој викенд, невозможно беше да се оди на турнеја.