Интервјуа

МЕГА ИНТЕРВЈУ | САЊА БОЖИНОВСКА: Воспоставуваме ред, овозможуваме инвестиции и зајакната државна контрола – ја менуваме енергетиката од корен

Мега интервју со Сања Божиновска, министер за енергетика, рударство и минерални суровини

Нема економски развој без енергија. Во тој контекст, новиот Закон за енергетика е еден од најважните системски закони донесен во првата година од владеењето на новата Влада. За новиот закон, за случувањата, за предизвиците и за иднината на енергетскиот сектор на земјава разговараме со Сања Божиновска, министер за енергетика, рударство и минерални суровини.



Новиот Закон за енергетика доби пофалби од Европската енергетска заедница. Кои се клучните придобивки што ги носи овој Закон?

С. Божиновска: Новиот Закон за енергетика претставува еден од најважните системски документи во енергетската транзиција на Македонија и е резултат на интензивна работа, на усогласување со европското законодавство и на препораките на Енергетската заедница.
Овој Закон е основата на новата енергетска слика на Македонија. Отвора простор за големи инвестиции во обновливи извори, го јакне учеството на граѓаните, што ќе донесе фотоволтаици на згради за помали сметки и можност граѓаните да продаваат струја. Законот воведува механизми за енергетска ефикасност и првпат ја адресира енергетската сиромаштија. Новина е и обврската за складирање – секој нов производен капацитет ќе мора да има систем за складирање на електрична енергија, т. е. батерии за најмалку 20 % од инсталираната моќност. За прв пат воведуваме десетгодишен план за развој на преносната мрежа, МЕПСО е под надлежност на Министерството, што значи координиран пристап, плански развој, заштита и државна контрола.
Воведовме обврска 80 % од домаќинствата да имаат паметни броила до 2032 година, што значи јасни сметки, без паушални износи. За прв пат во Законот се регулира и електромобилноста, што треба да доведе до широка мрежа на полначи.
И не е само овој Закон на кој работевме изминатиов период. До крајот на годинава ќе го имаме и законот за обновливи извори, закон за геологија, рударство, закон за јавно-приватно партнерство, концесии и закон за енергетска ефикасност. Целосно го уредуваме енергетскиот систем во земјава согласно најновите европски директиви.

Изјавивте дека во процесот на изработка на новиот закон сте прифатиле околу 60 амандмани на опозицијата. Историски гледано ваквата инклузивност е тотално некарактеристичен потег за оваа средина. Кој е вашиот коментар?

С. Божиновска: Точно е дека при изработка на новиот Закон за енергетика прифативме околу 60 амандмани поднесени од пратеници од опозицијата. Од самиот почеток решивме да работиме инклузивно и систематски , а помалку да гледаме низ призмата на политиканството. Така треба да се работи кога се носат закони што ја засегаат целата економија и се за доброто на сите граѓани и на државава.
Покажавме дека може и поинаку – конструктивно. Покажавме дека државните интереси се над партиските. Тоа беше свесна и принципиелна одлука – затоа што веруваме дека кога се работи на системски решенија што директно влијаат на енергетската сигурност и на животниот стандард на граѓаните − потребен е широк политички консензус. Ние покажавме дека сме подготвени за дијалог и дека енергетиката треба да ја третираме како стратешка, а не политичка тема бидејќи целта ни е функционални и европски закони кои ќе донесат резултат.

Дигитализацијата на економиите и на општествата генерално упатува на потреба од обезбедување поголема количина електрична енергија. Дали за земјава решението е во подобрување на енергетската ефикасност на постојните објекти, изградба на нови капацитети за производство на електрична енергија или комбинација на двете? Што треба да предничи?

С. Божиновска: И двете. Без нови капацитети нема доволно струја и нема стабилност на системот, без ефикасност – трошиме непотребно. Нашата стратегија е паралелна: инвестираме во соларни и во ветерни централи, но истовремено подготвуваме програми за енергетска ефикасност на јавните институции, на училиштата, на болниците. Три проценти од јавните објекти треба да станат енергетски ефикасни – тоа е само почеток. Планот е во изработка и ќе биде готов наскоро.
Потребни ни се нови, современи и пред сè одржливи производни капацитети кои ќе ја зголемат понудата на електрична енергија и ќе ја зацврстат нашата енергетска независност. Затоа инвестираме во фотонапонски централи, во ветерни паркови, а планираме и изградба на когенеративни централи, но и системи за складирање и за паметно управување со енергијата.

Какви се плановите во делот на хидроцентралите? Со децении се зборува за хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. Што можеме реално да очекуваме?

С. Божиновска: „Чебрен“ и „Галиште“ се тест за зрелоста на државава. Четиринаесет неуспешни тендери зборуваат доволно за тоа колку овој проект е комплексен. Блиску сме до одлука за иднината на овој проект. Формиравме експертска работна група која интензивно работеше на процена неколку месеци и постави солидна рамка. Имаме две опции – државен модел или јавно-приватно партнерство. Сакам „Чебрен“ и „Галиште“ да бидат македонски проект, но нема да носиме емоционални одлуки ако реалноста диктира поинаку. Мораме да бидеме одговорни и реални во однос на тоа што можеме финансиски да си дозволиме. Овој проект не е само за производство на електрична енергија туку ќе биде и за наводнување, но и за туризам. Проценките велат дека ваков проект би чинел меѓу 1 до 1,3 милијарди евра – тоа е сериозен повеќегодишен ангажман. Ќе ја избереме најдобрата опција за државава – дали тоа ќе биде 100 % државен проект или ќе вклучиме стратешки партнер под јасно дефинирани услови, но имајќи го државниот интерес како приоритет. Финалната одлука ја очекуваме многу брзо.

Каква е стратегијата за развивање на обновливите извори на енергија? Македонија има 300 сончеви денови годишно. Што ќе се случува кај фотоволтаиците, ветерниците?

С. Божиновска: Македонија конечно се движи со сериозно темпо. Веќе имаме над 1 000 MW инсталирана моќност од обновливи извори на енергија. Клучна разлика во нашиот пристап е тоа што државава не е само регулатор туку и активен инвеститор во зелената транзиција. Со проектите „Битола 1 и 2“ и „Осломеј 2“, локациите на поранешните термоелектрани се претвораат во модерни соларни центри. Ветерниот парк „Богданци“ се проширува, а планираме и изградба на два капитални проекти – сончева фарма од 200 MW и нов ветерен парк од 100 MW кај Миравци.
Но, еднакво важна е и улогата на приватниот сектор. Охрабрени од реформите и од стабилната регулатива, сè повеќе сериозни странски инвеститори го гледаат нашиот енергетски сектор како можност за раст. Нашата стратегија е јасна – државава обезбедува предвидливост и стабилност, додека приватниот сектор носи динамика, технологии и нови капацитети.
Нашава земја има реална шанса да се позиционира како регионален центар за зелена енергија и нема да ја пропуштиме оваа можност.

Има ли земјава преносна мрежа на електрична енергија што е соодветна за „новото“ време? Треба ли нешто да се направи во врска со преносната мрежа? Како да бидеме сигурни дека кај нас нема да се случи сценариото Шпанија и Португалија?

С. Божиновска: Преносната мрежа беше целосно запоставена. Свесни сме дека не можеме да дозволиме непланирана и неконтролирана изградба на нови обновливи извори на енергија. Тоа не би било добро ниту за државава, ниту за енергетскиот систем, ниту, секако, за самите инвеститори, и тоа нема да го дозволиме. Затоа со новиот Закон за енергетика воведовме обврзувачко планирање кое ја носи потребната предвидливост – знаеме што ќе правиме следната година, следните пет и следните десет години. Во тек е изработка на десетгодишен план за развој и мастер план на мрежата со кој ќе утврдиме каде и колку мегавати нови приклучоци можеме да овозможиме. Тоа е клучен процес кој ќе донесе сигурност за целиот систем.
Во тек се и нови инвестиции во мрежата, нова трансформаторска станица ТС Битола 2 која носи сигурност на снабдувањето за: Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп. Активиран е проектот за енергетско поврзување со Албанија – тендерот е објавен, а реализацијата почнува во 2026 година. Проект вреден 17 милиони евра. Се планира нова трансформаторска станица 400/110 kV Милетково, изградба на 400/110 kV ТС Охрид – капитален инфраструктурен проект и за државава и за регионот со што се заокружува електроенергетското поврзување со сите наши соседи. По 9 години застој започна изградбата на подземна оптичка линија Ѓорче Петров – МЕПСО – ТЕТО, проект што штеди пари, ја зголемува сајбер-безбедноста и ја враќа државната контрола врз критичната комуникациска мрежа.
Освен инвестицискиот циклус, работиме координирано за да избегнеме ситуации како оние што се случија во Шпанија и во Португалија. Формиравме ресорска група и внимателно ја следиме состојбата во мрежата. За празниците Велигден и 1 Мај, на пример, за прв пат имавме исклучување на фотоволтаиците од мрежата со цел да ја зачуваме стабилноста. Исто така Законот за енергетика воведува обврска за сите нови енергетски објекти да мора да имаат минимум 20 % од инсталираниот капацитет во батерии или во други системи за складирање енергија, што ќе помогне во балансирањето на мрежата и ќе го зголеми искористувањето на обновливите извори.

За македонските фирми што извезуваат во Европа е многу важно како ќе се справат со новата европска регулатива CBAM. Какво е вашето системско решение за таа ситуација? Што треба да направат фирмите?

С. Божиновска: CBAM е сигнал дека индустријата мора да се менува. Проблемот е што во изминативе години многу малку се направи за навремена подготовка, а сега останува многу краток рок за да се воспостават сите неопходни механизми.
Новите правила ќе значат дополнителен финансиски товар за компаниите што немаат енергетска ефикасност или што користат електрична енергија од фосилни извори. Компаниите што не користат чиста енергија ќе плаќаат повеќе. Но, тие што инвестираат во ефикасност и во обновливи извори ќе останат конкурентни.
Како Министерство активно работиме на создавање услови за компаниите да можат да се приспособат. Еден важен чекор беше воведувањето на гаранции за потекло на електричната енергија, што веќе ги издава МЕМО. Првите вакви гаранции веќе се доделени на АД ЕСМ за енергијата од хидроелектраните „Козјак“, „Вруток“. Ова е само почеток, воспоставуваме систем во кој секоја македонска компанија што сака да биде дел од европскиот пазар ќе има пристап до обновлива енергија, ќе може да обезбеди документирана трага за тоа и со тоа да избегне дополнителни трошоци.
Нашата улога како држава е да ги поддржиме во тој процес – и тоа активно го правиме.

Вашиот ресор во Владата е надлежен за рударството. Од една страна, слушаме за големи потенцијали на рударството и можности за голем девизен прилив од продажба на рудата од рудници што би можеле да се отворат во иднина, а од друга страна слушаме за можните ризици за животната средина. Како гледате вие на иднината на рударството во земјава?

С. Божиновска: Рударството може да донесе сериозен девизен прилив, но без еколошки компромиси. Не бегаме од инвестиции, но бараме технологија што ја штити животната средина. Без таа рамнотежа, нема поддршка. Ќе има рудници само ако се одговорни, одржливи и ако заедниците на локалната самоуправа се во процесот од самиот почеток. За да го регулираме секторот темелно подготвуваме два нови закони, за рударство и за минерални суровини. Имаме редовна комуникација и состаноци со невладините организации. Редовно ги посетувам постојните рудници, но и општините за да ги чујам нивните размислувања.
Ова значи дека новите проекти ќе бидат под лупа – технолошки, еколошки, општествено. Без транспарентност и соработка со локалните заедници – нема зелено светло. Ќе работиме на проекти кои користат модерни технологии за минимизирање на еколошките ризици како што се обновливите извори за енергетскиот капацитет на рудниците, ефикасното управување со отпадот и рехабилитацијата на коповите.
Верувам дека со транспарентност, со одговорност и со соработка можеме да создадеме рударство кое ќе ја поддржи економијата, ќе донесе работни места и ќе ја зачува животната средина за идните генерации.

Министерството што го раководите неодамна ги зголеми надоместоците за концесиите за користење на минерални суровини. Кое е објаснувањето за овој потег?

С. Божиновска: Затоа што имавме убедливо најниски надоместоци во целиот регион и наплатата не беше контролирана. Досегашните услови беа недоволни и нефер. Порано државата губеше, сега ги поставуваме работите на фер и на транспарентни основи. Ова е порака до сите концесионери – нема повеќе евтин пристап до јавни добра без соодветен надоместок.
И веднаш се гледа резултатот. Во првиот квартал од 2025 година наплатени се 247 милиони денари за експлоатација на минерални суровини. Дупло повеќе од лани. Тоа е поголема корист за граѓаните бидејќи парите се враќаат таму каде што треба – повеќе средства за инфраструктура, за енергетска транзиција и за проекти. Истовремено со овој чекор ја јакнеме регулаторната улога на државава и го намалуваме ризикот од прекумерна експлоатација. Воведовме засилени контроли, раскинати се договори со концесионери што не почитуваат обврски. Ред мора да има.

По 25-годишна професионална кариера во приватниот сектор во странство, се вративте во земјава и застанавте на чело на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Дали се исполнија вашите очекувања? Што е она што ви остави најсилен впечаток во изминативе 12 месеци?

С. Божиновска: Најпрвин за мене е голема чест што ја добив можноста да бидам првиот министер во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Тоа беше голем предизвик, но верувам дека моето меѓународно искуство ми помогна да внесам нова динамика, систематичност и ориентираност кон решенија. Со тоа придонесов да се постават темелите за ефикасна и за современа институција.
Нашата работа е препознаена и е поддржана од Брисел, од Вашингтон и од Виена. За релативно кратко време успеавме да ги реактивираме проектите кои беа заглавени со години. Тие сега се движат со забрзано темпо. Особено сум горда што Македонија повторно е позиционирана не само во регионален туку и во меѓународен контекст.
Со започнувањето на изградбата на интерконекторот со Грција отвораме можност Македонија да стане важен транзитен центар за природен гас кон Европа. Тоа ќе донесе нови инвеститори, ќе придонесе за енергетската независност и ќе ја зајакне нашава економија.
Енергетиката е поле во кое резултатите бараат време и посветеност. По седум години занемарување, започнавме да работиме домаќински и со јасна стратегија. Најсилен впечаток ми оставија нашите стручни кадри – посветени, професионални и подготвени да ги реализираат проектите.
Со тимска работа покажавме дека знаеме и дека можеме да изградиме институција која ќе биде пример за успешно водење. Често го повторувам, но ќе истакнам уште еднаш – создаваме Македонија која ќе биде не само енергетски независна туку и извозник на електрична енергија.
Мојата цел не е функцијата сама по себе, туку суштината. Имаме реална шанса да го смениме курсот на македонската енергетика – и нема да ја испуштиме.

Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано