Економија

КОЛУМНА | ЕЛЕНА ПЕТРОВА: Е-ФАКТУРА: Време е за нова фискална култура

Колумна на Елена Петрова, директор на УЈП

Ако дигитализацијата е срцето на модерната економија, тогаш е-фактурата е нејзиниот пулс. Време е хартиените фактури да станат дел од историјата!


Што претставува е-фактурата и зошто токму сега?
Прашање: Хартиените фактури сè уште се реалност во деловниот свет. Зошто токму сега се воведува електронското фактурирање?
Одговор: Затоа што сме подготвени, и технолошки и институционално. Во време кога се стремиме кон ефикасност и транспарентност, хартиените фактури се симбол на една ера што мора да ја оставиме зад нас. Анкетата што ја спроведе Управата за јавни приходи на крајот на јули 2025 година, во која учествуваа 868 економски субјекти, открива дека сегашниот процес на издавање и на обработка на фактури им одзема значителен дел од работното време, особено во периодите на зголемен ангажман на деловната активност. Голем дел од субјектите сè уште работат со полуавтоматизирани системи, а често вклучуваат и повеќе вработени за оваа задача.
Оваа реалност создава непотребен оперативен трошок, можности за грешки и недоволна контрола на податоците.
Компаниите очекуваат редизајниран процес на фактурирање кој ќе им овозможи:
• намалување на административниот товар
• подобрување на внатрешните контроли
• елиминација на хартиени документи и физичко архивирање
• побрза комуникација и сигурност во деловниот промет.
Дојде време фактурата конечно да ја напушти хартијата. Оваа промена веќе започна со новиот систем за е-фактура чиј старт Управата за јавни приходи го најави пред еден месец.

Од хартија до автоматизација
Прашање: Како ќе се менува деловниот процес?
Одговор: Класичната фактура – испечатена, потпишана и испратена по пошта или скенирана и испратена по е-пошта − е симбол за застарени процеси. Со е-фактурата, целиот циклус на фактурирање, од креирање, испорака, потврда, ќе се одвива автоматски, во еден интегриран електронски систем, со јасни протоколи и заштитни механизми. Податоците од фактурите ќе се користат автоматски и во други процеси – книжење, плаќање и евиденција.
Компаниите ќе добијат централизирана платформа, дигитална архива, QR--кодови за верификација и интеграција со сопствените EРП-системи. Резултат? Драстично намалени административни трошоци, зголемена сигурност и контрола внатре и повеќе време за бизнисот и за стратешки одлуки.

Системот во пракса
Прашање: Дигиталните решенија често се перципираат како сложени. Како ќе функционира е-фактурата во практика? Што добиваат компаниите?
Одговор: Е-фактурата е систем кој ќе ја поедностави работата, а ќе ја зголеми контролата. Системот ќе биде интуитивен, безбеден и функционално прилагодлив на потребите на сите компании.
Системот ќе биде флексибилен и ќе одговара на реалните потреби на секоја компанија. Секоја компанија ќе има можност да регистрира овластени лица кои ќе работат со системот за е-фактурирање, со различни нивоа на пристап. Особено важна карактеристика е можноста за конфигурирање на права по сектори или локации, што е суштинско за компании со сложени организациски структури, повеќе продажни места или филијали.
Е-фактурата ќе биде и комерцијален и даночен документ бидејќи ќе ги содржи сите информации потребни за пресметување на даночната обврска. Секоја фактура ќе има QR-код и дигитален потпис. Со тоа ќе се гарантираат валидноста, автентичноста и времетраењето на е-фактурата.
Овој процес воведува нова деловна дисциплина бидејќи времето на „премолчено прифаќање“ или изгубени документи станува минато. За некои типови на услуги – како комуналии, телефонија или јавни претпријатија − експлицитна потврда од купувачот нема да биде потребна со што се избегнува непотребната бирократија.

Највисоки стандарди на безбедност и на доверливост
Прашање: Како ќе се постигне безбедноста како темелна компонента на системот за е-фактурирање?
Одговор: Системот ќе биде имплементиран според највисоките технички и правни стандарди со цел да обезбеди сигурна обработка и чување на финансиските податоци:
• електронски потпис со валиден електронски сертификат
• временски жиг што обезбедува правна важност на моментот на издавање и спречува какво било ретроактивно менување на податоците
• QR-код и други елементи на проверка, кои овозможуваат автоматска и транспарентна верификација на нејзината валидност
• заштитено чување во безбедна дигитална средина до која имаат пристап само овластени субјекти, со строга контрола и логирање на секој пристап
• историја на активности − прегледи, измени и пристапи, што овозможува целосна ревизија и следливост како за интерни контроли така и за потребите на институциите.

Систем достапен и за најмалите
Прашање: Дали системот за е-фактура ќе биде достапен за сите?
Одговор: Честа е загриженоста: „А што со малите бизниси?“ Одговорот е јасен: платформата ќе биде дизајнирана да биде пристапна за сите, од микро фирми до големи корпорации. Управата за јавни приходи ќе понуди бесплатни веб- и мобилни апликации, прирачници, видеоупатства и поддршка преку контакт-центар. Малите компании нема да мора да инвестираат во скапа опрема, ќе имаат сè што им треба за да функционираат рамноправно во новиот систем.
Реална слика за економијата во реално време
Прашање: Какво влијание ќе има овој систем врз фискалниот систем?
Одговор: Новиот систем за електронско фактурирање не означува само крај на класерите, на печатите и на потписите. Овој систем не е само техничка надградба на фактурите што сега ги испраќаме и ги примаме. Тоа е системска реформа која отвора ново поглавје во економијата на Македонија. Тоа е реформа со која не само што дигитализираме еден процес туку ја градиме основата за праведен, за транспарентен и за ефикасен фискален систем.
Еден од клучните предизвици на постојниот систем е времето во кое Управата за јавни приходи доаѓа до даночните податоци – прометите и пресметаниот данок, а тоа е по истекот на месецот или тримесечјето. Е-фактурата ова го надминува со прецизна евиденција, ставка по ставка, за секоја трансакција (промет/продажба) во моментот на нејзиното настанување.
Ова ѝ овозможува на УЈП:
• да врши проактивна проценка на даночните обврски
• да го идентификува потенцијалниот ризик пред тој да стане проблем
• да ја намали потребата од теренски контроли и физичка инспекција
• да креира однапред пополнети ДДВ-пријави.
Дополнително, во координација со Царинската управа, со банки и со други институции, се воспоставуваат канали за автоматизирана размена на податоци, чекор што ја отвора вратата кон целосно дигитална администрација.
Ваквиот систем ја менува логиката на даночната контрола: од реактивна во проактивна.
Воедно ова не само што ќе овозможи прецизна проценка на даночните обврски туку и ќе даде реална слика за економската активност во земјава.

Моќна алатка против сивата економија
Прашање: Фиктивни фирми, нереални трансакции, лажни одбивки – сето тоа се практики кои го оштетуваат буџетот и создаваат нелојална конкуренција. Дали е-фактурата ќе го ограничи просторот за вакви злоупотреби?
Одговор: Апсолутно. Тоа ќе се постигне преку автоматско вкрстување на податоци (со банки, со Царина, со ДДВ пријави), со креирање аларми за сомнителни обрасци и дигитални траги што не можат да се избришат. Е-фактурата е вистинска алатка против сивата економија која ќе овозможи:
• автоматско следење на сомнителни обрасци: фиктивни трансакции, нереални износи, трансфери меѓу поврзани субјекти
• вкрстување на податоци од повеќе извори (фактури, Царина, банки)
• контролни аларми за нереални ДДВ-одбивки, чести кредитни фактури, фактури без соодветни придружни документи.
Оваа транспарентност е директен удар врз сивата економија и чекор напред кон правична деловна средина.

Поглед нанапред: техничка и правна трансформација
Прашање: Што работи УЈП во моментов во креирањето на новиот систем за е-фактурирање?
Во моментов, Управата за јавни приходи работи со избраниот изведувач на дизајнот на самиот систем. Системот ќе биде дизајниран да обезбеди безбедност и правна валидност на електронскиот документ што ќе се генерира. Но, софтверот е само дел од мозаикот.
Управата, во соработка со Министерството за финансии, веќе работи и на нацрт-верзијата на законот за е-фактура. Овој закон ќе го уреди начинот на издавање, елементите на фактурата, нејзиното чување и надзорот врз системот. Паралелно се разгледува и другата правна регулатива која треба да се усогласи.
Особен предизвик е да се креира законско и техничко решение кое ќе овозможи усогласување со Законот за заштита на лични податоци и Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR). Целта е безбедно фактурирање спрема физички лица (пр., за режиски трошоци) и да се намали ризикот за злоупотреба на лични податоци.
На овој начин, Македонија го следи моделот на најразвиените економии кои преку дигитализација не само што го намалуваат оптоварувањето на фирмите и ги зголемуваат јавните приходи туку и ја подобруваат довербата меѓу „актерите“ во системот.

Фокус на соработката
Прашање: Дали компаниите се вклучени, дали процесот значи заедничка изградба на систем што ќе функционира за сите?
Одговор: Управата за јавни приходи обезбеди инклузивен пристап во процесот кој го спроведува. За вистинско разбирање на потребите на компаниите кои ќе бидат корисници на новиот систем, формирани се четири консултативни групи: сметководители, ИТ-компании, е-трговци и специфични даночни обврзници. Од следната недела започнуваат работни средби со јасна намера да се изгради систем кој ќе биде применлив, стабилен и корисен за секој сегмент од економијата.
Ова покажува дека веќе Управата за јавни приходи не се гледа како регулатор од дистанца, туку како партнер во дигиталната трансформација на стопанството.

Заклучок: повик за нова фискална култура
Е-фактурата е повеќе од алатка – таа е симбол на зрелост, на транспарентност и на нова доверба меѓу државата и бизнисот.
Е-фактурата ќе ја редефинира динамиката и комуникацијата меѓу бизнисите, граѓаните и институциите. Со неа ќе влеземе во нова – дигитална нормалност. Нејзиниот успех нема да се мери само во мегабајти, туку и во повеќе време за вистинскиот бизнис, пониски трошоци и зголемена доверба.
Прашањето денес не е „дали“ ќе ја воведеме, туку „како најдобро да го искористиме потенцијалот на е-фактурата“. Е-фактурата не е крајната цел – таа е почетокот на една пофункционална, транспарентна и праведна економија.

ПРЕПОРАЧАНО