Економија
По 50 години Шведска го проширува нуклеарниот капацитет за електрична енергија
25.08.2025
Шведска планира да го прошири својот нуклеарен капацитет за производство на електрична енергија. Електраната Рингхалс на југозападот од земјата ќе има три или пет таканаречени мали модуларни нуклеарни реактори со вкупен капацитет од околу 1.500 мегавати, соопшти владата. Ова е еквивалентно на околу два конвенционални реактори.
„За прв пат по 50 години, во Шведска ќе се изгради нова нуклеарна централа“, изјави премиерот Улф Кристерсон на прес-конференција во четврток, објави АФП.
Скандинавската земја гласаше за постепено укинување на нуклеарната енергија на необврзувачки референдум во 1980 година, а Шведска оттогаш затвори шест од своите 12 застарени нуклеарни реактори.
Во обид да се намали употребата на фосилни горива, повеќето политичари во Шведска ја поддржуваат експанзијата на нуклеарната енергија, заедно со обновливите извори на енергија.
Шведската државна енергетска компанија Ватенфал планира нови реактори да бидат изградени до околу 2035 година. Шесте активни реактори во Шведска моментално обезбедуваат околу 30 проценти од потребите за електрична енергија на земјата.